Фото: Маја Јаневска-Илиева

Конзулатот на Кралството Норвешка во Скопје денеска официјално отпочна со работа, а за почесен конзул на Кралството Норвешка во Скопје е назначен Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, кој исто така функцијата Генерален конзул на Кралството Данска ја извршува веќе 16 години.

На официјалното отворање на конзулатот, во присуство на министри во Владата, претставници на бизнис заедницата, на дипломатскиот кор, пријатели и деловни соработници, се обрати државниот секретар во норвешкото МНР, Ајвинд Вад Петерсон, кој го потенцира одбележувањето, годинава, на 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји.

Тридецениското партнерство меѓу двете земји, нагласи тој, е исполнето со разновидна соработка, ги поздрави напорите на Македонија како претседавач на ОБСЕ, сојузништвото во НАТО Алијансата. Петерсон ја истакна и поддршката за членство на земјата во ЕУ, подвлекувајќи дека Норвешка е најголем билатерален донатор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, преку која од 2019 година поддржани се 29 проекти во Македонија во вредност од 2,6 милиони евра, кои придонесоа за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во области како образование и здравство.

– Можам да кажам многу примери, кои веќе покажуваат дека Норвешка и Северна Македонија имаат долга историја на соработка темелена на заемно почитување и на споделени вредности. Преку дијалог и разбирање ќе продолжиме да ги негуваме односите на доверба. Норвешка е силен сојузник и партнер на Македонија поддржувајќи го вашиот пат, патот на вашата нација кон евроинтеграциите и ќе продолжи да негува одржлив развој во различни области. Заедно се бориме за мир, стабилност и просперитет, не само на блиските граници туку и глобално. Силата лежи во единството а прогресот се постигнува преку заеднички напори – порача Петерсон посакувајќи му успех во работата на почесниот конзул Мукаетов како влог во натамошниот развој на односите меѓу двете земји.

Мукаетов порача дека е чест да биде почесен конзул на Норвешка и дека целосно ќе биде посветен на унапредување на соработката меѓу двете земји.

– Јас и мојот тим ќе направиме се за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји кои се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката – рече почесниот конзул.

Новата функција на Мукаетов му ја честита и државниот секретар во МНР на Македонија Филип Тосевски, кој подвлече дека отворањето на почесниот конзулат претставува своевидна круна на годинашното одбележување три децении од билатералните односи меѓу Скопје и Осло. М.Ј.