Фото: МВР

Ќе добие ли државата тужба од граѓаните поради ограничувањето на правото на слободно движење по 12 февруари

Постојат неколку сценарија зошто државата ги донесе сопствените граѓани во ваква неизгледна позиција. Првата причина може да се крие во неспособноста на надлежните навремено да ја предвидат ситуацијата и уште веднаш да набават обрасци со новото уставно име, но не е исклучено зад сето ова да се кријат и некакви лукративни цели, односно граѓаните во кус период двапати да плаќаат за нови документи и на тој начин да го полнат државниот буџет. Нешто покрупна причина со политичка заднина би можело да биде дека на овој начин може битно да се влијае и врз изборниот процес, така што илјадници македонски граѓани нема да можат да се вратат во земјата и да гласаат на претстојните избори бидејќи ќе останат без можност да патуваат

Како што наближува 12 февруари, редиците пред пунктовите за замена на личните документи на МВР стануваат сѐ подолги и подолги, но веќе на сите им е јасно дека овој рок не само што не е достижен туку стотици илјади македонски граѓани по овој датум буквално ќе станат заробеници во сопствената држава без никаква можност да излезат надвор од нејзините граници.
Вината за ваквите состојби лежи исклучиво во надлежните институции, кои иако уште пред пет години знаеја дека постои рок до кога сите граѓани во државата треба да ги заменат личните документи, сепак продолжија уште три години да издаваат документи со старото уставно име.
Постојат неколку причини зошто државата ги донесе сопствените граѓани во ваква неизгледна позиција, да не можат да патуваат во странство ниту за одмор, ниту за бизнис, ниту за работа, а уште помалку за лекување, студирање, спортски и културни настапи, научни конференции и уште многу други активности за кои им е потребна патна исправа.
Првата причина може да се крие во неспособноста на надлежните навремено да ја предвидат ситуацијата и уште веднаш да набават обрасци со новото уставно име, па замената да се одвиваше во континуитет од 2020 година. Како втора причина не треба да се исклучат ниту некакви лукративни цели, граѓаните во кус период двапати да плаќаат за нови документи и на тој начин да го полнат државниот буџет. Дотолку повеќе што многу граѓани се принудени да вадат документи по итна постапка, кои се неколкукратно поскапи од обичната процедура. Како една од причините може да се наведе и влијанието врз изборниот процес, така што илјадници македонски граѓани нема да можат да се вратат во земјата и да гласаат на претстојните избори бидејќи ќе останат без можност да патуваат.

И додека причините за ваквите состојби пред шалтерите на МВР најдобро ги знаат оние што ги предизвикаа, едно е повеќе од јасно, дека во овој случај постојат несоборливи елементи на класична дискриминација врз македонските граѓани од страна на државниот апарат. Ним им е оспорено правото на слободно движење.

Тоа сега отвора и една друга димензија, граѓански одговор на институционалната неспособност со потенцијална тужба на сопствената држава пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур бидејќи на некој начин државата ги става во еден вид административен затвор, спротивно на нивната волја, без можност слободно да се движат по 12 февруари. Тужба пред надлежните домашни институции е многу помалку веројатна и би немала никаков ефект, имајќи ја предвид исклучително ниската доверба што граѓаните ја имаат и во институциите, но уште повеќе во правосудството.
Како една од опциите за канализирање на граѓанскиот револт е тужба против државата пред повеќе институции поради нивното загрозено право за слободно движење. Таков совет дава и народниот правобранител Насер Зибери, кој дополнително бара државата да им ги менува важечките документи на граѓаните на сопствен трошок.
– Уставот го гарантира правото на слобода на движење и прецизно одредува во кои услови тоа може да биде ограничено. Со неиздавањето валидни документи на граѓаните им се прекршува ова право. Тука мора да се земат предвид сите патувања, како лекување во странство, посета на семејствата, одмор, заминување на студии, работа, склучување бизнис-зделки и слично. Што се однесува на прашањето кому да му се пожалат, секој граѓанин може да поднесе претставка до канцеларијата на народниот правобранител, да достави поплака до МВР, а воопшто не е спорно дека заштита на своите права може да бара во постапка пред надлежните судови, како и пред Уставниот суд – вели Зибери.

