Збогување со Михаил Горбачов и со неговата историска епоха

Михаил Горбачов си замина од историската сцена баш во истата 2022 година кога конечно си замина и историската епоха што тој ја започна со своите реформи. Ќе помине уште долго време пред историјата да даде конечен суд за неговиот живот, дела и конечен печат врз човештвото. Меѓутоа, за неговите современици и за денешните жители на постсоцијалистичките земји, Михаил Горбачов ќе остане вечен паметник на умната поговорка дека „патот кон пеколот е поплочен со добри намери“

Која ќе биде оставината на Михаил Горбачов за светската историја? Во вторникот почина Михаил Горбачов, последниот генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, но и првиот и последен претседател на СССР. Да биде иронијата на историјата уште поголема, со Горбачов си замина и идејата за еден поинаков свет што тој му ја претстави на човештвото како своја визија.
Историјата нема да биде нежна кога ќе го оценува Горбачов. Од една страна, тој успеа за момент да ги собере сите надежи на жителите на СССР и на источниот блок за една подобра утрешнина, за демократски, хуман и праведен свет, но, од друга страна, токму врз него се истури разочарувањето за сите изневерени очекувања на граѓаните на постсоцијализмот, од Владивосток до Берлин, вклучувајќи и на некогашната неврзана социјалистичка Југославија.
Илјада деветстотини осумдесет и деветта година (1989) беше прогласена за annus mirabilis во Европа. Како кула од карти за само шест месеци се срушија сите реалсоцијалистички политички режими, од Балтикот (Полска), па сè до Црно Море (Романија и Бугарија). Своевидна кулминација на тој процес дојде на 8 декември 1991 година кога со Беловешкиот договор, Руската Федерација, Украина и Белорусија го поништија Советскиот Сојуз и ја прогласија својата независност. Тоа беше, најверојатно, еден од единствените случаи во светската историја кога центарот (Руската Федерација) се отцепи од сојузот.

Во овој краток период на светската историја од само две години, картата на Европа доживеа ново прецртување, заврши Студената војна и беа укинати сите институции на советската хегемонија врз земјите од европскиот исток, пред сè Варшавскиот договор (1955 – 1991) и Советот за заемна економска помош (1949 – 1991), а се распаднаа и реалсоцијалистички федерации – СФРЈ (1991), СССР (1991) и малку надвор од овој период и ЧССР (1992). Преобразбата на Европа имаше несогледливи последици за политиката, економијата и културата на континентот. Европа и светот зачекорија во ерата на глобализацијата, која заврши на 24 февруари 2022 година со руската инвазија врз Украина.
Процесот на демократизација во земјите од реалсоцијализмот започна во самиот центар, односно во Советскиот Сојуз. Во 1985 година, Политбирото на Комунистичката партија на СССР го избира Михаил Горбачов, најмладиот член на ова тело, за нов генерален секретар на партијата. Соочен со внатрешните проблеми во земјата, Горбачов веднаш го започнува реформскиот процес, наречен ускорение (забрзување), а составен од перестројката (воведување пазарни елементи во економијата), гласноста (зачекорување кон слобода на изразувањето), ново промислување (промена на идеологизираната надворешна политика) и демократизација (политичка промена на системот). Покрај тоа, односот кон земјите-членки на Варшавскиот пакт се менува, па наместо доктрината на Брежњев, неприкосновено право на СССР да интервенира во која било земја од социјалистичкиот блок доколку бидат загрозени основните постулати на реалсоцијализмот, се раѓа доктрината на Синатра, односно давање слобода на граѓаните на земјите од пактот слободно да си го избираат политичкиот систем.
Реформите на Горбачов во самиот центар на реалсоцијализмот ќе предизвикаат тектонски промени во Централна, Источна и во Југоисточна Европа. Падот на реалсоцијализмот во Централна, Источна и во Југоисточна Европа беше разбран и како една своевидна кулминација на „третиот бран на демократизацијата“. Според Самјуел Хантингтон, овој бран започнува во 1974 година со Каранфилската револуција во Португалија, со шпанската транзиција (la Transición) и со грчката преобразба (metapolitefsi) по падот на режимот на полковниците.

