Дали е-цигарите се штетни за срцето?

Дека пушењето и цигарите се штетни по човековото здравје нема дилема. Затоа пушењето со закон беше забрането на јавни и затворени места низ светот. Но, барем кај нас, познати по кусото помнење, некако сосема ја потиснавме оваа забрана и пушењето полека се врати насекаде. Најмногу загрижува фактот што младите луѓе при своите дружби неизбежно пушат. Од друга страна, поодамна се појавија таканаречените е-цигари, кои на пазарот влегоа без да подлегнат на токсиколошки тестирања. Нивното прифаќање беше базирано на процената дека се до 95 отсто помалку штетни од традиционалните цигари. Рекламите сугерираа дека е-цигарите се добра алтернатива на конвенционалните цигари и можат да служат како заобиколен начин за откажување од пушењето.
Прашањето што се поставува е: кој е ризикот од е-цигарите за срцето? Едно најново соопштение од Германското респираторно здружение покажало дека сметајќи ги оштетувањата на ендотелиумот и токсичноста, е-цигарите имаат негативен импакт многу сличен на конвенционалните цигари. Уште повеќе, е-цигарите многу често водат до двојна штета.
Бидејќи е-цигарите се релативно поново откритие, долгорочни студии за последиците по срцето не биле достапни. Меѓутоа, научниците од спомнатото високо научно здружение објаснуваат дека влијанието на ендотелната функција претставува релевантен предизвик на процена на здравствениот ризик. Ендотелната функција претставува биомаркер за рана супклиничка артериосклероза. Ако, пак, ендотелијалната функција е оштетена, тогаш ризикот за срцев и мозочен удар се значајно зголемени во наредните 5-10 години.
Дополнително, резултатите од една вкрстена студија покажаа редуцирана васкуларна еластичност по консумирање обични, но и е-цигари. Оваа ендотелијална функција кај испитаниците е испитувана преку метод наречен – проточна вазодилатација. Најдени се значајни ефекти на крвните садови дури и кај испитаници што никогаш не пушеле, а инхалирале никотински слободни аеросоли ослободени од е-цигарите. Пред и по инхалацијата параметрите на ендотелијалната функција биле испитувани со магнетна резонанца. Притоа, по инхалацијата индексот на резистенција бил за 2,8 отсто поголем, а проточната вазодилатација се намалила за 34 отсто. Една огромна студија изведена во Кина покажала дека е-цигарите водат до значајно зголемување на пулсниот бран. Овој параметар – пулсен бран, претставува исто така маркер за ендотелијалната функција. Колку крвните садови се потесни, толку е повисок пулсниот бран, па авторите на студијата заклучиле дека е-цигарите не треба да се дозволуваат како замена на класичното пушење.

Уште една нова студија во февруари 2024 ги споредувала ефектите од класичното пушење и е-цигарите. Резултатите покажале дека токму е-цигарите предизвикуваат оксидативен стрес, инфламација, ендотелна дисфункција и значајни кардиоваскуларни последици. Авторите на студијата ги припишуваат наодите на преклопување на токсичните соединенија во пареата и чадот од тутун и слични патомеханички карактеристики на испарувањето и пушењето. Иако токсичната смеса во чадот е посложена, и е-цигарите и тутунските цигари ја нарушуваат ендотелијалната функција во слична мера. Авторите го припишаа ова откритие на оксидативниот стрес како централен механизам.
Овие наоди се потврдени и од Универзитетот во Мајнц во 2020 година, врз база на студии изведени на животни и луѓе. Дополнително, освен на ендотелијалната функција токсичните ефекти биле регистрирани на протеомот, транскриптомот, епигеномот, микробиомот и циркадилајниот ритам. Конечно, токсичниот ефект на е-цигарите исто така е потврден како тежок карциноген и токсин што има долгорочен токсичен ефект на други органи предизвикувајќи невролошки симптоми, белодробен канцер, кардиоваскуларни болести и болести на висцералните органи. Дополнително, покажано е дека дури и мали експозиции на никотинот од цигарите може да доведе до значително зголемување на кардиоваскуларните проблеми.
Електронските цигари се користат во клиничките студии за откажување од тутунско пушење. Резултатите од нова рандомизирана студија покажаа дека значително повеќе пушачи што биле префрлени на е-цигари се откажале од пушењето, во споредба со контролните испитаници. Но немало значајна разлика во целосното откажување од пушење помеѓу групите. Покрај тоа, 45 отсто од пушачите што преминале на е-цигари станале двојни зависници, во споредба со 11 отсто од контролните. Преформулирањето на овие резултати значи дека за едно лице што се откажува од пушењето со користење електронски цигари, се добиваат пет луѓе што користат и традиционални цигари и е-цигари.
Затоа, современите автори на овие студии истакнаа дека оцената дека електронските цигари можат да помогнат при откажувањето од цигарите можеби е погрешна. Наместо тоа, се чини дека „електронските цигари имаат спротивен ефект“. Тие, исто така, забележуваат дека возраста на иницијација за е-цигари е генерално пониска отколку за тутунски цигари: потрошувачката често започнува на возраст од 13 или 14 години. И потрошувачката на електронски цигари кај децата и адолесцентите се зголемила за 7 отсто од 2016 до 2023 година. Метаанализата објавена на крајот на февруари, исто така, покажува дека електронските цигари се исто толку опасни како и тутунските цигари. Тие се поопасни од непушењето, а двојната употреба е поопасна од користењето само тутунските цигари. Постои потреба да се преиспита претпоставката дека употребата на електронски цигари обезбедува значително намалување на штетите кај сите болести предизвикани од цигарите, особено поради двојната употреба, напишаа авторите.

Секогаш мора да се има предвид дека електронските цигари се достапни само релативно кратко време. Кумулативната токсичност можеме да ја видиме дури за 10, 20 години кога ќе имаме пациенти што пушеле електронски цигари цели 20 години. Сепак, на крајот, е-цигарите промовираат двојна употреба и, следствено, токсичност на адитивите содржани во нив.
Откажувањето од пушење го намалува ризикот од кардиоваскуларни настани и прерана смрт за 40 отсто, дури и кај пациенти со кардиоваскуларни болести. Престанувањето со пушење го намалува ризикот од кардиоваскуларна смрт за 39 отсто, ризикот од големи несакани кардиоваскуларни настани за 43 отсто, ризикот од срцев удар за 36 отсто, ризикот од мозочен удар за 30 отсто и вкупната смртност за 40 отсто.
Откажувањето од пушење е најефективната мерка за намалување на ризикот, како што е откриено во метаанализата на 20 студии кај пациенти со коронарна срцева болест. Престанокот со пушење бил поврзан со 36 отсто намалување на ризикот во споредба со 29 отсто намалување на ризикот за терапија со статини, 23 отсто намалување на ризикот со бета-блокатори и АКЕ-инхибитори и 15 отсто намалување на ризикот со аспирин.
Авторите нагласуваат дека заместителните терапии со никотин се добро истражени и безбедни дури и кај кардиоваскуларни болести, како што покажа една американска студија во која беа вклучени пациенти што претрпеле срцев удар. Група од учесниците била третирана со никотински фластери 10 недели, додека другата група добила плацебо. По 14 недели, 21 отсто од групата со никотински фластери постигнале апстиненција наспроти 9 отсто од плацебо-групата (P =.001). Трансдермалната апликација на никотин не доведува до значително зголемување на кардиоваскуларните настани кај пациенти со висок ризик.
Германската апликација „Нонсмокер хироус“ се покажа како ефикасно средство за бихејвиорално терапевтско тренирање. Една неодамнешна студија за тоа опфати 17 студиски центри со 661 учесник. Околу 21 отсто од испитаниците имале хронична опструктивна белодробна болест, 19 отсто имале астма. Почетокот на пушењето се случил на возраст од 16 години. Испитаниците биле многу зависни: > 72 отсто имаа најмалку умерена зависност, > 58 отсто имале висока до многу висока зависност, а популацијата имала во просек 3,6 обиди за откажување. Односот на шансите за самопријавена апстиненција била 2,2 по шест месеци.
Според тоа, најсоодветен совет до сите луѓе, особено до младите е – престанете да пушите! Не користете ниту е-цигари зашто и тие се речиси во иста мера штетни како никотинските цигари. Пушењето треба да биде забрането во сите јавни институции, а особено во училиштата, факултетите, дискотеките и секаде каде што се собираат младите луѓе.