Од своја страна, адвокатот Тони Менкиноски, кој во повеќе наврати доби многубројни парници пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, смета дека граѓаните имаат право да тужат бидејќи државата им го ограничила правото на слободно движење.
– Секако дека има основа за тужба против државата во Судот за човекови права во Стразбур токму врз основа на ограничување на слободата на движење. Тоа е апсурд. Другите држави не ни го забрануваат тоа, ни го забранува сопствената држава – вели Менкиноски.

Според него, Европскиот суд за човекови права во Стразбур веќе пресудил во полза на граѓаните по слична основа против Молдавија, така што нема основа и Македонија да не ја зафати истата судбина.
– Иако ваквото дрско и деспотско однесување за промена на патните исправи пополека претставува невозможна мисија, па и самите тие сакаат да ја пролонгираат, би ги потсетил само да имаат предвид дека ова не ѝ успеа и на Молдавија во случајот против Чиуботару, писател и професор по француски јазик. Тој ја победи Молдавија и ја стави на столбот на срамот пред Европскиот суд за човекови права за повреда на неговото право на почитување на приватниот живот. Нека не се надеваат овие антимакедонски гавази дека нема да ги снајде судбината на Молдавија – порачува Менкиноски.

Тој потсетува и на историјата, поточно на периодот од 1947 до 1953 година кога на Македонците во Бугарија им биле одземани личните документи и биле заменувани со нови.
– Тогаш во Пиринска Македонија, бугарската држава, обидувајќи се да ја задуши или да направи како никогаш да ја немало и како да не постоела „културната автономија на Македонците во Бугарија“, впрегнувајќи ги бугарските институции, им ги одзема старите лични документи на Македонците во кои јасно била наведена националноста Македонец и вршела замена со нови лични документи во кои стоела националноста Бугарин – појаснува Менкиноски.

Смета дека целата оваа операција има една и единствена цел, преку промена на документите да се влијае врз промена на идентитетот на Македонците.


НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАСЕР ЗИБЕРИ ДЕЦИДЕН:
Одговорноста за проблемот со личните документи има име и презиме – Владата!

Народниот правобранител Насер Зибери за јавноста појасни дека од правобранителството презеле повеќе иницијативи за надминување на проблемот со замената на личните документи, промена предизвикана од роковите поставени во Преспанската спогодба.
– Уште летото ние баравме Владата, односно државата да ги сноси трошоците за промена на личните карти како документ што според законските прописи е задолжителен за секого. МВР во одговорот на ова наше барање се повика на одлука на Владата со која министерството е задолжено да ги измени подзаконските акти за издавање на личните исправи, но дека не предвидела средства за надоместок на граѓаните. Грешката е направена кога по стапувањето во сила на измените на Уставот и стапувањето во сила на уставниот закон за спроведување на амандманите, на граѓаните им се издаваа документи со старото име Република Македонија. Тој посочува дека државата по стапување во сила на уставните измени не смеела да издава лични исправи со стари обрасци, односно со името Република Македонија, туку за сите граѓани требало навреме МВР да ги донесе подзаконските акти и да ги уреди обрасците за личните исправи, па граѓаните по стапување во сила на уставните измени да добијат исправи валидни во согласност со Уставот на РС Македонија.
– Лично сметам дека по усвојувањето на измените, Владата мораше на една од првите наредни седници заедно со МВР да изготви оперативен план за пристапување кон примена на уставните амандмани. Тоа подразбира давање еден временски роковник во кој прво ќе се пристапи кон измени на законите за патни исправи, за безбедност во сообраќајот, законот за лични карти и по измените на овие закони веднаш да се задолжи МВР да пристапи кон измени на подзаконските акти и правилници и обрасци, па по шест месеци Владата да биде спремна да ги снабдува граѓаните со нови лични документи во согласност со уставите амандмани. Тоа не е направено, што значи одговорноста за тој пропуст, односно одложувањето на уставите амандмани при издавањето на личните исправи, е исклучиво на Владата – истакна Зибери.