Со операцијата „Преспа“ е пресечен Гордиевиот јазол, се очекува залечување на раните!?

Безмалку три децении односите меѓу Република Македонија (по ново РСМ) и Република Грција (РГ) беа оптоварени со еден ирационален и апсурден спор за името на нашата држава! Овој спор имаше мошне негативно влијание на односите меѓу двете соседни држави и создаваше недоверба меѓу нивните граѓани. Дијагнозата за лошите односи меѓу двете земји ја даде градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, со изјавата дека лошите односи меѓу Македонија и Грција се последица на глупостите на политичарите!

Непромислената изјава на челниците на ВМРО-ДПМНЕ дека наредниот конгрес на оваа партија ќе се одржи во Солун предизвика хистерија во Грција, се организираа милионски митинзи во Солун, во Атина и во други грчки градови. Со ваквите постапки, Грција се изрезили и си нанесе големи штети пред светот, кој не можеше да разбере како може една мала земја, која има пет пати помалку население од Грција, која е практично без оружје и која нема меѓународна поддршка за каква било експанзионистичка политика, да ја загрози Грција, која е членка на НАТО и на ЕУ? Светот, исто така, не можеше да го разбере ирационалното и апсурдно барање на Грција за промена на името на нашата држава, кое не е во согласност со Повелбата на ООН и со меѓународното право за самоопределување, така што настапи „стампедо“ од околу 140 држави што ја признаа нашата држава под нејзиното државно име Република Македонија!

Во моментите од пресудно значење за признавањето и меѓународното етаблирање на нашата држава, дилетантската македонска дипломатија направи серија грешки и глупости, кои придонесоа спорот со Грција да добие енормни димензии. Мошне невешто го бранеше името на нашата држава, наместо да го брани интегралното име на државата Република Македонија што ја содржи одредницата Република, која означува држава во регионот Македонија со меѓународно признаени граници кон сите соседни држави на поранешната СФРЈ, вклучувајќи и кон Грција и која нема територијални претензии кон која било соседна земја, македонското раководство го бранеше зборот, односно именката Македонија, при што наведуваше несоодветни примери Бретања-Британија, Луксембург, Америка и сл. Колку е важна одредницата Република може да се види во случајот со Кореја и Кина! На Корејскиот Полуостров постојат Народна Демократска Република Кореја (НДРК), или Северна Кореја, и Република Кореја (РК), или Јужна Кореја. Името на Кина е Народна Република Кина (НРК), а постои и Република Кина (РК), или Тајван, која има проблеми со меѓународно признавање и која НРК ја третира како нејзин составен дел! Голема грешка се направи и со усвојувањето на знамето со шеснаесет зраци за државно знаме на нашата држава, со погрешна процена дека може да прави трговија со Грција – „знамето за името“!?

Голема грешка беше направена и со задоцнетото барање за прием во ООН! Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина беа примени во ООН на 22 мај 1992 година, а Република Македонија барањето за прием во светската организација го поднесе дури во почетокот на 1993 година! Пред приемот на спомнатите нови членки пред зградата на ООН беа поставени 4 јарболи, српските медиуми најавуваа дека четвртиот јарбол е за РМ, но поради задоцнетото барање македонското знаме не беше истакнато! Историјата треба да даде одговор на прашањето зошто македонското раководство, во клучните моменти, се однесуваше индиферентно во врска со меѓународното признавање на нашата држава. Институтот за демократија од Берлин, на основа на анализа на изборите во РМ до 1995 година, дошол до заклучок дека РМ не ја посакувала независноста и дека таа ѝ била изнудена!

Цврсто сум убеден дека доколку во клучните моменти за признавањето и меѓународното етаблирање на нашата држава беше прифатена понудата на корифејот на македонската, југословенската и светската дипломатија Лазар Мојсов да ѝ помогне на Република Македонија, спорните проблеми во односите со Грција ќе беа надминати уште на самиот почеток! Меѓутоа, суетите на некои водечки македонски политичари беа поважни од интересите на државата и нејзините граѓани!

