Попрво Кинез ќе одлета на Месечината отколку нордистанец да влезе во Европската Унија

По ѓаволите! Ќе „преспие“ човек две политички недели и наеднаш сфаќа дека и нема за што да пишува кога на ред ќе дојде нова колумна. Јас сум тој човек. А имав две убави недели без следење на глобални и домашни политички булшит-збиднувања, ама пак исполнети со уметност и креативни задоволства што произлегуваат од неа.
Ја добив поетската награда „Антево перо“ за збирката песни „50 испеани приказни“, што ми претставува голема чест. Имавме извонредна премиера на долгометражниот филм „Лена и Владимир“ на фестивалот „Браќа Манаки“, моја приказна раскажана од режисерот Игор Алексов, каде што блескаат актерите Сара Климоска и Тони Наумовски, а фотографијата на Душан Кардалевски одзема здив. Публиката го прифати со восхит и овации. Маестро Шејмус Мекгарви ми се обрати… па со маестро. Од 19 октомври ќе се прикажува во „Синеплекс“. Настапив на европскиот книжевен фестивал „Букстар“. „Моите“ тинејџери на кои два месеца им држев работилница за креативно пишување организирано од библиотеката „Браќа Миладиновци“ (вистината е дека тие мене ми држеа курс по креативност) имаа прекрасен книжевен настап во рамките на „Бела ноќ“. И по сето ова, сега треба да се вратам на политичките будалаштини, односно новата нормалност на планетарната безумност. И поим немам што да пишувам. Важно знам што ќе правам откако ќе завршам со колумнава. Компир-манџа, тоа ќе правам.

Во ред, да видиме што се случуваше тука, низ светот и во вселената. На некои прогресивно агресивни ликови им се гади идејата дека македонската химна се интонира во основните училишта еднаш во неделата. Азербејџан за 24 часа го освои Нагорно Карабах и оттаму ги истера Ерменците. До 2030 година Кина ќе изгради база на Месечината. Баш забавно сето ова! Ајде, со ред…
Македонската химна во училиштата. Дузина прогресивни припадници на интелектуалната бижутерија хистерично вреснаа против оваа идеја. Оти, нели, тоа да ти било национализам, фашизам, „сељачки“, за оние со влакна во носот. А-ха! Е тие ликови, исто како јас, детството го поминаа во држава наречена Југославија каде што во училиштата и одморалиштата гордо ја пееја „Хеј, Словени“. Во меѓувреме, Југославија се распадна, па овие покондирани „тикви со расол“ од интелектуалната бижутерија станаа поголеми Американци од Американците. Сеедно што не живеат во САД каде што, пак, по училиштата, одморалиштата, скаутските кампови, обавезно се пее американската химна и мирно се стои додека се крева знамето. И каде што на секоја трета куќа виси тоа исто знаме. Ама и нема американски филм каде што тоа знаме барем во еден кадар не се вее. Кај нас се вели „да не си им во кожата“, а јас велам, „да не си им во главата“ на овие наши прогресивци, оти таму ќе се чувствуваш многу осамено среде таа празнотија. Стварноста стварно е цинична.
Нагорно Карабах… Звучи како магиска зборовна формула, како чилеански хардкор-бенд, како стара велшка пцовка, како далечна планета од непозната галаксија во креативните халуцинации на Френк Херберт, како абориџински доручек, како… мене всушност ми звучи на крајно чудна кованица врежана од детството во онаа иста Југославија. Завршува цртаниот филм, твоите веднаш те праќаат на спиење, ти протестираш во себе, никако на глас, оти во државата и домот владее комунизам и нема демократија во односот возрасни и копиљаци, па додека си одиш накај своја соба, ги фаќаш првите звуци од најдосадното нешто на светот наречено вести, а таму… гласот на презентерот… нови престрелки во Нагорно Карабах и ти си легнуваш со прашањето, да не случајно Нагорно Карабах е втор братучед на оној џинот во приказната за… и така заспиваш.

И денес, по четири децении, сеедно што ми се апсолутно познати односите меѓу Азербејџан и Ерменија, Нагорно Карабах ми звучи како мистична гротеска, симбол за планетарната безумност. А приказната е комплицирано едноставна. Баку има поддршка од Британија, Израел, Германија и Турција. Зад Ереван стојат Франција, Иран и Грција. Блесаво, нели? Единствен фактор што спречуваше крвава тепачка меѓу двете екссоветски страни и го чуваше мирот, беше Русија. Велам беше, затоа што Ерменците со нордистански коефициент на интелигенција решија да ѝ покажат среден прст на Москва и да се свртат исклучиво кон Запад, кој ќе им помогне. Сами на себе си спроведоа лоботомија наречена шарена револуција, им влепија шлаканица на Русите, па како пупки се отворија кон Западот и… и Западот го остави Азербејџан да ја направи парче ерменската војска, да си го земе Нагорно Карабах и да ги избрка сите Ерменци оттаму. Исто како и Украина што ја изгуби, најверојатно засекогаш, својата форма. Исто како што Нордистан етапно ја губи својата суштина, по која ќе следува и губење на формата.

А кога сме веќе кај Нордистан, ја знаете онаа стара библиска, „попрво Кинез ќе се качи на Месечината отколку нордистанец да влезе во Европската Унија“. Каква само блесава симболика! Кинезите ќе изградат база на Месечината до 2030 година кога Нордистан би требало да влезе во Унијата. Нормално, под услов сосема да ја загуби македонската суштина и да стане бугарска травестија. Накратко, кога веќе ги споменав Бугарите, дали Пекинг побара дозвола од Софија да гради база на древна бугарска територија?

Муабетот ми е дека Кинезите најбезобразно ќе се истопорат на Месечината без да бараат дозвола од НАСА, НАТО и Нордистан (оската ННН) и врвните нордистански политичари и експерти за интегрирање во вселената наречена Европска Унија. Секако дека ја злоупотребувам кинеската мисија за да поентирам на крајот од колумнава. Низ мојот македонски телескоп, Месечината и Европската Унија имаат доста сличности. Има филмови каде што Месечината е шуплива, исто како наративот и ветувањата на Европската Унија. Месечината е природен сателит на Земјата, како што официјален Брисел е извештачен сателит на американската длабока држава, особено сега, во војната на Пентагонците против Кремљаните од соѕвездието Голема Мечка. Но она најважното за нас е фактот што ако ја гледаме Месечината оддалечена како Европска Унија, тогаш Македонија може да направи своја база таму само преку нордистанска мисија во бугарски скафандери, оти на Македонците не им е дозволен кислород како на сите светски космонаути. Иако, нели, постои астрална теорија што вели дека и да земат марсовски идентитет, за нордистанците нема да има место околу Сонцето, кое, да не заборавиме, секогаш изгрева на Запад.
А сега, компир-манџа…