Америка нема вечни пријатели или непријатели, има само интереси

Само Вашингтон може да ѝ стави крај на војната во Украина. Владимир Путин не сака да преговара со Зеленски, туку со американскиот претседател Џо Бајден

Не толку одамна, Хенри Кисинџер рече дека секоја победа е само цена што води кон уште потежок проблем, а токму тоа се случи во 1991 година кога се распадна Советскиот Сојуз. Колку и да звучи чудно, западните експерти во ниту една своја анализа не го предвидоа крајот на Советскиот Сојуз, ниту имаа стратегија за дејствување доколку се случи тоа. Падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Студената војна ги изненадија сите, особено американската политичко-општествена елита. Но не мина многу време и Западот попадна во хистерија на триумфализмот, прогласи победа на либералната демократија и крај на историјата.
Многумина западни и светски интелектуалци не ја прифатија оваа победничка атмосфера и предупредија на опасностите со кои светот ќе се соочи во иднина. Меѓутоа, западните лидери, особено оние во Вашингтон, не ги послушаа нивните совети. Во очите на западните лидери, крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз беа победа за Западот. Следствено, започнаа со обмислување на новиот светски поредок без да ги земат предвид интересите на другите играчи на светската сцена.
Првото круцијално прашање што Западот го дискутираше, а се однесуваше за целиот европски континент беше иднината на НАТО. Многумина велеа дека НАТО е реликвија на Студената војна, одбранбен сојуз што бил создаден како противтежа на моќниот Советски Сојуз. Сосема логично, некои повикаа на укинување на НАТО бидејќи советската опасност исчезна. Но во очите на Вашингтон, НАТО беше воспримено како алатка за проширување и зацврстување на американската моќ, како еден од темелите на новиот светски поредок.

Вашингтонската политичка елита го замислуваше северноатлантскиот сојуз како сојуз на либерални држави, набргу портите на НАТО беа отворени за многу држави од Источна Европа, држави што во минатото беа членки на Варшавскиот пакт и сојузници на Москва. НАТО со брзо темпо се прошири во Европа, меѓутоа некои од новите членки не се преобразија во либерални демократии како што се надеваше Вашингтон. Затоа денес во НАТО има авторитарни или полуавторитарни држави поставени врз принципот на клиентелизам, држави во кои владее корупцијата. Во овој „марш“ кон исток, Вашингтон направи уште една суштествена грешка, не ги зеде предвид потребите и интересите на Москва.
Затоа Кисинџер ја говори вистината кога вели дека секоја победа е само цена што води кон уште потежок проблем. Со децении, западните експерти велат дека антагонизмот помеѓу Западот и Руската Федерација постои поради автократското владеење, клиентелизмот и корупцијата, кои се протежирани од Владимир Путин. Но суштината на проблемот не е во тоа, голем број членки на НАТО и на Европската Унија се соочувани со автократијата и корупцијата, затоа и малите деца знаат дека причината за војната во Украина е проширувањето на НАТО во Европа, до границите на Руската Федерација. Доколку на овој начин ја согледаме војната во Украина, тогаш тоа не е војна помеѓу Украина и Русија, туку војна помеѓу Русија и Соединетите Американски Држави. Воениот конфликт во Украина е само кулминација на деградацијата на руско-американските односи.
Следствено, решението за војната во Украина се наоѓа во рацете на Вашингтон. Владимир Зеленски деновиве побара директни преговори со Путин, а во изминатиот период многумина светски лидери во директни разговори со рускиот претседател се обидоа да изнајдат решение за крај на кризата во Украина, меѓу нив беа Макрон и израелскиот премиер Бенет. Но западните дипломати не можат или не сакаат да разберат дека Владимир Путин сака да преговара единствено со Вашингтон.

Во оној момент кога американскиот претседател Џо Бајден ќе седне на преговарачка маса со рускиот претседател, тогаш ќе започне крајот на украинската војната.
Денес, Вашингтон ги отфрла преговорите со Москва и ги засилува економските санкции врз Руската Федерација. Причините за американското одбивање преговори со Владимир Путин се очигледни, бидејќи кога Џо Бајден ќе ги започне преговорите со рускиот претседател, Вашингтон ќе мора да направи политички отстапки во полза на Москва со што ќе се зголеми политичкиот престижот на Русија на светската сцена. Со други зборови, Вашингтон ќе мора да признае дека Москва е крупен играч во светската политика.
Во наредниот период, војната во Украина ќе продолжи, а ќе се засилуваат и санкциите кон Москва. Но во еден момент, американската политичка елита ќе разбере дека судирот со Русија ги ослабува позициите на Вашингтон во светот, особено во Јужното Кинеско Море. На крајот ќе преовладее максимата на Хенри Кисинџер: „Америка нема вечни пријатели или непријатели, има само интереси.“