Ние сме гневни

Не, не, далеку од тоа! Ние не сме гневните. Зошто би биле гневни во оваа НАТО**бина? Сè е исто, само него го нема. А ги нема ни оние што маршираа, гушкаа, сечеа вени за демократија, правда и мир. Истите фаци (или слични на нив кога се во прашање странците) режираат Преспа 2.0. Дежа ви! Веќе видено. „Само уште Уставот, само уште Бугарите“ и влегуваме во ЕУ. За едно 10-20-30 години – кога јас нема да бидам жива поради старост, а многу млади и деца поради прерана смрт, резултат на ендемска некадарност, неморал, корупција, клучеви и пазарења, незнаење итн. Додуша, ако ја погледнете подобро, ни за ЕУ не е сигурно дека ќе преживее – барем не онаа ЕУ за која толку се токмиме. Не коментирам за оваа нова квазиуставна фарса, зошто ако не ја научивме лекцијата од Преспа, сега е веќе доцна некој да кажува што ќе се случи и кој сè ќе нè предаде. Веќе нè предадоа, а и ние самите себеси се изневеривме. Се покажавме поголеми „трајчиња“ и „трпевци“ одошто некој може да замисли. Оние венецијански трговци, не кило месо, туку и срцето ќе ни го извадат за да бидат „кооперативни“ и да нè внесат… хммм… каде?
Кога гледам со каква сериозност зборуваат министри, пратеници, професори, новинари и други т.н. експерти за ЕУ, не знам дали да плачам или да се смеам. Дали се глуви и слепи, или се можеби толку глупави да не ја гледаат големата слика? Или немаат т.н. „наратив“ да ни продаваат и да нè чуваат во хипноза? Какво бре менување устав кога големо мнозинство од граѓаните е против?! Каква бре дебата и умешност во формулирање на амандманите („со растреперена рака“ претпоставувам, а ха, колку што им беше и за Преспа) кога оваа власт ги слуша тие надвор, па дури ни калибар како Меркел не мора да притиска, туку Аналена, министерка „за една сезона“, е доволна. Случајно да не имаше дебата во 2017-2018? МАНУ одигра срамна улога со фингирање „дебата“ зад затворени врати и со однапред донесени „научни заклучоци“ дека нема ништо да се случи ако го промениме името под притисок, зашто ЕУ-интеграциите имале приоритет! Не, не, простете! Се нервирам и не можам ниту сериозно да ги земам ниту да аргументирам. Впрочем, не е ни време за мудрување и аргументирање. Околу нас распад, гнилеж, мириса на распаѓање и смрт. Јано, мори Јано – нема кој да протестира сега за твојот живот?
Додека ние сме оние со наведнати глави (пред сабјата), со изгубен поглед пред сиромаштијата и неизвесноста, која демне на секој чекор, во очекување на ветената земја и европскиот рај, таму се случуваат драматични настани. Војната во блиското соседство, но и глобалното редефинирање на светот, од (божем) мирољубивата Европа направи следбеничка на богот на војната, Марс (симболот на САД, ако му веруваме на сопругот на Викторија Нуланд, Роберт Каган). Тоа е веќе простор задоен со воена психологија и воена економија. Централната тема во која се впрегнати оние од европските институции е како да се победи Русија, а веднаш потоа и Кина. Воените буџети растат до небо, социјалните проблеми се во втор план. Но ако Соединетите Држави на Војната (според насловот на една United States of War, извонредна книга објавена од Универзитетот на Калифорнија) живеат од војна и за војна, капиталистичкиот систем си има своја логика (Маркс одамна ја разоткри, ама некои го заборавија, некои никогаш не го ни научија).

