Златни рипки во униформи на глинени гулаби

Знаејќи дека при големи макљажи, најмалку од две страни (исток и југ), ќе ни се вдадат соседиве да нè истребуваат, оти за нив и онака не постоиме, имаме ли ние идеја, план, некаква стратегија што да правиме? Знам дека немаме, ама не е лошо и на таа тема малку (ако се прашувам јас треба многу) да размислуваме. Ако ништо друго, од историјата да учиме. Подобро е како во Втората светска војна да бидеме барем некако организирани отколку како во онаа претходната да се убиваме меѓу себе во туѓи униформи за нечии интереси

Што може да заклучиме? ВМРО-ДПМНЕ е националистичка партија полна албанофобија, не го почитува Нордистан и ќе нè скара со сите соседи, при што ќе почне војна со Грција и Грците ќе ни воведат ембарго, Европа ќе ни каже фак оф, па ЕУ ќе ни врати визи, со што ќе нè изолирани засекогаш, бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ се мачиња што глумат лавови, извршија национално предавство затоа што за нив Нордистан е реалност, а „одозгора на тога“ сè им дадоа на Албанците и сега ќе ѝ се упикуваат на ЕУ ставајќи ги Бугарите во Устав. Реченицава нема логика, ама бидејќи ова е Нордистан, значи дека е крајно логична. Важно е да се заклучи дека од ВМРО-ДПМНЕ уште не почнале власт, ама донесоа режим, па слободата на говор веднаш стана говор на омраза, а не како со СДСМ, кога говорот на омраза беше слобода на говор и креативна слобода. Оваа интересна појава не доаѓа од фактот дека во Нордистан сите вредности се изопачени, туку од диктаторските пориви на небањатите вмроовци и затоа, за нив, најдемократски, некои прашања не заслужуваат одговори, туку кривични пријави. На пример, прашањето, добро… зошто?
Затоа се јави и Јоханес Хан. Загрижен е за состојбата во Нордистан. Веројатно веќе сонува „балкански методи“, кои треба што поскоро да се испорачаат, зашто диктатурата уште не почнала, но трае, што секако е логично, бидејќи е апсурдно, ама важно има рима што мене како поет секогаш ме радува. Јоханес Хан го спасува Нордистан, од страшниот диктаторски вмроовски бран, а јас си свиркам „кан-кан“.
Русјаков, како не ти е срам! Добро, зошто… срам? Срам, срам… од ДПМНЕ почнаа диктатура уште недојдени на власт, а ти одма го зеде мегафонот во раце и… и денес кога станувам мегафон на власта, давам чесен… не, глупо е магафон кога почнува Европско првенство во фудбал. Значи, денес кога станувам вувузела на власта… довршете си ја сами реченицата, оти и онака многумина знаат повеќе за мене отколку јас самиот, а штом знаеш повеќе за мене (од мене), повеќе се нервираш (од мене). Фер инаф!

