Во таа насока вистинското прашање не е дали и колку се медиумите слободни, туку за што се слободни? Зашто во принцип слободата постои онолку колку што самите сте подготвени да се изборите за неа и да дојдете до неа. Истото важи и за вистината. Но наместо борба за почитување на професионални новинарски стандарди, потрага по факти и веродостојни информации, честопати јавноста, и домашната и регионалната, влегуваше во замката на лажни вести и фабрикувани информации
Лошите услови за новинарската професија и во регионот и кај нас не се новина и тие постојат со години. Поаѓајќи од таму со неверување и доза резервираност домашната јавност ја прими веста дека Македонија, всушност, напреднала на последниот светски индекс и извештај за слободата на медиумите на „Репортери без граници“ (РСФ). Така, во најновото бодување за слободата на медиумите сме напреднале за 14 места погоре во однос на претходниот извештај и сега сме на 95-то место. Дали ова место треба да се слави како успех.
Веднаш стручната фела почна да говори дека ова е добро, но оти медиумската сфера допрва треба да се унапредува. Сепак, пред да почнат фалбите дома, но и надвор задолжително е да се објасни убаво како се создава оваа перцепција за слободата во медиумите во Македонија, но и да се слушне каква е состојбата во медиумите тука и да се прочита делот во извештајот на РСФ дека само два од 59 регистрирани напади врз новинари во последните години биле предмет на истрага и добиле завршница.
Легитимно е овде да се постави прашањето впрочем, кој, всушност, и како ја создава перцепцијата за медиумите и нивната работа во земјава. Ако перцепцијата за состојбата во медиумите ја креираат сајтови, медиуми без кредибилитет, без историјат во работата и без професионалност, всушност, можеме првично да кажеме дека Македонија има уште многу работа и многу чекори да изоди за да ја фати трасата на развиените демократии и општества кон кои целиме во ЕУ и Брисел константно нѐ критикува.
Но да се вратиме на сегашните бројки и на поранешните тврдења. Навистина, има видно помалку напади врз новинарите, ама неказнивоста за насилството сѐ уште е правило, а не исклучок. Реформските медиумски закони се сработени, ама уште не се донесени, а јавниот сервис уште скита. Цензура и автоцензура се уште постои во некои медиуми. Голем број новинари изминатиот период останаа без работа или без регулиран статус. Во таа насока вистинското прашање не е дали и колку се медиумите слободни, туку за што се слободни?
Зашто во принцип слободата постои онолку колку што самите сте подготвени да се изборите за неа и да дојдете до неа. Истото важи и за вистината. Но наместо борба за почитување на професионални новинарски стандарди, потрага по факти и веродостојни информации, честопати јавноста, и домашната и регионалната, влегуваше во замката на лажни вести и фабрикувани информации.
Дали новинарите кај нас сакаат да бидат слободни да мислат, пред сè, на професионалните стандарди за објективност и вистина и во интерес на јавноста?
Зашто на крајот на краиштата медиумите и новинарската професија се сериозна работа и голема одговорност и тука не се дозволени какви било импровизации.
По сето тоа, причината за проблемот експертите ја гледаат во недостигот од демократски капацитет во земјава.
Од друга страна, и нивото на медиумите што ќе влијае и врз идните рангирања се издигнува само преку професионален однос, почитување на новинарските стандарди и дејствување во функција на поширокиот јавен интерес. Тоа, секако, го знаат медиумите со традиција, искусните редакции со професионалци во своите редови и тие така и се однесуваат.
Во таа насока многу е значајна медиумската писменост како заштита и брана од влијанието на лажните вести. Во превод за обичниот граѓанин, тоа значи дека треба да се подигне општествената писменост преку учење техники како да се препознаат одредени лажни информации и непрофесионални медиуми, како да се препознае изворот, дали тој е верификуван и потврден од два или три извори и слично.
Заклучокот е дека во Македонија подобрување на слободата на медиумите може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за аналитички пристап, разбирање и критичка оцена на понудените содржини.
Запирањето на падот на новинарските стандарди и слободата на медиумите е можно со високопрофесионален приод од сите инволвирани страни, силни етички стандарди и саморегулација, која ќе се спроведува без компромиси.