Намален наталитет, намален морталитет и намален природен прираст на населението

За обележување е состојбата на негативниот природен прираст на населението од 2019 година, кога започна процесот на зголемен морталитет, кој беше повисок од наталитетот, и тој процес трае и ќе трае доколку не се преземат навреме сериозни активности

Годините минуваат, демографските состојби се движат во негативен правец, пораки, предлози, сугестии се даваат, меѓутоа истите тие слабо се расправаат а според тоа не се преземаат сериозни мерки и активности. Зошто го говорам или пишувам сето ова? Па, да не се враќам многу наназад со години, доволно ќе биде да ги прикажам податоците само за период од 22 години, и тоа од 2000 година до 2022 година.
Во 2000 година наталитетот беше 26.168, во 2010 – 24.296, во 2020 – 19.031, во 2021 – 18.648 и во 2022 година, во периодот јануари – јуни, 8.388, според првите резултати. Во истиот наведен временски период морталитетот беше 17.085, 19.113, 25.755, 28.156 и 12.127. Како резултат на наталитетот и морталитетот произлегува и природниот прираст на населението, односно дали тој се намалува или се зголемува. Во претходните години и во периодот од 2000 до 2018 година, земјава имаше позитивен природен прираст на населението, односно бројот на населението по природен пат се зголемуваше. Затоа постојано во тој временски период и процените на населението беа позитивни. Но бидејќи во земјава не се следат појавите на иселувањето на населението од земјава, процените на населението даваа позитивни податоци, а состојбата е сосема друга, што се потврди со добиените податоци од спроведениот попис на населението, домаќинствата и становите во септември 2021 година.
За обележување е состојбата на негативниот природен прираст на населението од 2019 година, кога започна процесот на зголемен морталитет, кој беше повисок од наталитетот, и тој процес трае и ќе трае доколку не се преземат навреме сериозни активности.
Тоа се потврди и со добиените претходни податоци за оваа 2022 година, за периодот од јануари до јуни. Во наведениот период, бројот на живородени деца изнесува 8.388, а на умрени 12.127 што доведува до намалување на населението за 381. Првите резултати добиени за 2022 година покажуваат дека сите состојби се бројчано намалени во однос на истиот период од 2021 година. Тоа значи дека трендот на намалување на населението во земјава продолжува и натаму.
Доколку сакаме да знаеме каква е состојбата по региони, веднаш да кажам дека во сите осум региони е со негатива, односно има намалување на населението, затоа што бројот на умрените е поголем од бројот на живородените деца. Секако дека ако се погледнат бројките по општини треба да се знае дека во 66 општини имаме негативен природен прираст, а само во 15 позитивен, од кои во Скопскиот Регион се 8, во Полошкиот 3 и по една општина во Вардарскиот, Пелагонискиот, Југоисточниот и Североисточниот. За истакнување е дека во Источниот и Југозападниот Регион во сите општини има негативна појава.

Во однос на живородени деца, најмногу има во Скопскиот 3.228, Полошкиот 1.308, Пелагонискиот 832, Југозападниот 569, Североисточниот Регион 677 итн. По општини, најмногу има во Чаир, Аеродром, Центар, Гази Баба, Штип, Битола,Тетово, Гостивар, Куманово, Липково, Струга, Студеничани, Кичево, Желино, Струмица, Боговиње, Шуто Оризари итн.
Во однос на бројот на живородени деца, по направените анализи за живородени деца во други земји на наши државјани, морам да напоменам дека нивниот број секоја година се зголемува, со исклучок во 2020 година, поради пандемијата, односно ковидот, а во 2021 година тој број е 5.503 и е највисок или најголем откако се водат овие податоци. Истовремено е за наспоменување дека во седум општини има повеќе живородени деца во други земји отколку во земјава, а во дваесетина има речиси исти или блиски состојби. Тоа значи дека колку деца се раѓаат во Република Северна Македонија речиси исто се раѓаат и во други земји каде што живеат или престојуваат наши државјани.
Што се однесува, пак, на бројот на умрените лица, тој е намален во однос на 2021-та и изнесува 12.187, што прави негативен природен прираст од 3.799 или помалку население. Најмногу умрени лица има во Скопскиот Регион 3.499, Пелагонискиот 1.656, Полошкиот 1.384, потоа Југоисточниот со 1.204 и Источниот со 1.202 итн. Наведените состојби, освен по региони, може да се анализираат и овде и по општини, меѓутоа сметам дека е доволно изнесеното за да се добие претстава за овие состојби, кои за мене се загрижувачки, иако појавите се присутни и во земјите на Балканот и пошироко. Но треба да се знае и тоа дека во истите тие се прават анализи и се преземаат мерки и активности.

Се ваквите појави во нашава земја има околу педесет општини во кои имаме негативни појави дваесетина години, а таквиот тренд продолжува и натаму. Меѓутоа треба да знаеме дека се прави депопулација на просторот, односно тој се празни. Оваа појава придонесува за територијално разместување на населението и празнење, што се покажува со податоците од пописот во 2021 година, каде што имаме 207 празни населени места, или 60 повеќе отколку со пописот спроведен во 2002 година. Оваа појава на празнење на просторот или депопулација треба сериозно да ги загрижи надлежните во земјава. И секако да се запрашаме зашто? Затоа што ваквите негативни трендови на демографските појави имаат влијание на водење лоши политики во сите планирања на иднината. Веднаш може да се каже како сето ова влијае на рамномерниот развој на земјата, кој не е рамномерен, иако постојат закон, стратегија, акциски план итн. Едноставно веднаш може да се констатира каде има колку население, домаќинства, станови, каква е половата структура, образовната, густината на населението, колку има училишта, колку има ученици, колку се обработува земјиштето, каква е инфраструктурата и уште многу, многу други појави за кои надлежните институции треба да направат сериозна студија.
Во оваа насока, потребно е, како и во голем број земји што се соочени со овие појави на демографски бум, да се преземаат мерки и активности преку надлежните институции, правејќи стратегии, да се формираат експертски комисии, работни групи, да се доделуваат финансиски средства и низа други подобрувања за подобро утре. Проблемот е присутен, а и тој најмногу придонесува за негативните демографски трендови со иселувањето од земјата и земјите, а особено на младото население. И за оваа појава се работи во соседните земји и се обрнува силно влијание преку надлежните институции со разни активности да се намалат тие иселувања, но велат тоа е процес и не може да оди со брзо темпо на спречување или намалување на интензитетот. Потребно е време за надминување на овие појави. На крајот, само да кажам дека нема држава без народ или нема училишта без ученици.
Веројатно појавите што се присутни во земјава ќе допрат до одговорните и носителите на активностите што се во нивна надлежност, за кои се добро платени, потрошени се многу финансиски средства од домашниот буџет, меѓународни фондови, донации, а се поставува прашањето каде се резултатите.

М-р Дончо Герасимовски

(Авторот е поранешен директор на Државниот завод
за статистика и демографски аналитичар)