Откако ги решивме овие политичко-психоаналитички дилеми, може да одиме понатаму. Европската Унија имаше избори. На наш политички јазик преведено, победија демохристијаните од ВМРО-ДПМНЕ, социјалистичката СДСМ доживеа дебакл, а екстремните десничари од Левица се во силен пораст. Сега пуштете ЕПП и дајте да се опуштиме со досадни реклами што продаваат ветер и магла. А-ха, така ги доживувам европските избори, како продавање ветер и магла. Нашиот парламент барем ќе носи некакви закони, овој европскиот е Потемкиново село. Поим немам зошто го избираат и каква функција има. Ниту муабетите таму некој ги есапи, ниту нивните одлуки имаат некакво практично значење. Затоа, кога на вести ни покажуваат кадри од тој нивен парламент, најчесто сликата изгледа како фајронт во кафеана. Има седум-осум лика што нешто дрдорат, бамборат, блебетат и други интересни македонски зборовни конструкции за да се каже дека млатат празна слама.
Хм, млатење празна слама… е па, тоа е. Не знам што толку сите шокирани од резултатите на европските избори кога ене ја Урси фон дер Лејен истопорена на чело, значи ништо не се менува, ќе продолжат да се млатат (празна слама) со Русите. Пак ќе слушаме муабети за чипови од миксери и руски лопати. Додека не завршат ЕПП-рекламите, па да почне оној филмот за третата светска војна. Што било шокантно? Ааа, екстремната десница е во пораст, е па, добро ако е така, значи ќе има екстремно млатење (празна слама) со Русите. Не знам за вас, ама јас го имам она глупо чувство дека таа фамозна екстремна десница е во пораст едно петнаесет години. Сакам да ви кажам дека муабетиве околу ЕУ и нејзината екстремна планетарна небитност, сеедно кој е во пораст, ми се екстремно глупи и досадни. Дајте ваму да видиме изборите во САД за да знаеме кој стварно ќе нè владее. И нас тука во Нордистан, и таму, во екстремно небитната приказна, наречена ЕУ.
Уф, избори во САД. Таму некаде во ноември. Ние тука веројатно ќе се занимаваме со „свирчиња во уста“, „нема правда, нема мир“, „ќе си лежите“ и други крајно оригинални шарени пискотници од урбани луѓенца и сето тоа меѓу два преса со прислушувани муабети каде што ќе слушаме „страшни“ вмроовски гласови. Нас, како златни рипки, секако дека сето тоа првпат ќе ни се случува. Значи, САД, ноември, избори… Ауу, каков избор имаат Американците. Едниот ѝ плаќал кеш на порноглумица за мадам Сторми да не кажува што правеле во постела (стварно, што, по ѓаволите, правеле?), па изгледа дека овалната соба ќе ја ребрендира во овална ќелија, а другиот, освен што се гушка со зајчиња, се ракува со невидливи луѓе, кои веројатно потоа внесуваат кокаин во Белата куќа, има и син на кој малку му е што ја поседува пола Украина, па морал и нелегално оружје да купува, иако неговиот татко не го загрижува тоа, затоа што кога ќе го види, сигурно си мисли дека гледа во Хантер Томсон, син на она ѓубре Доналд. Проблемот е што кој и да победи, веројатно ќе мора да ни каже дека третата светска војна е неизбежна приказна. Трамп демек е спремен да ја запре војната во Украина, ама пак нема никаков проблем да се распука со Кина, што исто му доаѓа, а Џо може и не знае дека има војна, но неговата администрација, во напад на губитнички очај, секако ќе ја запали планетата. Истовремено, и едниот и другиот баш ги заболе за геноцидот во Газа, па ОН ќе мораат да донесат резолуција за… па за геноцидот што Мао Ѕетунг го спровел за време на културната револуција. Да не случајно некој заборавил на Мао додека Израел има право да си ја брани територијата од оние деца што еден ден може да пораснат.

Оттука, ми доаѓа едно прашање за вмроовците. Добро, зошш… не, друго прашање. Има ли ВМРО-ДПМНЕ како идна власт некаква идеја што ќе правиме ако тргнат овие луди моќни сили да ја завршуваат нашата планетарна приказна? Одговорот, ама ние сме НАТО и ќе ја следиме нивната стратегија, не ме задоволува, оти тоа значи дека ќе завршиме на источниот фронт, а колку сме военоспособни сигурно, како златни рипки, веднаш ќе ни облечат униформи на глинени гулаби. Тоа не значи дека треба да ја избереме другата страна, оти и тоа е карта во еден правец за источен фронт. Оттука и прашањето, знаејќи дека при големи макљажи, најмалку од две страни (исток и југ), ќе ни се вдадат соседиве да нè истребуваат, оти за нив и онака не постоиме, имаме ли ние идеја, план, некаква стратегија што да правиме? Знам дека немаме, ама не е лошо и на таа тема малку (ако се прашувам јас треба многу) да размислуваме. Ако ништо друго, од историјата да учиме. Подобро е како во Втората светска војна да бидеме барем некако организирани отколку како во онаа претходната да се убиваме меѓу себе во туѓи униформи за нечии интереси.