Како Мицкоски преправен во Шредингерова мачка проба да се провре на инаугурација

Знам, сите со нетрпение очекувате да го изнесам своето мислење за настанот што го потресе и го преврте светот поради својата мистична трансцендентност. Имам јас став, сатори и созерцание околу овој тежок за дешифрирање триаголник (со око во средина) меѓу Најчевска, Бунтур и точакот, ама бидејќи за него веќе се изјаснија сите медиуми, политичари, аналитичари, експерти, мистици, езотерици и алхемичари, за да не бидам капка што ќе ја прелее чашата во која се мешаат симболика, сублиминарни пораки и гностика, ќе се занимавам со настан што остана во сенка на горенаведеното.
Доналд Трамп стана нов претседател на Штатите. Но само пет минути пред да се заколне дека ќе ѝ служи на државата, Џо Бајден ги помилува синовите, ќерката, снаите, зетот, родените внуци и оние што допрва ќе се раѓаат, чичковците, тетките, братучедите до седмо колено, золвите, балдазите, јатрвите, баџанаците, свекорите и свекрвите. А да, го помилува и оној Фаучи, иако не му е роднина, го ослободи од сите обвиненија што не се ни поднесени и баш да видиме како сега Господ на Страшниот суд ќе се препотува кога нема да смее да му суди на оној што можеби на многумина им пресуди.
Што ми беше муабетот? А да, Доналд Трамп по вторпат влезе во собата во која не можеш да испратиш никого во ќош ако е немирен и се глупира. Пред да влезе во таа соба наречена овална, немирни деца се глупираа на инаугурацијата. Сеедно стопати им биле повторени правилата. Немој да си се пентарел по бините, не мора сите тебе да те слушаат, ме слушаш ли ти мене(?), Илоне, извади тоа слушалките, значи немој да се расправаш со другите деца! Или, да си седнал дрво на дрво таму кај што ќе ти покажат, Марк, гледај ме ваму, тебе ти зборувам, престани да се ѕвериш по тетките и немој прв да се грабаш за храната, прво треба да земат возрасните, а ти дома ќе јадеш кога ќе си дојдеме, разбра или на ѕидот му зборувам?
Е ама, темперамент не познава церемонијални правила и манири, деца како деца, во природа им е да се бељаџии, па бељите се неизбежни. Значи Илоне, во земја пропаднавме, колку пати треба да ти се рече, бината не е цреша, да се пентариш на неа? Ама… ама… јас си седев мирен и оној… оној Марк ми рече дека неговата мрежа е поголема од мојата и јас… и јас морав да му покажам дека мојата е нааа, толку голема, од тука до небото и со рачето сакав да покажам… И со рачето покажа нацистички поздрав, мочко низаеден! А што е тоа нази… наци? Нацисти, Илоне, нацисти, нив по грешка ги победивме во Втората светска војна, како што рече и Патон, иако некои злобници тврдат дека Русите ги победиле, ние ги победивме, а всушност против тие Руси требаше да се бориме, не со нацистите, затоа сега ние во Украина поддржуваме… и доста прашуваш глупости што не можеш да ги разбереш!
Марк… Марк… нели ти реков да седиш дрво на дрво? Па, седев, што сега… Седеше, седеше, ама шараш со тоа очите, а колку пати сум ти рекол дека тетка со отворено деколте се гледа само во очи? Ми рече, ама и ти гледаше. Гледав, вистина е, ама тато може, тато е возрасен и… Тато, зошто шепотиш? Шепотам затоа што овие разговори не се за мајки, значи слушај кога ти шепотам, тато може, ти уште не…
Добро бе, Русјаков, ќе кажеш ти нешто за инаугурацијата на Трамп?
Се извинувам, знаете како е, денес ти е најважниот ден во животот и одеднаш сите сакаат да ти го земат чаламот, некој почнува да милува кајшто не треба, деца се клоцаат под масите и гледаат во цицките, квантна механика ти се пика среде заклетва и…

Каква сега квантна механика?
Таква, безобразна, по дефиниција „не може да ја предвиди точната местоположба на честичката во просторот, туку само веројатноста да се најде на различни местоположби“, па следејќи ја таа научна логика, Мицкоски, преку тунелски ефект, како Шредингерова мачка во чизми проба да се провре на инаугурацијата, ама ловците на вистински честички и лажни вести ја открија неговата измама, по што му спроведоа дискредитација на личноста и дискретизација на енергијата. Јас отидов уште подлабоко во фактчекирање и открив дека не само што Мицкоски не бил на инаугурација, не само што ги промашил дрескодот и салата, туку и воопшто не стигнал во Америка. А зошто така? Па затоа што тој воопшто и не е премиер на Македонија, тоа е само лош пиар и провидна пропаганда дека победил на избори и составил влада. Вистината поддржана со факти покажува дека на изборите, како што покажаа и анкетите, победи коалицијата за европска Македонија, која ѝ кажа НЕ на Русија. Затоа и на инаугурацијата присуствуваше владејачкото свето тројство на Зоче, Таче и Филипче, потоа, човекот со меч во раката, кој не изгубил ниедна битка, зашто во ниедна војна и не учествувал, а како засебна делегација присуствувала и Левица.
А зошто не ги видовме? Затоа што скромноста им е дрескод, а се водат според Хајзенберговото начело на неопределеност, па така светата тројка на Зоче, Таче и Филипче, водена од заветната догма дека „попрво Камала ќе се провре низ грамофонски иглени уши на концерт на Харис, отколку Мицкоски на инаугурација“, не беа видени затоа што седеа во скришната ложа во срцето на американската демократија, човекот што носи меч и не јаде бисквити беше на средба со Ред Редингтон, каде што зборуваа за некои суштински исправки на неговите листи, а Левица, која не присуствува на империјалистички инаугурации, положи свежо цвеќе таму кај што Тито запали пура пред лицето на Никсон во Белата куќа.
А по инаугурацијата, Трамп му испрати писмо на Путин и тотално ја промаши поентата. Почна со некои љубовни воздишки, па колку ја сакаме Русија, па ние и Русите сме едно, како виски и вотка, како москвич и кадилак, како бургер и кавијар, како Гулаг и Гвантанамо… ало, бре, Руси се тоа, сите нивни љубовни песни и приказни (сосе писатели) завршуваат со двобои, под воз, во прогонства. Со вториот дел од писмото, секако малку ги возбуди споменувајќи сила и притисоци, па Русинот излезе од водата минус триесет степени студена, ја погали мечката и викна, а-ха, рече сила, тоа е тоа, дај ваму некој блицкриг, нешто возбудливо, може пак ќе треба да си ја палиме Москва, кога одеднаш… шок! Силата ќе се манифестира во санкции. Кои црни санкции, Доналде? Нели гледаш дека секоја санкција им крева ерекција, па економија? Треба да ги изиграш со одисејска тактика, со данајски подарок, јас да сум на твое место ќе им дадам тројански коњ, па во писмото ќе напишам: во знак на траен мир меѓу САД и Русија, како и запирање на бесмислената војна во Украина, а со цел нашите народи подобро да се поврзат, ѝ ја подарувам на Руската Федерација, Калифорнија. Па, нека му ја мислат потоа!