Мајската изборна треска

Уште сега, во јануари, може да се каже дека мај 2024 нема да биде обичен месец. Ќе биде мај што ќе се памети. Ќе има избори, ќе се избираат ново собрание и нова власт. Македонските граѓани ќе гласаат по 11-ти пат на собраниски и по седми пат на претседателски избори, првпат со Албанец на чело на привремена влада. Ќе се оформува новата политичка слика на Македонија, од неа ќе зависи што ќе гледаме и како ќе живееме наредните четири години.
Мај е петти месец во годината според грегоријанскиот календар, а осми според календарот на црквата. Есенски месец на јужната хемисфера и пролетен на северната, на нашата. Најубавиот, климатски најповолен месец меѓу другите единаесет во годината.
Речникот на симболите кажува дека името го добил од Маја – нимфа од Аркадија, која е олицетворение на будењето на природата напролет, божица на плодноста, извор на виталната енергија. Била тајна врска на Зевс, воделе скришна љубов во пештера.
Да не ја шириме античката митологија, да ја земеме за вистина македонската народна традиција. Забележани се три народни имиња за мај: Ѓуроѓовденски (според Ѓурѓовден, кој секогаш е на 6 мај), Црешар, кога зреат црешите, и Косар, месецот на косењето на ливадите. Разбудена е природата, збувнува, расте и се размножува. Во мај цутат јаболкниците во Преспа, нема сликар што може да го долови тоа богатство од бои, таа божја убавина. Зеленеат шумите и горите, се возбудуваат печуркарите на почетокот на сезоната.
Изборите се закажани во среда, на 8 мај. Необична симболика има овој датум: три дена по Велигден, според православниот календар, два по Ѓурѓовден, ден пред Денот на победата и Денот на Европа. Светски ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина. Ден на светиот евангелист Марко. Денови на вистински преплет меѓу религијата, традицијата и новото време. Пред тоа 1 Мај, меѓународниот ден на трудот, почнат уште во 1888 година како сеќавање на побуната на американските незадоволни работници од грубоста на газдите во пристаништето во Чикаго. Први мај од отпор кон капитализмот стана симбол на комунизмот, на пролетери од сите земји. Од големиот празник сега нема ниту сјај ниту значење, само спомени. Нема комунизам, нема работнички права. Има слободни повеќепартиски избори.
Други два датума може да се спомнат како предупредување пред изборите, имајќи претходни партиски и гласачки искуства. Петти мај е Меѓународен ден на хигиена на рацете. Во светот чистите раце се синоним за грижа за здравјето. Кај нас чистите раце во политичка смисла се раце неизвалкани од криминал, мито, корупција, од изборни насилства и фалсификати. Ако во политиката има неизвалкани раце. Другиот датум е 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите. Шанса медиумите токму пред изборните и по изборните денови да се издигнат над политиката.

На 8 мај гласачите ќе држат гласачки ливчиња, можеби и понекое црвено велигденско јајце, што не е забрането. За среќа на својата партија, на своите кандидати. Треба да се потсети дека тие денови верниците што се православни христијани, наместо со здраво, се отпоздравуваат со зборовите: Христос воскресе – Навистина воскресе. Но, на самиот ден главното прашање ќе биде: Гласаше ли? Дневната дилема е кој ќе биде победникот, дали опозицијата ќе воскресне или уште четири години ќе си биде оставена распната на крстот.
Денот по изборите, по дознавањето на резултатите ќе се прават изборни прогнози и постизборни математики.
Политиката не е ниту математика, ниту астрологија, ниту судоку, иако во некои случаи бројките може да се наредат многу полесно отколку што претпоставуваат гласачите. Политиката е сурова дејност, во неа нема чесност каква што се бара од секој гласач. И превртлива, сто отсто.
Иако тактички се навестува, сепак, тешко е да се прогнозира што навистина ќе се случува, каде и како ќе се движи државата, имајќи предвид дека Република Македонија е длабоко поделено општество по повеќе основи и со дијаметрално спротивставени позиции за главните партии. Прашање е дали може да се очекува спуштање на топката, смирување на страстите или раст на тензиите, иако второто секогаш било поприсутно. Можно ли е да се смири внатрешниот постојан македонско-македонски судир меѓу двете најмногубројни партии, што би водело кон општо национално добро, знаејќи дека изборната треска е силна треска.
Рано е да се согледа енигмата дали на овој 8 мај гласачите и граѓаните ќе бидат сведоци на повторување на минатото или конечно ќе се покаже дека научиле нешто од него. При неколку избори се покажало дека претходните грешки не биле добри учителки.

Таа среда, тој неработен ден, ќе се решава каква Македонија сакаме, дали е оваа таа каква што ја сакаме или ја сакаме поинаква. Како ќе изгледа Македонија по тоа големо мешање на картите, кои ќе бидат главните крупиеји во кaзиното North Macedonia. Во Европа со неподносливи услови или со нужен национален дигнитет, барем со скромна почит дека станува збор за способен и разбран народ, за нормална држава.
Овие прашања не спаѓаат во доменот на политичката астрологија. Тие се прашања за реалноста на неизвесното време во кое живееме, а кое сакаме да биде мирно, стабилно, безбедно.
Но, колку што нештата зависат од тоа што ќе се случува во самата Македонија толку зависат и од она што го чека светот.
Во 2024 година нема да се гласа само кај нас. Годинава ќе влезе во историјата како година кога се одржале рекорден број изборни циклуси во светот. Значајни избори ќе има во над 40 земји. Исходот од изборите ќе ги обликува светот и Европа за идните генерации. Меѓу најважните изборни процеси за годинава се претседателските во Русија и во САД во март односно ноември. Тука се и европските избори во јуни за составот на Европскиот парламент и Европската комисија. Тие се трите центри што го вртат и го тресат светот, не само оној што ни е нам близок туку и оној што ни е многу далеку.

[email protected]