Вечните тишини во поезијата на Анте Поповски

На 3 октомври (четврток) во преполнетата сала на Музејот на македонската борба се случи еден чудесен настан. Се случи меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, на која им се доделија низа награди на нашите современи македонски поети од повеќе генерации. Се случи и настан каде што на еден грандиозен начин повторно се возљубивме во пишаниот збор на великанот на македонската современа поезија – Анте Поповски.
Со што овој митски поет ги задолжи Македонија и македонскиот народ, овој македонски Чехов книжевник и лекар?
Големо е Антевото поетско небо, исткаено во митот на својот народ, поезија што извира од сликите на темнината, во скриената врата на сите црнила и пеплишта збрани, поезија на силните ветришта на македонската историја. Сведоци сме дека тие ветришта не стивнуваат ниту денес, ветришта што ја брануваат толку потресно и толку стварно длабоката македонска тајна, тајната сместена во тишините на нашите срца за оваа пуста македонска земја, тишината и за нашиот свет јазик.
Гледаме големи страдања и патила зад поезијата на Анте Поповски. Дури и денес долго време по неговото заминување сѐ уште се прашуваме и проучуваме што всушност тој сакаше да ни каже со својата поезија, на што да нѐ предупредуваше катадневно, иако сето тоа ние денес интензивно го живееме. Да, токму во овој миг, ние ја живееме тишината за нас самите. Тие вечни македонски прашалници се сместени во пределите на поезијата на Анте Поповски и не ни даваат мира, а ние сме свесни дека еднаш ќе мора да се исправиме и со гордост да ја кажеме без страв нашата вистина. Копнежот по вистината и храброста двата се чинители на секоја трагедија, трагедија што од Аристотел до денес ја тресат уметничката, но и историската сцена на постоењето. Но како да излеземе од тишината нѐ прашува овој поетски великан, а тоа прашање чинам никогаш не било погласно поставено како што е денес. Овој редок страдалнички поет на епот, со својата македонска и старословенска епопеја, нам ни го пренесе митот за нас самите, длабоко вкоренет во прадамнината на византиската поетска традиција.

Анте Поповски опејувајќи ја македонската земја со своето перо, недвосмислено ни кажа да ја почувствуваме неа во коренот на душата, та кога се наведнуваме над неа името да ѝ го слушнеме, онаа што од секоја тревка сите сокови ги исцедивме. Тоа е земјата на замреното дишење во тишината, земјата ставена во вечните ходници на чекањето, земјата во која и ѕвездите шепотат на македонски, но земјата што е толку игнорирана и понижувана од еден суров империјалистички свет. Земјата што ги има тишината и молитвата за еден поубав и почовечен свет. Земјата на љубовта во која еднаш и оние што не сакаат да ја запознаат ќе ја видат сета светост на денот на нејзиното создавање. Ете токму за тие вечни тишини говори Анте Поповски, великанот на монументалната современа македонска поезија. Антевото перо веќе одамна ги одмина македонските граници и со него тој ги освои сите европски и светски височини. Анте Поповски е гласник на народот што ги шепоти најголемите тајни на сопствениот народ и неговата егзистенција, покажувајќи ни ги раните што крвават од нашите души, поради неправдата, поради непризнавањето на нашето исконско битие, истовремено водејќи нѐ до највисоките вознеси на небесното.
Песната на Анте Поповски е песна на судбината помеѓу небесното и земското, содржана во еден трагичен прометејски мит, во чија песна се вткаени двете негови тишини. Песната на Анте е и песна каде што индивидуалната судбина е надмината, неважна и тој влегува со неа во длабоките води на нашата колективна драма на постоењето. Тој ни вели дека молкот за нас самите мора да прекине и тоа да прекине денес и колкава и да е трагедијата на нашата колективна егзистенција. Токму таму зад молкот, тој ги најде сите одговори што ние како Македонци треба да ги објавиме без одлагања.
Неговата поезија е и една безнадежна ноќ на историјата, поезија полна со темнина од ѕвезди на болката, болка што тишти и пишти во градите, поезија на чекањето да се појави зората. Чекање да се појави еден нов поправеден свет, светот на хуманизмот, на уважувањето и светот на достоинството за секој народ под овој небески свод.
Анте Поповски длабоко загледан во стихот ни го поставува фундаменталното прашање – што правиме ние, македонскиот народ за себе самите? Секој од нас? До кога другите ќе ни ја прецртуваат историјата, која јасно пулсира во нашата колективна меморија?
Драмата во поетските слики на Анте Поповски длабоко нѐ потресуваат, тие само навидум се едноставни и чисти како капка роса. Ако длабоко ја читаме неговата поезија, гледаме дека е повеќеслојна и повеќезначна. Антевата поезија ги поставува вечните трансисториски прашања за човекот и неговата егзистенција, за патосот, за правдата и неправдата, благодарноста и нискоста.

Кај него како да се мешаат картите земски со картите небески, давајќи ни една метафизичка порака дека македонската духовна историја е бесмртна. Болката кај него е готичка, силно свртена кон небесното со еден длабок лирски израз. Таму како во таа Антева поетска тишина да се скрил еден уметнички сон, сон исткаен со најфината јазична материја.
Во неговата поезија толку силно ја гледаме и онаа хармонија на Питагора, откривајќи ни нови посовршен светови, но и светови на вечно скриени тајните во молкот на секој Македонец. Во македонската тишина за нас самите. Неговиот ритам е бавниот ритам на болката, која не проаѓа низ милениумите.
Поезијата на Анте Поповски го надминува земското време. Таа е молитва на љубовта што останува во срцата и по судниот час, еднаш кога и лекарите и боговите ќе дигнат раце од нас, дури тогаш вели тој ќе застанеме среде маглата и ќе му запееме на вечниот оган, огнот и страста по вечноста и повторното раѓање, можеби во некој друг посовршен и поправеден свет.

Мимоза Рајл