За енергетската криза во Македонија – штедење итно

Минатата година, некаде во летото, се појавија информации дека ќе дојде до енергетска криза во светски размери. Непoсредно пред почетокот на грејната сезона (во октомври) почна и енергетската криза, најмногу со покачување на цената на електричната енергија, но и на сите видови горива, а особено на природниот гас. Војната во Украина, која почна во февруари 2022 г., уште повеќе ја усложни енергетската криза.
Електрична енергија и горива има во секое време, иако е енергетска криза, ама цените се многу високи! Оние што произведуваат и тргуваат со гас, нафта и електрична енергија остваруваат огромни профити. Многумина мислат дека најголем произведувач на природен гас е Русија или некоја арапска земја. Не, најголем произведувач на гас во светот се САД, почнувајќи од 2010 година, а користејќи ја технологијата на експлоатaција од шкрилци.
Но да се осврнеме на енергетската ситуација во Република Македонија. Во минатите децении беа донесени неколку стратегии за енергетски развој, но предвидените планови не се реализираа. Сегашнава влада и другите надлежни институции во енергетскиот сектор не реагираа соодветно и при најавите и при почетокот на енергетската криза. Како пример ќе ја спомнам состојбата со ископот на јаглен во РЕК Битола. Наместо зголемени количества на јаглен во депонијата на почетокот на грејната сезона, имаше невообичаено мали количества. Покрај тоа, техничката состојба на блоковите за производство на електрична енергија не беше на ниво за сигурна и непрекината работа, па имаше повремени прекини, а третиот блок е во дефект веќе неколку месеци. Поради тоа, количеството на произведена електрична енергија беше/е намалено и државата мора да увезува електрична енергија по многу високи цени.

Сакам да укажам дека извесно ублажување на сегашнава енергетска состојба може да се постигне ако поголемо внимание се посвети на примена на мерки за енергетска ефикасност (ЕЕ). Енергетската ефикасност може да се сфати како најевтино гориво. Бидејќи постои тренд за зголемување на ЕЕ во светот поради борбата против климатските промени, а особено во земјите на ЕУ, Македонија има донесено голем број закони и прописи, всушност направена е сообразност со документите од ЕУ. Постојат: Закон за енергетска ефикасност (2020 г.), Правилник за енергетски карактеристики на зградите (2013), Правилник за енергетска контрола (2013) и др. Покрај тоа, Владата има обврска да донесува и национален акциски план за енергетска ефикасност, во тек е 4-от, за периодот од 2020 до 2022 година, а координатор за спроведување е Агенцијата за енергетика. Понатаму, мора да се подготвува и донесува програма за енергетска ефикасност на единиците на локалната самоуправа. Се донесува на секои три години, во координација со Агенцијата за енергетика.
Сите горенаведени акти треба да се применуваат при изградба на нови станбени и комерцијални згради, нови згради на централната власт и локалните самоуправи. Особено е значајно да се врши реновирање (реконструкција) на постојните згради во сите сектори (спомнати погоре) според Правилникот за енергетски карактеристики, а со цел зголемување на ЕЕ. Овде има голем фронт за работа на градежните фирми. Наместо постојано да градат нови згради во Скопје (бетонизација), нека ја приспособат својата работа на реновирање на постојните згради со ставање нови термички фасади, нови надворешни прозорци со двојно или тројно застаклување итн. Според прописите, секоја зграда треба да има енергетски сертификат.

Како мерки за зголемување на ЕЕ се и следниве зафати: исфрлање од употреба на светилки со вжарено влакно, означување на електрични апарати и опрема (натпис за енергетска класа), подобрување на уличното осветлување во општините и др.
Мерки за зголемување на ЕЕ може да се спроведат и во индустрискиот сектор, и тоа со: воведување на понапредни технологии, со подобрено управување на енергијата во производствените процеси, со воведување на ефикасни електромотори и други ефикасна опрема (печки, компресори, пумпи итн.).
Енергетската состојба може да се подобри и со штедење енергија. На пример, со промена на навиките и начинот на живот (исклучување на непотребни светилки, намалување на температурата при греење на просториите, користење соодветна облека итн.). За ова се препорачува софистицирано водење кампањи за издигнување на јавната свест. За поттикнување и спроведување мерки за енергетска ефикасност треба да се даваат и субвенции, особено на населението со ниски примања.
Овој напис се осврнува само на еден дел од прашањата во секторот енергија. Реално, има огромен простор за работа, но не сум убеден дека сегашнава државна администрација може успешно да ги води и реализира сите потребни активности поради: недоволно стручен кадар, непотизам, партиски вработувања, не постои систем на вредности итн. Во јавноста на големо се дискутира дека судството е во лоша состојба и дека се потребни реформи, што е многу важно. Но, исто така, потребни се темелни реформи и во секторот енергија.

Ристо Цицонков

Авторот е редовен професор на Машински факултет – Скопје