Во почетокот на првата деценија од новиот век во односите меѓу Република Македонија и Република Грција постоеше поволна атмосфера за решавање на заемниот спор, на тој начин што во името на нашата држава би се внела географска одредница и сo тоа име едноставно би се заменило привременото име ПЈРМ (FYROM), кое се користеше само за меѓународна употреба! Доколку спорот меѓу Република Македонија и Грција беше решен во тоа време, постоеја големи изгледи да се избегнат прашањата за иредентизмот, за крадење на историјата, за менување на Уставот на нашата држава, за ерга омнес и слично! Меѓутоа, односите меѓу двете соседни држави беа максимално искомплицирани со мошне скапиот, ирационален и апсурден проект „Скопје 2014“. Грција мошне вешто ја искористи антиквизацијата на поранешната македонска влада за рехабилитација на својата погрешна политика кон нашата земја и успеа да добие поддршка од демократската меѓународна заедница, што особено дојде до израз на самитот на НАТО во Букурешт во почетокот на април 2008 година. Три дена по овој самит до македонските печатени медиуми пратив напис „Македонија треба на Грција да ѝ предложи потпишување договор за пријателство и добрососедска соработка“, но ниеден медиум не го објави!? Доколку настапеше со ваква иницијатива, нашата држава ќе си обезбедеше привилегирана позиција и можеше да влијае на модалитетите на преговорите. Десетина години подоцна, со слична иницијатива настапи поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас, а документот што тој го подготви послужи како основа за усогласување на спогодбата од Преспа.

По речиси три децении се најдоа двајца „хирурзи“ што со операцијата „Преспа“ го пресекоа Гордиевиот јазол, меѓутоа постоперативниот третман носи ризици од нови компликации. Македонска опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најавува дека кога ќе дојде на власт ќе врши ревизија на спогодбата од Преспа, додека грчката опозициска партија Неа демократија најавува дека ќе ги блокира преговорите на РСМ со ЕУ за секое поглавје!

Спогодбата од Преспа е изгласана во парламентите на Македонија и на Грција и веќе се спроведува во живот. Таа е високооценета од земјите на евроатлантските организации и веќе со „едната нога“ сме во НАТО, а наскоро треба да започнат преговорите за зачленување и во ЕУ. Спогодбата од Преспа е резултат на компромис, која жестоко ја критикуваат националистичките структури од двете земји. Меѓутоа, иако тукушто почна да се спроведува, може да се забележи дека оваа спогодба веќе придонесува не само за намалување на тензиите меѓу двете соседни земји туку и за зајакнување на довербата меѓу нив!

Верувам дека Грците со текот на времето ќе согледаат дека воделе погрешна и ирационална политика кон нашата земја, дека без какви било причини ги понижувале македонските граѓани и дека добрите односи и соработка се од огромен интерес за двете соседни земји и нивните граѓани. Окуражува изјавата на професорот на универзитетот „Аристотел“ од Солун, Спиридон Сфетас, кој е член на грчкиот дел во мешаната македонско-грчка интердисциплинарна комисија, која треба да работи на надминувањето на историските, археолошките и образовните прашања: „Мислам дека за неколку години ќе сфатиме дека сме биле глупави во овој конфликт“ и изразува оптимизам дека времето ќе ги излечи сите проблеми и недоразбирања.

Добро би било да се размисли за иницирање билатерални проекти што би можеле да придонесат за натамошно зајакнување на заемната доверба и за унапредување на соработката меѓу Македонија и Грција, но и проекти од регионален и меѓународен карактер. Во контекст на регионалната соработка, добро би било Македонија да побара членство во квадритералата (Бугарија, Грција, Романија и Србија), за зајакнување на соработката во Југоисточна Европа. На основа на заемен договор, две, три или повеќе земји од регионот би можеле да се јават како кандидати за организирање разни културни и спортски европски и/или светски манифестации.