Предлагам да се преиспита македонското кукавичко коспонзорство за Сребреница

In medias res. Како граѓанин на оваа држава не можам да се согласам со некои нејзини валкани и намерно антимакедонски политики, па затоа на новата влада што ја добивме неодамна ѝ предлагам да го преиспита македонското коспонзорство за Сребреница во ОН на претходната по многу нешта антимакедонска и антинародна влада. Зошто да се преиспита? Затоа што одлуката за тоа е донесена без поширока дебата во Собранието и консултација на експертите за таа тема, па и референдум за изјаснување на народот, кој (посебно Македонците) може да биде длабоко засегнат од таквите одлуки на негова штета. А тоа и се случи. Имено, Македонците се повредени од индивидуалната одлука тоа да го стори сам, според своја процена еден единствен човек, министерот за надворешни работи на претходната влада Бујар Османи. Тој одлучи со своја лична „експертиза“, „хуманистичка“, „интелектуална“, политичка и емотивна процена (веројатно и потсвесна, фројдовска) блицкриг, триумфално да ѝ се придружи на Германија европски спонзор на Сребреница како српски геноциден акт. А со тоа, иако и од самите Срби стопати е осудено тоа злосторство, ним им е наметната колективна вина, надвор од сите правила, на геноциден народ.
Ние од „Македонски манифест“ остро реагиравме јавно на тој непромислен, но добро и би рекле подло за Македонците смислен акт на министерот за надворешни работи. Нашето јавно соопштение размисла за него го испративме, и со придружно писмо и за српскиот претседател Вучиќ, до српската амбасада во Скопје, од која на наше изненадување нè добивме ни елементарна во дипломатски целофан завиткана благодарност. Сеедно. И не сакам некој криво да помисли, како што би можел Бујар, дека јас и пријателите од Манифестот сме слепи за злосторството во Сребреница. Напротив, оти тоа е микротрагедија (нека бидам разбран за тоа микро) за целата макротрагедија на човештвото. Но експертите, според утврдените меѓународни критериуми за тоа, нека кажат што е разликата меѓу поимот злосторство и геноцид, без разлика што се работи тука за несреќна тавтологија. Оти дали Сребреница е геноцид, како што е геноцид и германското убиство (на спонзорот за Сребреница Германија) на шест милиони Евреи, Цигани и Словени, или има тука некоја сепак колку-толку разлика за класификација. Оти ако тргнеме од таквото елементарно порамнување на работите, драг читателу, геноцид во човештвото е и убиството на само едно дете. Оти како што рече и Достоевски, непоправливиот утопист, кој тврдеше дека Убавината ќе го спаси светот, дури и само една детска солза не го оправдува постоењето на Бог. Да. А еве во Палестина веќе се убиени околу дваесет илјади деца, меѓу нив и некои неродени во утробата на мајката, а тоа за ариевската болно нарцистичка западна цивилизација не е геноцид. Тоа, според нив, е правото на Израел да се брани со убивање деца, уривање болници и правење пепел, нова Хирошима од еден кроток и мартирски народ малтретиран безмалку веќе едно столетие од создавањето на еврејската ционистичка држава од 1948 наваму. И тоа е геноцид во кој на индиректно директен начин се вклучени со поддршка и праќање енормни количества оружје на Израел и Америка и Германија европскиот спонзор за Сребреница во ОН.

