Политичко самоубиство – филозофија на политичко самоуништување

Фразата „политичко самоубиство“ првпат се појави во Британија во средината на осумнаесеттиот век, а меѓу другото се користеше за да се опише навидум самоуништувачката политика на национално ниво. Но почесто се користеше за да се опишат политичките маневри што, најверојатно, ќе доведат до крај на кариерата на еден државник и како огорченост против политичките противници за да се предложи да се отстрани нивното токсично присуство од демократскиот процес за доброто на земјата

„И сега уште еднаш да мора да се промени Уставот и тоа боли и изгледа нефер, но верувам дека на крајот тоа е чекор што едноставно мора да се направи“, ќе изјави германската амбасадорка во заминување од Македонија. Веќе видено и слушнато клише, повторно и повторно. Гледам историјата ни се повторува. Оваа нова политичка драма доволно е доказ дека ништо не научивме од нашето минато и постојано сме во состојба на криза. Се чини дека драмата што се одвива денес е напишана од истите недемократски раце со различни ликови, но овие експерименти се покажаа многу скапи – со трошоците што паѓаат на товар на обичниот народ во Македонија. Јавна тајна е дека зад тронот во Македонија отсекогаш биле некои матни политички сили или мистериозните „тие“, кои ги повикуваат „болните промени“. Сили што секогаш имаат потреба од избран политички лидер што би танцувал на нивната мелодија. Омилен лакеј што нема способност да испорача, освен да служи. Еден таков заблуден „верник“ со неговата „божествена“ животна мисија испративме, но добивме нов, без харизма, со дефицит на реторички талент и недостиг од стратегиски политички вештини. Со новиот се приближуваме кон библискиот Армагедон, или конечниот натпревар помеѓу силите на доброто и злото. Се разбира, во македонската политика.
Со него самонаречената „државотворна партија“ е на раскрсница. Како понатаму? Дали е време да се раскине со токсичната, антидемократска, предавничка, деструктивна и крајно зависна политика што ја водат сиве години на власт? Кога и каде е крајот на „самоубиствената“ политичка игра во која се вовлечени нејзините поддржувачи? Како и да е, нема среќен крај за нив. Можеби помалку болен. Колку подолго одолжуваат да одат на избори, толку помали се шансите да се спасат од апокалиптичната неспособност на своите лидери.

Да не заборавам да споменам дека еден од ужасите што претстојат ќе биде растечкото разочарување на нејзините поддржувачи бидејќи сите лаги се разоткриваат. На гласачите им беа кажани многу работи, но не им беше кажано дека ќе ја изгубат својата земја. Не верувам дека ќе им се допадне тоа што ќе испадне на крајот. Заблудите и измамите на нивните лидери лесно ќе ги избришат придобивките од евроинтеграциите и тешко ќе може да ги нахранат повеќе со смешната концепција за суверенитет и забетониран идентитет, која ги наведе да изберат независност на пантомима наместо национален интерес. Без брзи избори ќе бидеме сведоци на една партија што скршена и отсечена од нејзината историја исчезнува од политиката во Македонија. Да гледаш како политичкото цунами надоаѓа и да не реагираш не е ништо друго, освен свесно „политичко самоубиство“.
Дали сме на пат по триесет години да го видиме „политичкото самоубиство“ на една партија? Зашто да се оди против волјата на она што е добро за македонскиот народ не е ништо друго, освен „политичко самоубиство“. Не во буквална, но во преносна смисла. Иако за волја на вистината одамна „државотворната партија“ на власт изврши „политичко самоубиство“. Во оној момент кога го смени името на државата и влезе во Дантеовото инферно со договорот со Бугарија таа партија тивко и неповратно се самомаргинализира. Черчил рекол дека „неволјата со политичкото самоубиство е што живееш за да жалиш за тоа“. Проблемот е што сите ние заедно ќе живееме жалејќи за државата што ја убија политички, самоубивајќи се. Тоа е таа комплексност на апсурдната едноставност.
Можеби некој ваквите мои забелешки ќе ги протолкува како несоодветни и нечувствителни. Дека ја потврдуваат стигмата со менталните болести и го банализираат она што е сериозен проблем за многу поединци и семејства низ земјата. Можеби коментарот за „политичко самоубиство“ звучи грубо и потценувачко за влијанието на оваа добро излитена метафора и колку лесно фигуративното може да се лизне во буквалното и реалното. Но како поинаку да се опише политичкото однесување што оди спротивно на волјата на македонските граѓани.

Инаку, фразата „политичко самоубиство“ првпат се појави во Британија во средината на осумнаесеттиот век, а меѓу другото се користеше за да се опише навидум самоуништувачката политика на национално ниво. Но почесто се користеше за да се опишат политичките маневри што, најверојатно, ќе доведат до крај на кариерата на еден државник и како огорченост против политичките противници за да се предложи да го отстранат нивното токсично присуство од демократскиот процес за доброто на земјата. Сепак, морбидно е фасцинантно да се гледа како политичка партија имплодира во реално време. Уште пострашно е да гледаш како оваа партија без компас очајно се обидува да ги натера луѓето да се вратат во вашиот ресторан откако сте им послужиле ништо друго, освен вода од чешма.
Велат дека човек се надева. Политичарот чита анкети. Губитниците се залажуваат дека вистинските анкети се на денот на изборите. Најлошото сценарио во политиката обично ве тера да размислувате „но никој не мораше да умре“. Откако политички ќе се самоубиете сеедно е.