Се прашувате зошто ве шетам низ една руска постмодерна приказна? Затоа што сметам дека Сорокин не раскажува дистопија во која минатото е сосема изменето и изопачено, туку суров реализам сместен во постмодернистичко доживување на стварноста. Оти ние ја живееме таа негова изопачена реалност
И додека племето Три Коси Црти се занимава со магариња, фризерници и пошти, великиот еврофирер побара приватно партнерство за нивните души и идентитети…
Уф, каква реченица! Како за почеток на книга од Владимир Сорокин. Баш сега читам еден роман од него. Името му е „Сино сало“. Почнува во иднината. Со Русија владеат шпиони. Домашни и странски. Многу се напредни. Вршат генетски експерименти со ДНК на славни руски писатели. Така создаваат крајно изопачени и мутирани верзии на Толстој, Достоевски, Ахматова, Чехов, Булгаков, Пастернак, Платонов и Набоков. Овие мутанти седат затворени и пишуваат грозоморни ствари. Но многу е поважно „синото сало“ што го лачат од своите тела. На луѓето многу им е потребно тоа „сино сало“. Поим немаме зошто. И додека цивилизациски напредните шпиони прават мутанти, собираат „сино сало“, имаат бескрајно чуден и перверзен секс, на осум нивоа под земја, живеат остатоци од старите Руси. Само мажи. Во постојани сексуални односи се со руската земја. Со нив владеат деца со огромни гениталии. Тие ги убиваат модерните за да им го украдат „синото сало“. И ним многу им е потребно. Поим немаме зошто. Ама праќаат едно од децата на пат во минатото. Во 1954 година. Оти сакаат да го трампаат „синото сало“ за нешто многу битно. Поим немаме што. И така стигнуваме во минатото. Во светот има три велесили. Советскиот Сојуз, САД и Третиот Рајх. Затоа што во Втората светска војна СССР ја победиле Германија. Потоа, СССР и Германија во атомска војна ја уништиле Британија.
Советите ги води Сталин, Рајхот е под власт на Хитлер, а со Америка владее Рузвелт. Американецот е познат по холокаустот. Убил шест милиони Евреи. За разлика од него, Сталин гради синагоги, еврејски училишта и убива само 50.000 Евреи годишно.
Сталин има повеќе семејни, отколку државни проблеми. Синовите му се трансвестити. Жена му има афера со најстариот син. И со Борис Пастернак. Затоа Сталин наоѓа утеха во прегратката на грофот Хрушчов. Овој пак има хоби, ѕверско измачување луѓе што потоа ги јаде. Како и да е, кај двајцата љубовници стига „синото сало“. Тие му ја знаат моќта. Ние поим немаме. Љубовниците решаваат да бегаат со „богатството“. Што подалеку од Берија. И така Сталин, неговото семејство, грофот Хрушчов и обезбедувањето составено од нинџи, со авион бегаат во Третиот Рајх. Кај високиот, долгокос, синоок и згоден рајхканцелар Адолф Хитлер и неговата сопруга Ева Браун. Со себе го имаат „синото сало“. Плус имаат таен договор со Химлер околу тоа „сало“. Врска немаме каков.
Звучи налудничаво, знам. Романот е илјадапати поналудничав. Се прашувате зошто ве шетам низ една руска постмодерна приказна? Затоа што сметам дека Сорокин не раскажува дистопија во која минатото е сосема изменето и изопачено, туку суров реализам сместен во постмодернистичко доживување на стварноста. Оти ние ја живееме таа негова изопачена реалност.
Ете, пред некој ден одбележувавме чуден датум. Единаесетти октомври. Почеток на борбата против административните реформи. Група млади антиреформатори се кренале на вооружен бунт против големата германска реформа во администрацијата. Во 1939 година, германскиот реформатор со австриски корен тргнал во светска борба за промена на бавната и неспособна администрација низ светот. Но тој не можел сам. Затоа вклучил свои соработници. На ова подрачје, големата административна реформа требало да ја спроведат Бугарите. Србите се покажале како неспособни. И така Бугарите дошле тука. На својата древна бугарска земја. Каде што пред десет века, потомците на ханот Аспарух, солунските Бугари, браќата Кирил и Методиј, ја смислиле древната бугарска азбука – кирилица. Составена од хеленски прабугарски симболи.
И што нашле тука бугарските административни реформатори? Еден ужасно нецивилизиран народ. И неписмен. Ниту знае да тренира магаре, ниту може да избере сирење, ниту е способен да се снајде на плажа во Кипар. Глуп, ама дрзок народ што мрази административни реформи. Исто како моќните антиреформаторски сили предводени од Сталин, Рузвелт и Черчил.
Времето ќе покаже дека овие тројца моќници биле крајно нецивилизирани. Да беа наместо нив Навални, Бајден и некој Тони Блер, на пример, немаше денес нивни наследници да бидат Путин, Трамп и Џонсон. Но генерално Хитлер ја оплеска реформата. Премногу посвети време на големото решение за Евреите. Тие проклети библиски антиадминистративци. Па, така, Сталин, Рузвелт и Черчил го поразија. Низ целата планета каде што тој водеше административна битка. И на оваа територија. Бугарите мораа да ги напуштат своите древни огништа, кои од времето на Исус Христов Бугарски ги поседуваа.
Во меѓувреме, Коминтерната го измисли Јосип Броз Тито. А измислените ликови милуваат да измислуваат. Нации, јазици, сенешто. И така, Тито дојде на овие територии и измисли нација. Ги нарече луѓето Македонци по својата омилена грчка овошна салата, „Македонија“. Со текот на времето Македонците заборавија на големата административна реформа на која ѝ припаѓаа. Заборавија дека се Бугари. За среќа, дојдоа нови времиња. Се појавија нови луѓе спремни да ги исправат сите административни грешки. Како тука, така и во светот. Па, така, оваа територија административно е бугарска, а тоа значи дека припаѓа на хеленизмот. Народот е племе Три Коси Црти. Зборува дијалект. Само уште да научи да тренира магариња, избира сирење и да се однесува цивилизирано на плажи во Кипар.
И во светот се случуваат големи административни исправки. Внуката на скандинавскиот бог на климата и громовите Тор, младата Грета Тумберг, конечно откри кого Валхала сака во борбата со климатските промени. Се вика Џо Бајден, татко на Хантер Бајден, сопственик на „Украина“. Инаку, „Украина“ е економски порносајт преку кој Хантер заработува милијарди и снима порноклипчиња. Дел од тие пари одат како спонзорство за проектот „Храбриот нов свет во 1984 нијанси на Длабокото грло“. Длабокото грло пак е држава, моќна велесила.
Длабокото грло, Светската здравствена организација и Соединетите Банкарски држави се трите сили што донесоа економска и умствената слобода во светот. Нивната валута ковид-19 е платежно средство во сиот свет. Паролите се: „Слободата е карантин“, „Маските се моќ“, „Војната е демократија“. Антифашистичкиот неолиберален фашизам е новото општествено уредување. Говорот на омраза спрема неистомислениците е слобода на говор. Среде оваа нова нормалност се издига Четвртиот Рајх во кој арогантно неспособните имаат право да бидат убави, богати и моќни, а умните се безумни, затоа што логиката не ти ги плаќа сметките.