Конечно светло во тунелот на ЕУ

Реакцијата на Словачка, Чешка и на Австрија на апсурдните бугарски уцени за Македонија, преку ставот дека „премногу ѝ се попушта на Бугарија“, на некој начин е повеќе и порака од новите земји на Унијата до оние земји што се сметаат за „чувари на европските вредности“, дека со удоволување на, навидум незагрозувачки за нив, каприциозни барања на земјите-членки, всушност ЕУ тоне сѐ подлабоко во компромитацијата на сопствените фундаментални принципи

Играта со апсурди и уцени што Бугарија ѝ ја наметна на ЕУ во однос на политиката на проширувањето се чини конечно е јавно демаскирана, барем од три земји-членки на Унијата. Словачка, Чешка и Австрија со неприфаќањето на ревидираните заклучоци (по барање на Бугарија) во извештајот на Советот на ЕУ за Западен Балкан ѝ дадоа освестувачки сигнал на Европа дека опасно скршнува од патот на своите фундаментални принципи и вредности, попуштајќи им на каприците на своите земји-членки. Овие три-членки на ЕУ изразија несогласување со „компромисната формулација“ во членот 8 од заклучоците за Западен Балкан, смислена од германското претседателство за задоволување на бугарските барања, дека треба да се избегнуваат „изјави и работи што негативно ќе влијаат на добрососедските односи и мирното решавањето на споровите“, т.е. преку имплементација на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија „да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешно толкување на историјата.“
Чешка и Словачка своите принципиелни позиции по ова прашање потоа и официјално ги презентираа преку заедничко соопштение, во кое официјално потврдуваат дека не можат да се согласат со заклучоците предложени од германското претседателство. Официјална Прага и Братислава дипломатски му се заблагодаруваат на германското претседателство за обидите да се најде компромис со Бугарија за заклучоците за проширувањето, но сметаат дека тие се неприфатливи и претставуваат опасен политички преседан за процесот. Во соопштението се потсетува дека заклучоците за Советот на ЕУ треба да „испратат обединета порака“ и имаат директни последици врз иднината на процесот на проширување.

Според министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, „текстот каков што е содржи елементи, вклучувајќи го и поимот за фалсификување на историјата, кои сметаме дека ќе бидат многу штетни за процесот на проширување и може потенцијално да донесат повеќе компликации во иднина“. Двете земји предупредуваат дека оваа формулација поврзана за историјата не е предмет за Европската Унија и дека не ѝ припаѓа на ЕУ да суди кој како се идентификува и каков јазик говори. „Овие прашања им припаѓаат на засегнатите страни и тука сме да им помогнеме со нашето искуство во овој процес на лекување“, децидно и принципиелно се наведува во соопштението на двете земји-членки на ЕУ, кое на своевиден начин претставува блокада на блокирачките барања на Бугарија, содржани во ветото за Македонија. Сериозноста на својата реакцијата на предложените заклучоци, Чешка и Словачка ја истакнуваат со барањето текст од заедничкото соопштени да им биде поднесен на министрите, а не на амбасадорите, со оглед на чувствителноста на темата и процесот.
Европските аналитичари, запознаени со високиот напон во македонско-бугарските односи токму поради историско-идентитетските уцени на Бугарија, сметаат дека реакциите на незадоволство во Македонија од формулацијата „погрешно толкување на историјата“ во годинешните заклучоци на ЕУ наишле на прием кај барем три земји-членки и ги активирале нивната совест и принципиелност во однос на придржување до темелните европски вредности.

Ноторниот факт дека Македонија веќе 15 години се прпелка пред портите на ЕУ со статусот земја-кандидат, со постојано блокирање на почетокот на преговорите за членство од причини што воопшто не се поврзани со Копенхашките критериуми за проширување на Унијата, освен што создаде почва за дефетистички политики во земјата спрема соседите (што резултира со асиметрични добрососедски договори), сериозно ја поткопа и веродостојноста на ЕУ спрема своите вредности. Иако ЕУ постојано (дипломатски завиено, а понекогаш и надмено) ги „прекорува“ земјите-кандидати за незадоволително ниво на европски вредности, во односот спрема Македонија самата е доведена до работ на политикантското лицемерство. И покрај (навистина неформални) ветувања дека со решавањето на спорот со Грција и официјалниот прием во НАТО, Македонија ќе ги почне преговорите за членство, веќе две години по исполнувањето на тие „неформални“ и контроверзни услови, ЕУ толерира и наоѓа нови причини за блокирање на македонските евроинтеграции. Поставувањето на националните интереси пред декларираните заеднички интереси на ЕУ (некогаш арогантно, другпат помеко и тајно), обично карактеристично за старите земји-членки на Унијата, сѐ почесто е причина за развивање аргументи за поткрепа на евроскептицизмот надвор, но и внатре во Унијата. Реакцијата на Словачка, Чешка и на Австрија на апсурдните бугарски уцени за Македонија, преку ставот дека „премногу ѝ се попушта на Бугарија“, на некој начин е повеќе и порака од новите земји на Унијата до оние земји што се сметаат за „чувари на европските вредности“, дека со удоволување на, навидум незагрозувачки за нив, каприциозни барања на земјите-членки, всушност ЕУ тоне сѐ подлабоко во компромитацијата на сопствените фундаментални принципи.

Ваквото однесување на ЕУ во изминативе 15 години спрема Македонија одеше во прилог на креирање политика на попустливост спрема соседите, која (не)сериозно доведе до преиспитување на историско-идентитетската матрица на државата до висок степен на загрозеност од соседското негирање. Ако таквиот политички дефетизам предизвика сѐ уште нерешени контроверзии во македонското општество по Преспанскиот договор со Грција, „новите“ бугарски уцени за ЕУ предизвикуваат сѐ поедногласен јавен револт во Македонија. Со сето разбирање за другите „поважни“ приоритети на ЕУ за нејзината сопствена иднина и надменост во односите спрема регионот наречен Западен Балкан и особено спрема Македонија, сепак на Унијата ѝ е потребно самата посериозно да се наврати на сопствените вредносни принципи. Словачка, Чешка и Австрија го дадоа тој сигнал со блокирање на блокадата на Бугарија за Македонија. Истовремено, а можеби уште поважно, упатија и порака до Македонија дека не смее да се предаде на дефетизмот во прифаќање непринципиелни и неразумни уцени на соседите, само за да биде во друштво на еден (не)принципиелен сојуз.