ОНА во 2001 година – неиспишаната историска лекција од хашкиот учебник по најсовремена балканска историја

Зошто претпочитам меѓународното кривично судство да се изјасни за воените злосторства на Ослободителната народна армија во 2001 година? Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија беше формиран во 1993 година, на самиот врв на глобалниот слободарски и демократски момент кога човештвото ја трошеше мировната дивиденда од тивкиот крај на Студената војна. Едногласно, Советот за безбедност на Обединетите нации одлучи да создаде ад хок трибунал каде што ќе им се суди на сите ликови што им го загрозија мирот на граѓаните на поранешна Југославија. Поголемата цел беше и конечно да се обезакони војната на европскиот континент, како средство за решавање на меѓудржавните и внатредржавните судири. Судот имаше јурисдикција врз целата територија на поранешна Југославија.
Меѓутоа, покрај јасната правна (кривична) улога, хашкиот криминал имаше и далеку поширока ролја. Пресудите на Меѓународниот трибунал, всушност, ја испишуваа најсовремената балканска историја, особено поглавјата за балканските војни по колапсот на поранешна Југославија. Овие правни акти оставија јасна трага, која посочува кои биле инспираторите, поттикнувачите, осмислувачите, поддржувачите и извршителите на воените злосторства низ поранешната федерација. Едногласниот мандат, поддржан од сите постојани земји членки на Советот за безбедност при ООН, дава и тврд печат на најшироката меѓународна заедница врз утврдената вистина за балканските војни од 1990-тите.
Оттука произлезе и нагласениот интерес на целата македонска јавност за процесот што Хашкиот трибунал го водеше против тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Начинот на кој беше формулирано обвинението укажуваше дека не му се суди само на „брат Љубе“ туку дека Хашкиот трибунал им суди на македонската држава и на нејзината одбрана пред налетот на моноетничката герила. Ослободителната пресуда за Љубе Бошковски само потврди пред целиот свет, пред целата меѓународна заедница, urbi et orbi, дека борбата на македонската војска и на македонската полиција беше праведна. Македонските вооружени сили во 2001 година се бореа за да ги зачуваат уставниот поредок, мултиетничкото општество со сите свои сложености, животот, слободата и имотот на секој граѓанин на Македонија. Од другата страна тие се соочуваа со непријател што, како своја воена цел, имаше утврдено цртање на нови етнички граници (за создавање нов државен ентитет Илидира или за големо Косово или за голема Албанија), како и етничко чистење на целото неалбанско население од освоените предели.

Воената 2001 година заврши со мировна спогодба, преточена во Охридскиот рамковен договор. Меѓутоа, македонското општество до ден-денес не се соочи со вистината за 2001 година.
Тука доаѓаме до врвната улога на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, односно соочување со минатото. Пресудите на Хашкиот трибунал требаше да предизвикаат отворена дебата во сите држави и општества од поранешна Југославија, соочување со фактите и со вистината, со цел да се дојде до катарза, воените злосторници да се остацизираат од општеството, а потоа целата тема да се обработи низ учебниците по историја, граѓанско образование и други програми, со цел никогаш повторно да не се повторат крвавите и немилите настани. Токму низ таа призма, Советот на Европа гледа на четирите непроцесирани хашки случаи од 2001 година, кои се однесуваат на самонаречената Ослободителната народна армија, предводена од Али Ахмети. Во извештајот „Справување со минатото за подобра иднина: Постигнување правда, мир и социјална кохезија во регионот на поранешна Југославија“ се констатира враќањето кон етнонационалистичкиот дискурс, негирањето на воените злосторства и глорификацијата на воените злосторници од страна на политичките лидери и другите влијателни општествени актери. Кај нас во Македонија имавме три многу грди епизоди на опишаниот феномен. Сè започна со „чизмите од таванот“ на Шкодране Дардишта, чин што остана без политичка казна, па продолжи со прогласување на Кичево за „воен плен од 2001 година“ во кампањата за локалните избори од 2021, за да кулминира со етничкиот триумфализам при прославата за изборот на „командантот“ Талат Џафери за технички премиер пред неколку дена. Комесарката за човекови права вели дека „справувањето со минатото е предуслов за градење кохезивни, демократски општества засновани на почитување на човековите права и владеењето на правото“, но толерирањето на етничкиот национализам на ДУИ води во сосема спротивна насока, ја оневозможува дебатата и не придонесува кон лекување на раните од 2001 година.

И покрај тоа што мојот природен импулс е секогаш самите да се справуваме со своите проблеми, максимално да го браниме сопствениот суверенитет и да ја градиме Македонија како одржлива заедница, сепак за прашањето на процесирањето на четирите хашки случаи против УЧК претпочитам да се изјасни меѓународното кривично судство. Јасно е дека постои празнина поради затворањето на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, како и поради најавата дека со случајот „Младиќ“ ја заклучува својата работа и Меѓународниот резидуален механизам за меѓународните кривични судови (Југославија и Руанда). Меѓутоа, претпоставувам дека може да се пронајде начин меѓународното кривично судство да ја возобнови работата на резидуалниот механизам за процесирање на четирите хашки случаи против некогашната ОНА или, пак, да се изнајде друг механизам, под закрила на Меѓународниот кривичен суд и со помош на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Искуствата од префрлањето на случаите за воените злосторства во домашните судски системи низ поранешна Југославија дадоа противречни резултати, па се губи самиот легитимитет на постапките. Исто така, наместо да се дојде до утврдување на непобитните историски факти, како и до справување со минатото, постапките пред домашните судови резултираат со поттикнување меѓудржавни или меѓуетнички тензии, враќање на националистичките наративи и глорификација на воените злосторници. Меѓународното кривично судство не беше без свои контроверзии, но сепак даде далеку поголем легитимитет на судските постапки и историски материјал, кој може да се употреби за справување со болното минато. Тоните хартија испишана националистичка историја, од Вардар, па до Триглав, како и од Ѓердап, па до Јадран, не можат да натежнат на вагата против концизно испишаните пресуди на Хашкиот трибунал. Внатре, во параграфите на тие лекции се крвавите и оловните лекции за грозотиите на граѓанските војни, за невината крв на жртвите чија вина била тоа што се молеле во различен верски објект или зборувале поинаков јазик, за налудничавите опсесии на болните мозоци за цртање нови граници, за етнички чисти територии и за историски одмазди.

За жал, во хашкиот учебник за последните балкански војни недостига една значајна лекција, поточно урокот за улогата на самонаречената Ослободителна народна армија во 2001 година. Добро е тоа што пресудата во случајот „Љубе Бошковски“ јасно ја опиша праведната борба на Република Македонија во 2001 година за зачувување на нејзиниот територијален интегритет, уставен поредок, демократија, мултиетничко општество и стремежите за влез во Европската Унија. Но хашкиот учебник по најсовремена балканска историја ќе остане нецелосен сè до конечното процесирање на четирите хашки случаи – „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Нека ја заврши меѓународното кривично судство својата работа, а потоа ние во Македонија ќе пристапиме кон нашиот дел од работата, ни малку полесен, но неопходен за да дојдеме конечно до правдата и повторно да го обединиме нашето мултиетничко општество. Паролата „нема правда, нема мир“ во македонски контекст е најточна токму околу четирите хашки случаи.

Ивица Боцевски