Како станав атеист

Не сакам верски фанатизам. Се вознемирувам при „средба“ со религиозни фундаменталисти. Насилно наметнување догми, сеедно дали тоа насилство е физичко или вербално, го сметам за варваризам. Затоа со сите сили се обидувам да ги избегнам без да се трудам да ги менувам или да им го наметнам својот став како единствена вистина, оти така ќе бидам ист како нив. Ама па, не можам да премолчам кога гледам како овие фанатици и фундаменталисти, сега засега вербално, но веќе утре може да се случи и практично, ги креваат своите клади, ги стегаат камењата в раце, ги коват идните распетија за неистомисленици.
Христовата наука учи дека Христос (месија, помазаник) е патот и вистината. Уште додава дека тој пат е тежок и трнлив, води до тесната врата, а вистината не се бара во плиткото каде што е лесно да се шлапка, туку во длабокото каде што демнат многу опасности, а ти мора да се нурнеш меѓу нив. На крајот, „в раце“ ми ја става слободната волја, самиот да изберам кој пат ќе го одам. Сето ова ми звучи крајно демократски.
За разлика од Христовата наука, која се однесува на секој човек поединечно (не на цели заедници или народи), па од поединецот зависи дали ќе прифати или отфрли, новодогматиците и религиозните фанатици на тројството, САД, ЕУ и НАТО, ми велат еден е изборот, а јас, како битие, немам друга алтернатива. Не само што ми велат туку ме убедуваат, ми се закануваат, врескаат по мене, ако случајно имам различни верски чувства. Тогаш тие мои различни чувства ги прогласуваат за говор на омраза и на секој начин се обидуваат да ги забранат, особено преку инквизициската шпанска чизма, наречена политичка коректност. Не само што силеџиски ми наметнуваат дека само тие се патот и вистината туку имаат впрегнато фундаменталисти со задача да ми ја одземат слободната волја за случајно да не се посомневам во нивната светост.
Ваквиот фанатизам ме вознемирува. Пред пантеоните во Брисел и во Вашингтон постојано се жртвуваат идентитети, народи, држави, култури, влади и човечки судбини. Ако некој случајно крене глас против оваа налудничава појава на идолопоклонство, нивниот синод претставен преку институции, емисари и невладини организации ги праќа своите инквизитори, кои ја мерат вистината и те обвинуваат дека си вештерка што прави оргии со ѓаволот наречен Русија, па ги крева кладите за да ти ги согорат душата и телото.
Навистина ме вознемируваат ваквата религиозна фундаменталистичка агресивност и хистеричност, кои на брутален, речиси хулигански начин сакаат да ми се пикнат во приватноста силувајќи ми ја интимата. Нивната арогантност, забеганиот елитизам, неконтролираната наметливост и инсистирањето на исклучивост, наместо рибари на човечки души, ги прави ловокрадци на севкупното битисување, оти тие не зборуваат симболично, туку фрлаат динамит буквално, ако не им ја прифатиш догмата.
Верскиот САДизам, религиозниот ЕУ-фанатизам и догматизмот на НАТО-фундаменталистите се опасност за секое битие и неговата слободна волја, идентитетска индивидуалност и право на избор, макар бил и погрешен. Наметнуваат ропство во кое сите имаме право на нивно мислење.

Не простуваат гревови, а грев е ако не веруваш дека тие се божества, единствен избор без алтернатива што секако звучи налудничаво, ама спротивставувањето е опасно по твојата интимност, слобода и живот. Тие се патот на новиот религиозен фанатизам во најзабегана форма, но и вистината за постоење инквизиција, моќна и хистерична, која те демне од секоја пора на општеството низ кое ги напикаа своите догми.
За среќа, поголемиот дел од светот, освен меѓународната заедница, не го прифаќа ова верско лудило или прогресивно кажано, на црквата на САД, ЕУ и НАТО ѝ рекоа, цитирам, „да одјебат“. Јас сум свесен дека ова мое антирелигиозно беседење ќе ме стави во опасност да бидам сатанизиран како руски демон, па да ми се вдаде инквизицијата со своите кантари за мерење на количеството вистина во моите чувства претворени во зборови и да ме прогласат за богохулен лудак и незнабожец што треба да се казни, запали, каменува, распне, најпрво симболично, а потоа, зошто да не и физички, ама па не стравувам од последиците, многумина пострадале и допрва ќе страдаат обидувајќи се да докажат дека оваа наметната официјална религија на меѓународната заедница е безумна, антицивилизациска, идолопоклоничка, деструктивна и погубна, оти сака да ја погуби душата преку ликвидирање на слободната волја за да го направи телото роб на своите материјални догми.
Па така, ако евроатлантизмот стана нова религија, тогаш јас избирам да бидам атеист и да ѝ верувам само на науката… на Христовата наука, оти ми се гледа далеку послободоумна, прогресивна и пред сè љубовна, креативна, а не наметлива и деструктивна, оти ми го дава правото дури и да не ја прифатам, што не е случај со ова новодогматско, фанатично и фундаменталистичко однесување на самопрогласената црква наречена меѓународна заедница.

Океј, доволно си создадов проблеми во најава. Очекувам да бидам прогласен за лудак од прогресивните „нормални“, интелектуалната бижутерија и нивното инквизициско „свештенство“ од експерти, политичари, фактчекери и ловци на руски вештерки. Искрено, до цинизам и назад, смешни ми се сите нивни хистерии постојано насочени кон духовните учења, пред сè христијанството, демек религиозната забеганост е опасност за нивните западни вредности и цивилизациски достигнувања, ама во стварноста, ги прогласија САД, ЕУ и НАТО за царство небесно каде што, пазете сега, мора да влезам, оти тоа да ми бил единствениот избор. Па Христовата наука во однос на нивната догматичност ми изгледа како безгранична слобода наспроти робовладетелство под јарем на силеџии, лицемери и фарисеи.
Цинизам на страна, секој има слобода да верува во што сака, ама да не му ја наметнува својата волја на другиот, оти науката вели, прави им го на другите она што тебе сакаш да ти го прават. Проблемот започнува во моментот кога оние што ѝ робуваат на некоја догма, сакаат сите да нè направат робови на истата таа. Разликата е во „ако“ и „мора“. Христос вели, јас сум лебот на животот, ако врвиш по мене, вечно ќе живееш. Религиозните фундаменталисти со евроатлантистичка вероисповед ми велат, нема ако, мора да врвиш по нас, оти нема да живееш.