Стив Наумов и Шангај

Се прашувате од каде овој наслов? Едноставно, името на народниот херој (и самиот студент во она време) ставете го во наводници и го добивате името на студентскиот дом во Скопје. А Шангај е само кратка референца за најреномираното рангирање на универзитетите во светот. Која е поврзаноста меѓу нив? Евидентна, за оној што гледа подалеку од носот – или од Табановце или Призрен (друга референца за оние во академската фела што се „први во селото, а последни во градот“). Велат дека јавните тоалети се првиот и најсилен впечаток по кој странците ја паметат државата што ја посетиле. Е па, некои од нашите студенти, оние што немаат среќа да студираат во сопствениот град, реата од тоалетите и бањите од „Стив Наумов“ ќе ја паметат цел живот, како реа на „татковината“. Тоа ќе биде асоцијацијата за начинот на кој ги третирала државата додека им велела дека тие се иднината и дека високото образование е движечката сила на општествените промени. Тоа го кажа и претставникот на Студентскиот отпор деновиве на следниот начин: „Ако Достоевски рекол ,Оценувај го општеството/државата според нивните затвори’, ние можеме да се самооцениме според студентските домови“. Би додала, и условите за предавања/учење/истражувања на универзитетите. Тоа што младите со диплома в рака се упатуваат право кон аеродромот е логична последица на она што им се нуди. Што подалеку од реата, ама и од (пот)просечноста во која генерално тоне универзитетот.
Деновиве слушаме и дека студентите се разочарани што нивниот универзитет (поточно, УКИМ) бил на толку ниско ниво на светските ранг-листи. Некои се загрижени дури и за плагијаризмот кај професорите. Двете констатации се точни, но и шпекулативни, па и наивни. Да почнам по обратен редослед: плагирање! Состојбата е во метастаза: од обични семинарски и дипломски, до докторски тези и универзитетски учебници и монографии. Плагираат сите, ама и сите (сложно како браќата што во петок мрсат) си молчат. Сè им е препуштено на професорите (ако читаат вистински, а не „дијагонално“) и на рецензентите (кои најчесто потпишуваат бланко, на невидено). Овој проблем навидум се решава полесно од шангајскиот. Потребна е регулатива, санкционирање – и трошка морал и храброст да кажеш дека „царот е гол“. На крајот ќе излезе и дека не е баш така лесно да покажеш со прст кон колега професор во рецензија или приказ на книга. Институцијата што треба да учи на критичко мислење ја има „избркано“ критиката низ прозорец. Мој студент активист во ТВ-студио кажа дека низ НВО-проект ќе се откривале плагијати кај професори од Тетовскиот универзитет и од УКИМ. Симпатично! Студентите да ги учат на елементарен ред професорите препишувачи (иако треба да почнат од своите колеги; нејсе). Постојат примери во кои студенти препишувачи (на дипломски, докторски или на испит) станале професори. Не знам дали ќе им успее проектот, но ги уверувам дека ниту еден од препишувачите не може да објави труд во списание со фактор на влијание или книга кај светски издавач. Бидејќи таму не поминуваат финти, се тргна кон изградба на наша „академска индустрија“ (која, интересно, доживеа бум откако Груевски се закани со повисоки критериуми за избор во звања). Прекуноќ никнаа меѓународни конференции и меѓународни списанија во кои може да се објави буквално сè, бидејќи рецензирањето е или непозната или ризична работа. Ќе се пријават за божем меѓународна конференција во Банско или Охрид и ќе излезат со по два-три труда од еден настан (со комбинирање на коавторства од типот на Петко, Јанко и Станко, кои се ротираат во трудовите). Друга работа е објавување во т.н. предаторски списанија, каде што за пари ќе ви објават и телефонски именик. Романи за ова може да се пишуваат.

Да се вратам кон фамозната Шангајска листа… Онака како што политичарите од уста не ја вадат ЕУ, така во јавноста заинтересирана за универзитетите се зборува со восхит за неа. И тоа само и само во однос на УКИМ. Ниту еден друг универзитет не се посочува како виновник што тоне на дното, а универзитети (државни и приватни) во секое село. Квантитетот никогаш не се преточи во квалитет поради негативната селекција. Во битката за повеќе студенти (клиенти), критериумите се спуштаат и за запишување и за проодност. Понекогаш професор може и да настрада ако држи висок критериум на испит, т.е. затоа што бил „престрог“. Уништена е и самата помисла на елитизам кога станува збор за врвна наука, бидејќи високото образование се третира како социјален сектор, кој има цел да ја затскрие ендемската невработеност, особено кај младите, а од универзитетите прави комерцијални субјекти. Секоја влада се „натпреварува“ со претходната во однос на буџетот. Секоја година сè поастрономски буџет, а ставката за наука во драстичен пад. Во 2014-та (времето на пленумите) за наука се издвојувале 0,45 отсто од државниот буџет, а за идната година е предвиден процентот од 0,08 – речиси двојно помалку од ставката за 2022 година (0,15). Ова е апсолутно дно од 1945 година, но и дно во европски рамки. Шангај, само што не сме стасале! Исто како и во ЕУ.
Пристап до научна литература нема (дури не се купуваат ни наши книги објавени кај светски издавачи), па користиме „пиратерија“ (интернет-страници за бесплатно симнување книги) или лозинки за пристап до странски библиотеки што ни ги позајмуваат блиските. (За оваа информација јавно ме исмеваа по социјалните мрежи лидерите на пленумите и шарените.) На светска конференција може да појде само на сон, зошто ни покриваат трошоци до 300 евра – еднаш годишно. Така, кругот се затвора до отаде Табановце или Ќустендил, за да се глуми излез од границите. Со децении патувам само кога организаторот ми ги покрива трошоците. Подмладок/асистенти нема (затоа вработуваме „готови професори“ и тоа со политички протекции), демонстратори ангажираме без паричен надоместок (затоа, од незгода не ангажирам никого). Колегите од природните и техничките науки мака мачат да обезбедат реагенси или елементарни нешта за функционирање на лабораториите; за да објават труд во списание со импакт-фактор мораат да си ги платат мерењата од џеб кај странска лабораторија.

