Како да се заобиколи папата

Имам идеја! – свика мојот пријател.
Врз неговото стемнето од напрегнатост лице се појави парче светла надеж. Сите втренчено се свртевме кон него чекајќи го решението.

– Ќе излезам од дома – започна тој. – Лесно ќе се пробијам од Карпош низ Тафталиџе преку Нерези, па до средно Водно. Потоа ќе фатам накај Козјак, па преку националниот парк Јасен ќе тргнам назад за Скопје, ама од неговата друга страна и за два-три часа, ете ме на работа. Генијално, нели?

За миг сите воздивнавме со олеснување. Освен жена му. Таа упорно зјапаше во мапата на нивната населба симната од „Гугл мапс“.
– Сето тоа е океј – процеди таа. – Ама како ќе го изведеш тоа кога е затворена нашата улица? Не можеш да излезеш од дома, човеку.
Сите почувствувавме како расположението опаѓа.
– Вечерва ќе ја паркирам колата во Тафталиџе! – свика сопругот.
– А како ќе стигнеш до неа преку полицијата?
– Ќе одам на штули? – рече тој, гледајќи нѐ со очај во очите.

Парчето надеж од неговото лице падна на масата. Го зедов и го фрлив во пепеларникот помеѓу догорчињата.
Да расчистиме еден временски апсурд. Денеска вам ви е сабота, а мене вторник. Токму така. Вие ја читате колумната денеска, во сабота. Јас исто така колумнава ја пишувам денеска, ама вторник е. Крајно блесаво. Ама и сосема логично. Јас утре, во среда (тоа за вас е пред два дена), патувам за Љубљана и Пула, па бидејќи имам набиен распоред, нема да можам да ја пишувам колумната вообичаено, во петок. За вас тоа е вчера. Затоа моето денеска вам ви е пред три дена, а вашето денеска мене ми е за три дена. Така ви е тоа со времето. Не грижете се. Времето е пари, парите го вртат светот, а светот, колку и да сакате, не се врти околу вас. Океј, да се вратам тогаш на темата. Понеделник вечер, кај мене дома, имам гости.

Сите зјапаат во мапата на градот на своите мобилни телефони. За нив утре (вторник) е работен ден. Не работат луѓето во администрација. Како ли да стигнат на работа кога градот е под безбедносна окупација заради папата? Тензијата во мојата дневна соба е расфрлана насекаде како пајажина. Чекам да видам како ќе продолжи дискусијата.
– А може на пример… – започнува еден од моите пријатели.
– КАКО??? – свикаа сите.
– Не, не може ни така.

Краткотрајната еуфорија се врати во својата нормала, тегобна потиштеност. Потиштеноста повлекува расправија. Така започна расправијата полна очајнички обиди како да се најде решение за да се стигне на работа. Нема да навлегувам во детали, ќе го пренесам најинтересното.
– Мислам дека ќе ја искористам Водњанска.
– Не можеш, блокирана е. Освен ако не одиш под неа, низ канализација.
– Чекајте, бе луѓе, фатете обиколница, па преку Бит-пазар си во Центар.
– Не работам во Центар и не можам да стигнам до обиколницата, ми треба обиколница за да стигнам до обиколницата.
– Ех, да беше Коце градоначалник ќе направеше обиколница околу папата.
– Јас бидејќи живеам во Автокоманда, ќе фатам преку Велес, Прилеп, Битола и Охрид, а потоа преку Кичево, Гостивар и Тетово, ќе стигнам во Ѓорче Петров, бидејќи имам закажано на очно во турската клиника.
– Блазе си ти, а како јас да стигнам од Тафталиџе до Аеродром.
– Преку Водно, бе.
– Како, бе, преку Водно до Аеродром?
– Па, нели леташ со параглајдер? Качи се на врв со жичницата и летај до Аеродром.
– Видиш, тоа не ми текна.
– Јас се снајдов.
– Како?
– Едноставно. Бидејќи живеам во Влае, а работам на плац во Петровец, најдов едноставно решение. Одам за Приштина. Си резервирав авионска карта Приштина – Скопје. А од аеродром, еве кај ми е Петровец.

Некој жестоко тресна по масата со тупаница. Сите замолкнаа. Тоа е мојот молчалив пријател. И тој како и јас, цело време молчеше и слушаше. Сега сите сме ококорени кон него. Напнатоста се шири до експлозија. Дали тој го има волшебното решение како да се заобиколи папата и да се преживее денот нормално?
– Па, дали сме ние нормални? – свика. – Што кој мој го донесовме папата во Македонија? И тоа на наш трошок. Што воопшто сториле Римјаните добро за нас?
Настапи неколкусекундна тишина.
– Ни ги даде Изабела Роселини и Орнела Мути – со страв одговарам.
– Добро, Изабела и Орнела се топ, ама што друго направиле Римјаните за нас?
– Франческо Тоти – кажа некој.
– Тоти, а? – свика пријателот. – Добро, Роселини, Мути, Тоти се океј… ама што друго ни дале Римјаните?

Роселини, Мути, Тоти, си повторив во себе, каква халуциногена брзозборка. И така полека ја најдовме заобиколницата околу папата. Името и е „Монти Пајтон“. Тие секогаш се спасоносно решение. Особено ако реалноста околу тебе е летачки циркус.
Папата дојде и си замина. За мене тој е политичка фигура. Ватикан е политичка институција. Моќта и Ватикан заемно си служат. Така господарат. Исто е и со православните институции. Моќ и политика. Големите преку црквата ги уценуваат малите. Христос Бог, вооплотеното Слово, не дојде со телохранители и легиони полиција околу себе. Слезе меѓу најбедните, најгрешните, криминалците и безумните. Лекуваше, проповедаше блага вест, пострада и воскресна заради нас. Католичката и православните институции денес повторно го распнуваат со своето однесување. Господе Исусе Христе, Сине Божји, прости ни нам грешните, сè уште не знаеме што правиме.