Се зголемува бројот на живородени деца од родители од Македонија во други земји

Со години се говори, пишува, коментира дека од нашава земја се иселува населението не од едно населено место во друго, не од една општина во друга туку во други земји во светот. Тоа значи дека не години, туку почнуваат децении на новото празнење на Македонија во други земји во светот. Меѓутоа, со децении и години се говори дека не се знае бројот на населението што е заминато од земјава. Во голем број земји постојат вакви податоци, а секако задолжително во земјите на Европската Унија. Истовремено, ние дали преку Обединетите нации, Светската банка или Евростат-секторот за статистика при Европската Унија, постојано добиваме или читаме некои бројки за иселено население не само од нашата земја туку и од многу други земји во светот.
Во нашава земја се добиваат податоци за преселувањето или движењето на населението внатре во границите на земјава, и тоа на годишно ниво. Така што имаме податоци колку население го променило местото на постојано живеење, кое е регулирано со Законот за престојувалиште и живеалиште. Не би отворал тема колку граѓаните го почитуваат тоа, колку има население со лични карти посебно на членови на домаќинства што поради разни причини се на различни адреси и многу, многу други појави што се присутни.
Но да се вратиме на темата дека податоци се добиваат за живородени деца во земјава и во други земји. Податоци се добиваат и за умрени лица, како во земјава така и во други земји, меѓутоа секогаш се поставува прашањето дали секој го прави тоа, дали има законско право итн.
Следењето на наведените појави во земјава служи за да се водат и да се обработуваат и публикуваат појавите во земјава и со нив се прават процени на состојбите со населението во земјава. Тоа значи дека сите појави што се настанати во други земји не се бројат како појави во земјава, ниту пак во процените на население во земјава.
Оттука, сакам да ја елаборирам направената анализа на состојбите со живородените деца и умрените лица во други земји во 2021 година.
Во текот на 2021 година, во други земји се живородени 5.503 деца од родители од Македонија. Тоа се деца што се родени надвор од нашава земја, при што ги имаме состојбите од кои општини се нивните родители во земјава и ги имаме состојбите во која земја настанал случајот.
Во однос на тоа каде настанал случајот, најмногу живородени деца има во; Германија 1.670, Швајцарија 1.428, Италија 859, Австрија 438, Шведска 77, Белгија 72, Косово 68, Данска 65, Франција 60, Велика Британија 54, Холандија 38 и во другите земји од Европа 466. Надвор од европските земји, во САД има 71 случај, Австралија 16 и во Канада 5, а 116 во други воневропски земји.

Секако, интересна е појавата од каде се заминати тие родители. Веќе рековме дека тие се заминати од нашата земја, а најмногу се од Гостивар – 608 живородени деца, Струга 351, Тетово 343, Врапчиште 274, Липково 270, Куманово 269, Боговиње и Кичево по 210, Желино 194, Струмица 180, Теарце 125, Брвеница 123, Маврово и Ростуше 107, Сарај 102, Шуто Оризари 92 итн. Впрочем, да се напомене дека од сите општини во земјава има такви појави. Настаните може да се анализираат и по тоа колку појави има од соодветната општина во земјава и во која земја е настанат случајот, што значи дека наведените појави за општината не се појави само во една земја туку во повеќе. Но, секако, според направената анализа, тоа е тема за поширока расправа.
Истовремено беше напоменато дека како за живородените деца во други земји, така се направени анализи и за бројот на умрените наши државјани во други земји. Исто така се направени анализи и од кои општини се тие државјани во нашата земја.
Бројот на умрените лица во други земји во 2021 година изнесува 1.249, а овие податоци или бројки не влегуваат во процените што се прават за население во земјава.

По земји, најмногу има умрени во Германија 350, Швајцарија 195, Италија 145, Австрија 73, Косово 20, Шведска 18, Белгија и Франција по 17, потоа се Данска, Велика Британија итн. Во воневропските земји, најмногу се починати во САД 71, Австралија 15, Канада 8, а 43 во други земји. Според општини, во земјава од каде што се заминати умрените лица, најмногу се од Гостивар 152, Тетово 86, Кичево 83, Куманово 69, Струга 46, Чаир 43, Битола и Липково по 42, Охрид 30, Боговиње 9 итн.
Според направените анализи и изнесените состојби, добро е со нив да сме информирани, за да ги знаеме состојбите, бидејќи тоа се наши државјани што заминале во други земји. Истовремено, секако, е потребно и надлежните институции во земјава да расправаат за овие состојби, кои се секако интересни и имаат влијание во состојбите на населението во земјава.

Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар