Битка за Македонија – Јованка во Уставот

Софија посака да се меша во измените на македонскиот устав. Не е точна интерпретацијата дека ние сме сакале и сакаме да учествуваме во тој и таков процес, изјави (појасни) бугарскиот технички премиер Галаб Донев во интервју за БТВ. Битката за Македонија, започната во далечната 1870 година како евтина „јадица“, продолжува и од историски план, како по обичај, се проширува и во зоната на најинтензивниот човечки свет – музиката, со свесно или смислено посегање и буричкање низ фолклорната ризница, како дел од стратегијата за континуирано разнебитување на македонскиот идентитет. Драматургија што црпи елементи од проверените закачки меѓу народите и народностите во вид на перфидна ревизија на духовните и нематеријалните депоа. Рационално, на прв поглед неразбирливи новите координирани негации на македонскиот народ и држава, кои сега синхроно ги прават соседите, се знак за предупредување до меѓународните релевантни фактори, но и мотив повеќе како ние да се справиме и да градиме стратегија за „одбрана“.
Дали и како да се штитат духовното наследство, гордоста и достоинството во услови на сѐ поагресивен глобален медиумски сервис? Дали и како воопшто е можна одбрана на идентитетот во сѐ посложените услови на електронското вмрежување во ерата на сеприсутниот интернет и „културата на далечински управувач“. При нашиот секојдневен медиумски обред, сурфање по ТВ-каналите и интернетот, откриваме вистини и приказни што континуирано нѐ декларираат како постинформациски особен вид некстериторијална преобразба, составена од одамна измислени случувања, митови, историски факти, украдени приказни, епски пеења, херои, востанија.
Пред некоја година народната песна „Јовано, Јованке“, бисерот на македонското духовна ризница, беше една од жртвите на континуитетот на балканската многувековна полемика. Во шоуто на Слави Трифонов, прочуениот бугарски политичар, мегазабавувач, кој со помош на кабелски оператори беше чест гостин и во нашите домови, прекрасната македонска балада е препеана и отпеана на бугарски јазик. Станислав (Слави) ја позиционира песната во Дојранската битка од Првата светска војна, во која бугарската војска се држела храбро, но под команда на германски офицер се повлекла за да не биде опколена.

Јовано, Јованке, крај Вардарот седиш мори
бело платно белиш,
бело платно белиш душо,
сѐ нагоре гледаш…

„Како прво, јас не сум ја превел ’Јовано, Јованке‘ на бугарски“, тогаш отсечно одговори Слави Трифунов, „зошто таа си е испеана на бугарски и нема што да се преведува, таа секогаш се пеела на бугарски и таа е дел од фолклорната ризница на државата со 1.300-годишна историја“. Во популарното шоу имаше уште серија невкусни забелешки за македонската историја и јазик. Како и ситуацијата кога „Јовано, Јованке“ ја пеат неосвестени Бугари (Македонци) итн.
Македонскиот музички фолклор во голема мера е симбиоза на повеќе балкански традиции и на Ориентот, еден особен вид балканска фолклорна дијацеза – одговараат елегантно и во европски стил македонските експерти. Народната песна нема стопан и проблемот со заштита на нашето музичко наследство е мошне сложен. Тешко е со сигурност да се утврди потеклото на некоја народна песна на ридестиот распеан Балкан.
Состојбите во етерот се вжештуваат и од виртуелната сфера се пренесуваат на теренот, каде што е во сила законот за заштита на нематеријалното културно наследство. Но тоа до ден-денес останува само како обид да се внесе европски дух, барем декларативно, а на Балканот ништо ново.
Континуирана телеприсутност е една од можните брани од силниот наплив на многубројни агресивни медиумски пропаганди, кампањи, негирања, кои се малку видливи и за кои стануваме свесни по збиднувањата. Денес во анализи на експертите, според степенот на продукциско ниво, во медиумите се оценува и нивото на економскиот развој и политичка зрелост во заедниците.
Наместо вниманието на гледалиштето да се затрупува со медиумски сурогати и потпросечни странски продукции, кои стануваат замена за нашата реалност, сопствената стварност секојдневно да ја градиме, обликуваме, пресоздаваме врз коректни технолошки стандарди и жанровски специфики. Да се вложува во проекти, во кои е вградена сопствената реалност, е врвен приоритет против скриените и видливите координирани деструктивни акции за разнебитување на македонската медиумска сувереност, нејзино пасивизирање и заплеткување во матни кобожемни транснационални текови. Убав пример и вистински уредувачи потег е популарната музичка продукција на ТВ Сител насловена „Мерак меана“. Убавите македонски песни одново и одново се пеат, препеваат и преслушуваат, при што се препокрива и голем празен и незаштитен медиумски простор оставен на милост и немилост, за тоа повеќе во некое наредно писание. Инаку, Драган (по мое Ѓорѓи) и Јованка крај Вардар и понатаму ќе ги плеткаат во матни транснационални текови и историски докрај недетерминирани конструкти, иако сите добро знаеме дека Охрид и Вардар секогаш биле, а и денес се во Република Македонија.

Аљоша Симјановски