Меѓутоа, падот на реалсоцијализмот имаше и своја мрачна страна. Насекаде низ постсоцијализмот се случија безработица, пораст на невработеноста, приватизација на некогашниот општествен или државен капитал, каде што милиони граѓани засекогаш го изгубија своето работно место, а со тоа и своето достоинство, статус во општеството и способност долгорочно да го планираат својот живот и благосостојбата на сопственото семејство. Еден грст победници од преобразбата во постсоцијализмот веднаш фатија приклучок со победниците од глобализацијата во западниот свет, меѓутоа останаа цели армии осиромашени припадници на некогашната социјалистичка средна класа, разорената и беспомошна работничка класа, некогаш гордата владејачка класа во реалсоцијализмот и огромни океани на сиромаштија, заглавена во сивата постсоцијалистичка бесперспективност или во шарената и блескава западна имигрантска бесперспективност. Падот на реалсоцијализмот доведе и до рушење на некогаш густите социјални мрежи на бесплатно здравство, школство и други социјални додатоци за граѓаните на некогашниот Источен блок, зголемени стапки на алкохолизам, семејно насилство, разводи, драматичен пад на животниот век, посебно на мажите, како и масовна преселба од европскиот постсоцијалистички исток кон европскиот неокапиталистички запад. Токму оваа оставина на Михаил Горбачов е секојдневно физичко потсетување на изневерените очекувања од неговите реформи, во форма на градови духови, целосно иселени или населени со луѓе призраци, старци и старици заробени во постсоцијалистичката бедотија. Овие „музеи на преобразбата“ под небо се расеани насекаде, од некогашната ДДР, па до Сибир.
Но, за жал, преобразбата и демократизацијата некаде завршија со крвави меѓуетнички војни, од Нагорно Карабах и другите точки на Кавказ во доцните 1980–ти, преку крвавите постјугословенски 1990–ти, па сè до актуелната војна во Украина. За волја на вистината, Михаил Горбачов постојано ја критикуваше брзоплетоста со која некои политичари влегоа во разградување на некогашните СССР, СФРЈ и ЧССР. Тој дури тврдеше дека Елцин го укина Советскиот Сојуз само за да му ја одземе функцијата претседател на СССР, без воопшто да мисли на долгорочните последици од тој експресен распад. Актуелната војна во Украина е најлошата и најкрвава епизода од распадот на некогашниот СССР, но веројатно е и далеку од последен чин на овој процес (останува само да се надевам дека е последна крвава епизода).
Демократизацијата, пак, остана недостижен идеал за постсоцијалистичкиот простор. Насекаде во некогашниот источен блок клатното никогаш одлучно не се придвижи кон конечна демократизација, туку постојано осцилираше од демократија кон авторитаризам, со сите општествени и политички болести на преобразбата во форма на растечка нееднаквост, корупција, партизација, непотизам, кронизам, злоупотреба на политичка моќ, злоупотреба на економската моќ и така натаму. Се чини дека дури и искрата на слободата на изразувањето од почетоците на гласноста во Источниот блок, веднаш се угаси во игрите на моќ помеѓу новите политички чинители и растечките економски интереси.

Еден од тие историски текови што ги започна Михаил Горбачов со гласноста и перестројката заврши и на Балканот, со распадот на Југославија, со македонската независност, македонската економска преобразба, воената 2001 година и Охридскиот договор, погубниот Преспански договор и актуелниот македонско–бугарски конфликт, најновото копиле на мрачната страна на преобразбата.
Михаил Горбачов си замина од историската сцена баш во истата 2022 година кога конечно си замина и историската епоха што тој ја започна со своите реформи. Ќе потрае уште долго време пред историјата да даде конечен суд за неговиот живот, дела и конечен печат врз човештвото. Меѓутоа, за неговите современици и за денешните жители на постсоцијалистичките земји, Михаил Горбачов ќе остане вечен паметник на умната поговорка дека „патот кон пеколот е поплочен со добри намери“. Никој не може да му ги спори храброста и одважноста да се спротивстави на бирократската зачмаеност на некогашниот СССР и храбро да тргне во негова преобразба. Но иако Михаил Горбачов, како убеден советски патриот и приврзаник на социјализмот, сакаше да го реформира својот СССР и да изгради хуман и безбеден свет, некаде попатно засекогаш го изгуби Советскиот Сојуз и отпочна процеси што го изродија денешниот чудовиштен свет.
„Много хтео, много започео“ велат Србите…

Автор: Ивица Боцевски