Да. Но тука по Палестина сега се отвораат прашањата на тој план и со самата осудена за геноцид Србија, па и со Македонија и Македонците во неа за европскиот или евроамериканскиот идентитетски геноцид врз нас. Првин Србите. Па, зарем не беше геноцид врз нив бомбардирањето на НАТО во 1999, со кое тоа им го честита новиот милениум, а со цел разбојнички да создадат на нивна автентична и историски држава територија за свои цели нова држава Косово, изникната како печурка од ѓубрето на западната „хуманистичка“ цивилизација. Или како „невин“ цвет. Оти и Стринберг рече дека „цвеќето никнува од ѓубриште“. Ете, па зошто во таа смисла да го критикуваме ѓубриштето на цивилизацијата, која одамна го тормози целиот свет и која, како што тврдат антрополозите, произведе најмногу геноциди во него. И сè уште произведува. Тука е, ја спомнавме, Палестина, а во самото нејзино срце е и македонскиот суров идентитетски геноцид, најстрашната од сите видови смрт. А, всушност, драг читателу, Западот и не го крие својот познат геноциден нагон за што сведочи историската хронологија на неговите геноцидни злосторства врз цели народи и цивилизации за што стопати сум пишувал. И повеќе. А тој танатосен нагон доби своја крунска потврда кај Американците во август 1945 со нивните атомски бомби на Хирошима и Нагасаки, а во Европа со крвожедниот напад на англиските бомбардери со американско потекло врз Македонците во Егејска Македонија 1948 г., чист образец на геноцид. Со тоа, со Хирошима и Нагасаки и со погромот над Македонците во Егејот се сруши илузијата дека фашизмот е победен. Оти имаше право со пророчката изјава германскиот литературен гениј и хуманист Томас Ман, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, дека „Хитлер е победен, но не и фашизмот“. Имено, оти ветерот на фашизмот со нашиот идентитетски геноцид со силеџиската промена на Името сега дува од Брисел и Вашингтон. А од таму дува тој чумав ветер и кон Србите, заедно и со Македонците најсатанизираниот народ во ариевската колонијалистичка цивилизација.
Нешто за тоа во однос на Србите, а кое важи и за Македонците, рече и професорот на универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, како петел од позиција на неговата мускулеста Америка. Рече: „Во 1999 г. 78 дена го бомбардиравме Белград. Поентата беше да се подели Србија и да се создаде нова држава Косово, каде што ја имаме најголемата воена база на НАТО во Југоисточна Европа“. Потоа во ТВ-интервјуто тој вели дека целата НАТО-операција во 1999 не била насочена кон тоа да се спаси „муслиманското население, туку американскиот воено-индустриски комплекс“! Сепак браво за неговата искреност, која треба да им го отвори умот на некои наши политички и „невладини“ закржлавени и без прозорци кон светлината умови.
Да. И темата со Сребреница, драг читателу, воленс-ноленс отвора многу други дополнителни контратеми, меѓу нив и темата за планот „Барбароса“ на Хитлер за ништење по Евреите на Словените. Таа тема всушност, ако длабински размислиме, ја отвора германското инсистирање со Сребреница Србите да се прогласат колективно за геноциден народ, идејата од која по диктат на фројдовски сигнал на потсвеста се одушеви и македонскиот несреќен за Македонците министер за надворешни работи Бујар Османи. Имено, дали со тој потег Германците (пак фројдовски) не ја чистат својата валкана историска свест на сметка на друг.

Тоа во психоанализата се вика проекција, кога сенката (психолошка дефиниција на Јунг) на валканата душа му се префрла на друг. Во случајот со Германците таа им се префрла на Србите со Сребреница, но и на Македонците невини и без никаков злосторнички акт, ликвидирајќи ги имено токму затоа што им пречат со нивната историска невиност (нека се запамети тоа, драг читателу!!!). Да. Испаѓа дека навистина. Словените се трн во окото на западната пред сè англосаксонска цивилизација. Она што се случува сега воленс-ноленс е потврда за тоа. Македонија како корен на словенството се ништи и идентитетски докрај, Србија е смртно ранета, а е посегнато и на големата словенска матушка, сега супституција на античката македонска империја на Александар. Нека ми простат долго време ариевските Словени Русите, кои немаа пред сè во царскиот период сенс за изворот, и на штета на Македонците ја формираа крволочната кон нас Санстефанска Бугарија. Иако сега е друга вистината, западно омразениот Владимир Путин ѝ е наклонет на Македонија како сесловенски извор, па му рече и на Ѓорге Иванов при посетата на Москва дека писменоста во Русија доаѓа од Македонија, при што целата бугарска политика и елита падна во депресивна хистерија. Да. Иако збунува фактот што рускиот амбасадор во Софија за 24 Мај им ги честита на Бугарите Браќата Кирил и Методиј како бугарски просветители, најголемата словенска и цивилизациска лага. Сега веќе не знам дали Путин го одобрува тоа, но за нас Македонците тоа не е прифатливо и е обесхрабрувачко во однос на вистината за словенството чија олтарна жртва, имено, се Македонија и Македонците.