Ние од општествените науки сме навидум поштедени од такви проблеми, но затоа го имаме товарот на фрустрацијата да објавуваш во врвни списанија на теми поврзани со меѓународното право, човековите права, владеењето на правото, корупцијата, демократијата и сл., а да живееш во земја (па и во свет) во кој политичарите ги ничкосале. И кои не само што не слушаат туку и не читаат. Деновиве ми е прифатен труд за октроирани устави во списание со импакт-фактор, а мојата земја се подготвува за уште еден уставен скандал. Чуму тогаш наука? Заради наука? Од мазохизам?
Додека тече скенирањето од ЕУ, состојбата во високото образование прецизно ја скенираа наши врвни професори. Не само што знаеме каде се проблемите (која е дијагнозата) туку има и решенија, кои колку што се едноставни, толку се невозможни за реализација кога универзитетот е во синџири и во канџи на политиката, зависен, понижен, но и морално корумпиран. Неодамна на една дебата помеѓу овдешни професори и наши што работат на странски универзитети разговаравме за подигнување на квалитетот на македонските. Но, се наметна и друго прашање: дали ако еден наш универзитет се појави меѓу првите 1.000/500/100 на Шангајската листа, тоа ќе има одраз врз општото добро, врз заедницата и граѓаните? Најкраткиот пат до Шангај е градење центри на извонредност, наменско инвестирање во мал сектор со извонредни научници, кој би ја подобрил општата слика. Со други зборови, селекција на најдоброто и истовремена диференцијација на сето она што е просечно. Еден Моцарт би им помогнал на сите Салиериевци да се чувствуваат угледно. Мојот став е дека да се зборува за Шангај е како на неискапен скитник да му ставаш парфем за да не се чувствува реата. Нам ни недостасуваат елементарни работи, а Шангај ни е последната грижа. Рангирањето мора да почне дома, меѓу нас самите, но и да биде со јасни критериуми и да се почитува. Нужно е намалување на бројот на универзитети, студиски програми и професори, па и на студенти на повисоките нивоа. Потребна ни е и елементарна академска чесност кога се оценуваат не само студенти, магистранди и докторанди туку и постигнувањата на колегите. Повисоките критериуми за унапредување се нужност; а редовен професор не смее да оди во неформална пензија, т.е. да се пасивизира по изборот. Потребни се стипендии за најдобрите студенти, а не зголемување на школарините (и тоа во време кога Бугарија, Словенија и други нудат бесплатни магистерски и докторски студии), т.е. делење докторски дипломи на најбогатите.

Земја што ја почитува саможртвата на Стив Наумов никогаш не би имала онаков студентски дом, а ни професорските плати не би ги држела на срамно ниско ниво (така, келнер има повисока плата од редовен професор). Вистински загрижени членови на академската заедница не би молчеле пред ваква очајна состојба. Шангај е претворен во фетиш; во сиромашна и корумпирана земја е не само неостварлив сон туку го злоупотребуваат за дисциплинирање на непослушните. Тоа го правеше Груевски, а се случува и денес. Ама „Сеирџиите“ си молчат и злобно се смеат. Пленумците се веќе возрасни и вработени/ухлебени кај новата власт. Амбициозните студенти се сликаат со секој премиер за секој случај. Да бараш шангајски резултати од други, а самиот да кркаш морска храна и апетисани во евтино владино бифе, да даваш плати за фиктивни работни места, субвенции за урбана и друга мафија, отвораш казина на секој ќош, делиш астрономски патни трошоци, простуваш потрошена струја на подобни општини, „формалноправно“ избираш полуписмени анонимци на важни места, тоа е безобразие. Шангај е светлосни години одовде (не е тоа 10.000 км). Во меѓувреме барем името на „Стив Наумов“ да го обелиме … со чисти веце-школки. За почеток.