Одмаздата како соголена правда на „шарената“

Очигледно кај нас „шарените“ наивно веруваа дека нападите на толпата наскоро би можеле да станат „норма на денот“ – однесување на институциите што требаа да испорачаат правда во општеството. За нивна голема жал, кога не се случи тоа, нивната правда беше соголена. Го покажаа своето вистинско лице, жедно за гола одмазда кога судовите не судат по нивна желба

Ако некој имаше дилеми за правдата на „шарените“, сега може да се увери дека корените на „шарената правда“ отсекогаш биле за моќта, а најмалку за правдата. Сега може да се согледа вистинската цел зад паролата „нема правда нема мир“. Никогаш не станувало збор за правда, станувало збор за гола одмазда. Социолозите веруваат дека нападите на толпата му обезбедуваат на поединецот излез да ги исфрли своите фрустрации, бидејќи тие помалку предизвикуваат вина. Токму она што се случуваше за време на „шарената“ револуција. Индивидуалните фрустрации честопати може да се испуштат во случај на јавен бес. Нормално, придружен со манипулативната политика. Покрај тоа, инцидентите на гнев на толпата често се глорифицираат од медиумите, што ги оправдува во главите на луѓето. Очигледно кај нас „шарените“ наивно веруваа дека нападите на толпата наскоро би можеле да станат „норма на денот“ – однесување на институциите што требаше да испорачаат правда во општеството. За нивна голема жал, кога не се случи тоа, нивната правда беше соголена. Го покажаа своето вистинско лице, жедно за гола одмазда кога судовите не судат по нивна желба. Велат дека луѓето што заземаат одмазднички идентитет генерално имаат позитивен став за себе и се доживуваат себеси како морално супериорни, особено во однос на нивната праведност. За жал, дозволија да бидат изманипулирани дека тие се избрани и го имаат правото да го поправат она што го карактеризираа, според нивните стандарди, за погрешно во општеството. Дали одмаздничката правда е оправдана? Не, не смее и не може да биде. Може да се разбере бесот на јавноста кога владата не постапила или кога полицијата и судството покажале целосна апатија. Но, во исто време, тоа не може да се оправда во долгорочен интерес на пошироката јавност. Чудно како некои луѓе си зедоа за право да судат за правдата врз основа на нивните критериуми, притоа заобиколувајќи го судството. Заборавајќи дека додека барате одмазда треба да ископате два гроба – еден секогаш за себе.

Правдата на толпата да го земе законот во рака не е ништо друго од обична слепа одмазда. Вообичаената реакција на личноста што трпи неправда е да бара одмазда. Веројатното влијание на одмаздата е со тенденција таа да донесе повеќе неправда и повеќе одмазда. Френсис Бејкон рекол: „Одмаздата е еден вид дива правда, кон која колку повеќе се стреми природата на човекот, толку повеќе треба законот да ја отстрани“. Таа „огорченост“, бес надвор од контрола, ги пробива своите граници, при што сега е јасно дека правдата на „шарените“ не била ништо друго освен правда на толпата, која требаше да доведе до колективно казнување на луѓето што беа претпоставено виновни за некакво кривично дело. Неспорно дека постои тенка и деликатна линија помеѓу тоа да се биде праведен и да се биде одмаздољубив. Тоа е разликата помеѓу одмаздата – дејствување од страв, под импулс на примитивното однесување што нè поттикнува да повредиме некој што нè повредил – и да се однесуваме со чувство за поголемо добро од љубов. И двете будат емоции, чувства и водат до истиот крај: во овој случај, лицето што нè повредило треба да плати. Во случајот на „шарените“, тоа беше одмазда за власт. Ваквата одмазда никако не смееше да биде опција, бидејќи последиците се страшни. Очигледно „шарените“ не беа ниту верници ниту неверници. Едноставно одмаздници, кои заблудени од политиката го продолжија циклусот на гнев, страв и насилство. Станувајќи инквизитори на правдата.

И сега одете на луѓе контаминирани од потребата за одмазда да им објасните дека ако постапуваме неправедно и не бараме само наше лично туку и општо добро, мораме да постапиме според законот. Што значи, делото ќе треба да се казни на суд. Суд независен и ослободен од психологијата на толпата и нејзината потреба за гола одмазда. Затоа политичките „чувари“ на правдата во Македонија се шокирани, засрамени и збунети. Оние по чии нарачки се делеше правда се огорчени од „поразот на жедта за правда“. Нивната правда или, поточно, жедта за одмазда, која никогаш не била доблест, која е извор на страв, не е придружена со вистина, која креира недостиг од мир и гнев и продуцира зло. Зло за кое некој во иднина ќе мора да положи сметка. Зашто во животот е како во ресторан: никој нема да го напушти без да ја плати сметката.

Проф. Звонимир Јанкулоски