Тоа е тоа,драг читателу. Резолуцијата за Сребреница и за Србите со неа како геноциден народ нè отера, природно, кон долги дигресии за цивилизацијата, која произведува perpetuum mobile геноциди, а за да се исчисти за нив потсвесно и свесно ним им ги натура како општо зло на некои помали и понижени народи, како што со тоа Србите со Сребреница, злосторство што според нивната перверзна логика (и логиката на нашиот несреќен министер до неодамна Бујар Османи) треба да ги покрие сите нејзини безбројни геноциди низ светот. Добро, ама Македонците, кои не извршиле ни едно злосторство врз друг народ, за што се казнети со физичка и идентитетска смрт, проект што западната „хуманистичка“ цивилизација врз нив, почнувајќи од 1913 наваму, го спроведува веќе повеќе од едно столетие за да ги избрише целосно од картата на светската историска меморија. За таа цел ја ископаа преспанската евроамериканска и грчка гробница за наше упокојување во јули 2018, а сега ја копаат и бугарската.

Но да изведеме заклучок по овие долги дигресии поттикнати од кукавичкото „македонско“ коспонзорство на Резолуцијата за Сребреница во ОН. Рековме, драг читателу, дека тоа е коспонзорство реализирано лично од Бујар Османи, но не, во таа смисла, на Македонија и посебно на Македонците во неа, кои се валкано политички употребени тука. Тоа е безрезервно и полтронско додворување на Западот од страна на хипокритот Бујар Османи во случајот на Германија и Америка, доминантните, како што е познато, спонзори и на албанскиот тероризам врз младата штотуку процутена македонска Република во 2001 г. А во овој контекст пак да се вратиме за миг на кај нас патолошки омилените Американци, пак, да го цитираме професорот на универзитетот „Колумбија“ во САД, Џефри Сакс, кој освестувачки вели: „Ние сме земја на вечна војна. САД не гледаат назад и не треба ни да се зборува за тоа“.
Крај. „Свршено е“ рече и Исус на крстот. Македонија и Македонците во неа како мнозински и државотворен народ имаат право на свој став, анализа и процена на работите, па и за Сребреница, а не да ги претставува нив некој ум со фројдовски сигнал на потсвеста нив буткајќи ги во раздор со братските народи Србите и Русите. Доволно објаснивме зошто треба да се преиспита оваа лична, а не државна во вистинска смисла на тој поим, одлука со психоделични потсвесни мотиви на нејзиниот индивидуален, а во името на Македонија предлагач. Барам да се преиспита таа и да се повлече од срамното гласање за неа во ОН. Барам за тоа морално да се осуди деструктивниот по Македонците политички потег на Бујар Османи, но и да се отповика од функцијата македонски амбасадор во ОН Љубомир Фрчковски, кој не помалку ги искомпромитирал и од Бујар и понижи Македонците на кои, за жал, им припаѓа по род. Барам, конечно, да се изјасни новата македонска влада за тој кукавички чин, донесен апсолутистички според волјата, емоциите и личната процена на министерот Османи. Барам новата македонска влада чии челници пред изборите ветија дека ќе го гонат криминалот да поведе постапка и против овој политички криминал во врска со македонското коспонзорство на Резолуцијата за Сребреница во ОН, што во крајната инстанца испаѓа дека е личен ќеф на една личност, досега апсолутно најлошиот македонски министер за надворешни работи. Па, повелете, драга владо, за која со над половина милион гласачи гласавме и јас и моето семејство. Имено, затоа и имам легитимно право да го барам тоа од вас. Да ги исправитe колку што е возможно трагичните грешки по овој народ сторени пред вас.