Сите земји од соседството веќе спроведуваат проекти за дигитализација на архивите на националните телевизиски куќи, со цел зачувување на историското и културно наследство на државите. За жал, тоа не е случај и со Македонија каде што богатите архивски документи можат да се уништат поради негрижа. А ако навистина се случи тоа, нема да биде уништено само тоа што го создавале генерации, оставајќи неизбришливи траги во македонската самобитност, туку ќе снема и дел од македонската историја
Без минато нема ни сегашност, а ни иднина, но како по некое непишано правило ние катаден си го бришеме минатото и, што е најтрагично, никому не му е грижа за тоа.
Последниот црвен аларм го вклучија вработените во Македонската радио-телевизија, врвни ентузијасти и професионалци, кои целиот свој работен век го минале во оваа куќа. Тие апелираат до раководството на МРТ, но и до првите луѓе на државата да ги спаси архивите на телевизијата, кои поради негрижата можат да се уништат. А ако навистина се случи тоа, нема да биде уништено само тоа што го создавале генерации, оставајќи неизбришливи траги во македонската самобитност, туку ќе снема и дел од македонската историја.
И додека веќе десетина години во некои земји во регионот дигитализацијата на архивите на националните ТВ-куќи се одвива речиси без проблеми и со поддршка од државата, кај нас раководството на МРТ вели дека нема пари за овој проект. И така со години: нема средства за квалитетни програми, за оркестрите, фестивалите, за музичката продукција, за ТВ-филмови, шоу-програми, снимање играни серии… Од друга страна, она веќе сработеното, наградувано и пласирано низ светот, забележано на ВХС-касети со ограничен рок на траење, на ленти што лесно се кинат од старост, може многу лесно да исчезне пред нашите очи.
Единствени што во моментот се трудат да зачуваат дел од историјата се неколкумина вработени во МРТ, кои секојдневно апелираат нешто да се стори со богатството што се чува на четвртиот кат на зградата на МРТ, во таканаречените бункери, каде што некогаш врвело од народ.
„Кире Панчевски, Аце Ристевски и Дилавер Мустафа, како и Софија Макриевска и Драгица Лазаревиќ успеаја да спасат дел од играните, документарните, образовните, музичките, дебатните, спортските, како и други програми, со нивна дигитализација, но тоа е само капка во океанот. Во архивата на МТВ е историјата на Македонија. Ова е последен миг да се стори нешто. Запалено е црвеното светло. Аларм и тревога и апел да ѝ го вратиме достоинството на МТВ!“, апелираат вработените во националниот сервис.
А пред девет години почна оптимистички проектот за дигитализација на архивата на МРТ и досега се обработени една третина од зачуваните ТВ-проекти. Но другите две третини ја немаа(т) таа среќа. Освен тоа, некои документи своевремено се однесени од МРТ, како и
друга техника, без ничија одговорност, а камоли санкции. Впрочем, кога во нашата земја некој одговарал за културен геноцид.
А како се чуваат архивите во националните куќи во соседството?
На пример, сите архиви на Радио-телевизија Србија, кои содржат над 200.000 часа програма, како и други аудиодокументи, од 2018 година се дигитализираат во три фази, а цената на овој мегапроект е 6.300.000 евра. Учествува самата телевизија, со поткрепа од буџетски средства, а конкурирале и за европски фондови во соработка со Министерството за култура.
Хрватската дигитализација на архивите на ХРТ, најголемата аудиовизуелна ризница на поновата хрватска историја, е една од најважните цели на проектот „е-Култура – Дигитализација на културното наследство“, во чии рамки е набавен нов скенер и најавен е амбициозен рок – да финишира дигитализацијата на целиот материјал за пет години. Во Словенија, очекувано состојбата е најдобра. РТВ Словенија во своите архивски збирки чува обемен дел од културното наследство на словенечкиот народ, со над 300.000 единици. РТВ Словенија го почнала зачувувањето на скапоцената архивска граѓа уште во 2003 година со подготовката на нацрт-план за дигитализација. За таа цел е создадена Медиатека, каде што се чуваат сите звучни и аудиовизуелни сведоштва, создадени во минатото, но и оние новите што се дел од сегашната продукција на оваа современа телевизиска куќа.
И наместо пример да ни бидат проектите од соседството, каде што исто така во посебни емисии се прикажува и најдобро сработеното во минатото, за жал, нема ништо од сето тоа. Националната телевизија наместо да прикажува емисии, кои ќе бидат своевиден времеплов, со разни серии, ТВ-филмови, детски емисии, концерти, интервјуа, документарци, серијали во кои ќе се потсетиме на музиката забележана во фонотеката и нототеката создадена од македонски автори, никој не презема нешто барем да се спаси она што сѐ уште може да се зачува.
Сето ова навистина звучи парадоксално, бидејќи ако без да ни трепне окото ја бришеме сопствената историја, минатиот труд на илјадници ентузијасти, како тогаш да очекуваме, по една таква деструктивност и зачудувачки порив за континуирано самоуништување, другите да нѐ почитуваат?!
До кога ќе им оставаме дупки во историјата и бели страници на идните генерации? Се прашува ли некој што е поважно од зачувувањето на сопственото минато, историја, национална гордост?
А ако една институција го носи името национален сервис, никогаш не смее да ги заборави или уште полошо омаловажи националните интереси.
Затоа што поскоро, со поддршка на државата и на надлежните институции треба да се продолжи со дигитализацијата на архивите на МРТ, за да имаме што да им оставиме на идните поколенија.