Наместо грашок, ставете авокадо и руската салата ќе стане прозападна

Тато, па ова не е елка…
Како, бе, не е елка? Елка, ти си?
Јас сум.
Ете гледаш, Елка… и бор, ова е чичко Борче, маж на тетка Елка…
Ама јас мислев елка, елка за китење…
Китиќ? Миле Китиќ? Да, го свиреа и Миле Китиќ.
Па, дали си ти нормален? Зошто не му купи на детето елка? Ти рече да му купиш елка, а не да ја донесеш колешката сосе маж ѝ од кафеана. И зошто не стави ниедна фотка на Инста и видео на Тикток да видам како си поминувате со колегите, како ти се дотерани колешките, какво џингерлаке слушате, кој игра, а кој само ѕенѕа… Беше ти воопшто на новогодишна афтерворк парти или ќе треба да лажам низ комшилук дека си го заборави мобилниот дома? А ти не плачи, утре мамичка ќе ти купи елка на враќање од журка, да знаеш колку сме возбудени во фирма… Ќе видиш, ќе се вклучам во живо на Фејс, леле, директорот рече дека ќе нè изненади, затоа што ќе се облече како Дедо Мраз…
Дедо Мраз??? А ќе дојде и кај мене Дедо Мраз?
Нема да дојде. Оваа Нова година, Дедо Мраз нема да дојде кај малите нордистанци. Не затоа што тие биле лоши, не ги слушале родителите и попуштиле во училиште. Напротив, баш беа добри, воспитани, политички коректни, не само што ги слушаа родителите туку слушаа и политичари, хеликоптери, амбасадори, извештаи на ЕУ, новинари, сите неодговорени пратенички прашања, слушаа и турбофолк со мама и тато, а за попуштање во училиште воопшто и да не зборуваме, затоа што не само што правилно ги научија сите грешки во учебниците туку учеа и кога немаа учебници, па родителите малку попуштија со нервите, зашто мораа да ги учат децата она што самите на времето, кога имаше учебници, не го научиле. Дедо Мраз нема да доаѓа во Нордистан додека не влезе во Устав сосе ирваси, санка, пакетчиња и…
Русјаков, дај бе малку олабави, Нова година е!
Баталете ме! Мамурен сум. Толку се начукав од сите ваши џингерлаки ставени на социјалните мрежи, што потоа морав да си подметнам дрога во стварноста за да ме врати во ненормала. Не сте нормални со еуфоријата, како да сте деца, а не возрасни луѓе со една нога во ЕУ, а бе како да влегувате во спејсшатл, а не во факинг 2024 година…
Драг Дедо Мраз, те молам во новата година да ни донесеш датум за пристапни преговори со Европската Унија!
Не може, копиљ, ништо не ви носам додека не донесете одлука за заедничко славење Нова година со Бугарите. Да гиневте како Украинци, друг „џингл бел“, ќе се пееше, ама вака, јок… разбра?
Разбрав. Не знам што е толку тешко другите да разберат дека сосема е нормално да ги чествуваме Кирил и Методиј, Дедо Мраз, Гоце Делчев и Дино Мерлин заедно со Бугарите.

Зошто Дино Мерлин?
А зошто да не? Што има лошо ако признаеме дека лапонскиот е бугарски дијалект? Па, нели потпишавме дека Македонците се Лапонци, а Лапонците, нормално Хелени и дека Дедо Мраз сосе ирваси, санка и пакетчиња е дел од грчката античка историја, која не смееме да ја крадеме и оп… Дедо Мраз ни донесе членство во НАТО, затоа што си го сменивме името во Нордистан за да бидеме поблиску до Северниот Пол, до Северноатлантската алијанса со која владеат Соединетите Северноамерикански Држави. И пол сменивме, така? Воопшто не ни беше тешко, напротив, сега се чувствуваме модерно и прогресивно, откако во учебниците по географија сменивме пол, па сега децата учат дека Јужниот Пол е на север од Запад каде што изгрева сонцето.
Ама, Русјаков, ти вака посабајлечки изгледа не изми само заби, туку и мозокот гледам си го испрал…
Па, нели, најлуда ноќ? Ете, вие полудувате по кафеани и молови, како да ве држеле затворени во карантин… во Западен Балкан, зошто и јас да не полудам? Вие по кафеани, јас меѓу редови. И онака, од Македонци се ребрендиравме во лудаци за да влеземе во воена алијанса, па директно во војна, предигра за онаа третата… светска… која само што не почнала. Ама не е битно што влеговме во војна, колку што е радикално оригинално и катарзично радосно што влегуваме во факинг 2024… па во ЕУ, откако во борбата на западниот фронт, нашиот проевропски фронт со помош на стратегиските ни партнери, ќе извојува победа над деструктивната антизападна, внатрешна македонска руска ординација (за подметнување руски вируси и салати), која упорно сака да ни подметне факинг руска салата како вирус, во ондујанот сервиран на новогодишна трпеза. А ха, комшијата ми се пожали дека пробале да му подметнат руска салата во веќе спремното ратататуи, ама жена му ги зезнала, им подметнала авокадо наместо грашок… За среќа, од добро упатени кулоари и будоари, дознаваме дека нема да ѝ трае векот на таа внатрешна македонска руска ординација, затоа што Америте ќе им го рокнат главниот готвач, ќе го направат американска салата како што ги рокнаа оние двајца непослушни просрпски руски ботови во Далас и Мостар, па ќе видиме чија мајка црн кавијар во бешамел подметнува дури броиме мртви непријатели како добиени датуми за пристапни преговори… А не добивме малку датуми.

Русјаков, ама тебе стварно ти ја згрешиле терапијата…
Не ми ја згрешија, ми подметнаа пласибо, а терапијата ми ја шитнаа преку граница. Ја пренел трет братучед на Пабло Ескобар со нордистански пасош. На граница се сретнал со Дедо Мраз, кој не сакал да влезе во Нордистан без гас-маска. Граничарот морал да му објасни дека тоа отровите во воздухот се од минатиот режим. Секоја година тие гадни честички ни ги подметнуваат во воздухот со помош на руски „е*иветерници“, преку кои Кремљ внесува смут, ветер и магла во нашиот англоариевски чист нордистански воздух за да не можеме од загаденоста да ја видиме светлата иднина.
А она белото од оџаците, прашал Дедо Мраз, тоа сигурно Русите горат гуми за џвакање, така?
А не, кај нас славиме и католички Божиќ, па традиционално секоја православна и муслиманска куќа избира папа.