Банкарското цунами од преку океанот стигнува до Европа. Исто како и воената филозофија… Сè до Германија – финансискиот центар на ЕУ (Швајцарија не е во ЕУ, ама и тоа не ѝ помогна во новиот бран). А политичкиот центар на ЕУ, Франција, како да се подготвува за револуција, ако веќе не е почната. Холандските земјоделци (оние што ги малтретираа поради тоа што кравите испуштале гасови што ја загадувале животната средина) си направија партија и бум! Успеаја. Тоа што не ни гледаме како оние чудни Французи протестираат со месеци, ако не и години, не е наша вина. Медиумите (оние политички коректните, мејнстрим што ги нарекуваме) и овде, како и на Запад, не пренесуваат такви вести. Но некои од нас ќе чујат од пријатели, од други (политички некоректни медиуми), ќе видат снимки на социјалните мрежи – Париз гори! Само во овој град на последните протести излегле над 800.000 луѓе, а низ земјата над три милиони! Знаете колку луѓе се тоа??? Една и пол Македонија, од бебе до старци. Ја запалиле и портата на градскиот совет во Бордо, за која кажуваат дека претставува културно наследство од 18 век. Но историските реминисценции се чудна работа кај овој народ, кој така лесно се дига на нозе. „Културно наследство“ е и политичката култура, културата на протести, на барање народот (демосот) да биде консултиран и слушнат. Во пресрет на (сега веќе откажаната) посета на британскиот крал Чарлс Трети, по улиците има графити со текст „Чарлс, си чул ли за гилотината?“. Се разбира, идејата е да се потсети на онаа славна Француска револуција, која денес се слави како национален празник, но е чин во кој на брутален начин се раскрстува со монархијата. Кога му се обраќаат на кралот Чарлс, тоа е во духот на старата „ти кажувам ќерко, сети се снао“, затоа што француската јавност нема баш некој проблем со британскиот монарх (колку и да е паразит, тоа си е работа на британскиот народ). Французите си имаат проблем со Макрон, кого веќе со години го нарекуваат Кралот Сонце. Дури и „Фајненшел тајмс“ го поставува прашањето дали е потребно да се напушти моделот на Петтата француска република (воведен во времето на Де Гол, кога системот станува полупретседателски со голема моќ на страната на претседателот на републиката) и да се тргне кон модел на Шеста република. Иако е несомнено дека концентрацијата на моќ во раце на еден човек е застрашувачки опасна (во ера на нуклеарни закани, тоа особено паѓа во очи), сепак проблемите се многу подлабоки. Општествени, социјални, економски… Пензиската реформа е само она што ја прелеа чашата. И што ги обедини сите синдикати (обично поделени и раскарани), но и опозицијата и од десницата и од левицата. Искрено, на миг ме штрекна појавата на генералниот секретар на Комунистичката партија на Франција – зарем е можно? Среде Европа? Ехото на новата француска револуција нема да запре на границите на оваа значајна земја. Протестот, т.е. поддршката што дојде од европската периферија, Грција, навестува интересна политичка пролет.

Ако мислите дека нас не нè засегаат „разгалените Французи“ (со оглед на идентичното решение во пензискиот систем, а и климавиот пензиски фонд со дупка отаде планетата), се лажете. Она за што се бунтуваат Французите е начинот на владеење, оној на кој ние сме навикнале. Она што Макрон го прави со декрети, „нашите“ го прават со купување пратеници. Тврдењето дека „националниот/јавниот интерес“ е поважен од мислењето на граѓаните сме го чуле и овде, нели? Вие сте глупави, вие не сте далековиди, вие не знаете – ние ќе одлучиме за вашата светла иднина. И тоа ќе го сториме со прекршување на сите постојни демократски и уставни процедури. Во тој поглед, Французите се за восхит: тие се демос! Ние сме обична аморфна маса, која е подготвена да потклекне пред првиот притисок или шарена лажга. „We, people“, ние народот/граѓаните, тоа се идентитетот и моќта што ни недостига, која фактички никогаш не сме ја ни имале. Оние на власт треба да се плашат од моќта на народот, а не обратно. Колку и да е забегана власта од Елисејската палата, доволно добро го познава народот за да заклучи дека свечена посета на монарх од соседна земја ќе биде масло на огнот. Впрочем, дури и работниците задолжени за украсување на градот и постилање црвени теписи за вакви церемонии штрајкуваат. Заедно со ѓубреџиите. Колку и да се става скап француски парфем, смрдежот не може да се скрие.
А ние? Ние не сме ни гневни. Ние сме несреќни. Самоукинати. Зомби.
Кога сме веќе кај демократијата, едно глобално истражување (од западен тинк тенк) покажува интересни резултати за тоа колку луѓето веруваат дека живеат во демократија. На прво место е Кина – земјата што само за неколку децении успеа да се издигне од глад и сиромаштија до суперсила, елиминација на сиромаштијата и до голема средна класа. Но во очите на арогантниот Запад, кој ја критикува Кина и за состојбата со човековите права, кинеските граѓани се заблудени, идеологизирани, тоа само им се чини дека живеат мноооогу подобро од нивните родители. Впрочем, јавното мислење не се важи – ни во Кина ни во Франција. Така мислат оние што се поистоветуваат со богови на демократијата. И што има ние да мислиме, кога тие мислат за нас? Кога јагнињата ќе стивнат. Стивнати се.