Фото: Игор Бансколиев

Власта и опозицијата и понатаму остануваат на своите позиции за уставните измени. За власта, уставните измени се отворање на патот кон ЕУ и оваа тема не треба да се киднапира поради партиски интереси, а опозицијата, која е против уставните измени, бара измените да бидат ставени на гласање и да се оди на избори.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, добро е што во Собранието почнала дебатата за уставните измени, а фактот дека нема реакции од граѓаните, експертите и невладините организации покажува дека нема ништо проблематично во овие измени.

– Ако имаше проблем со уставните измени, досега ќе вриеше од прес-конференции, ставови на различни експертски групи и невладини организации дека има нешто проблематично во уставните измени. Најважно е да се вратиме на содржината на измените и да видиме дали има нешто проблематично – рече вчера Османи, додавајќи дека недостигаат околу осум пратеници за потребното мнозинство за гласање на овие измени.

Опозицијата, пак, преку соопштение вчера потврди дека останува на ставот за неприфаќање на уставните измени под, како што велат, бугарски диктат и ја повика власта да ги стави измените на гласање.

– Над 80 проценти од граѓаните се против уставните измени под бугарски диктат и условувања кои оваа власт на Ковачевски ги тера на сила. Во државата главен суверен е народот и тој одлучува, но тоа СДС не сака да го види. Тие одат спротивно на волјата на огромното мнозинство на граѓаните. Впрочем и затоа бегаат од избори и соочување со народот како што ѓавол бега од темјан – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, не е точно дека фалат уште осум пратеника до потребното мнозинство за гласање, туку има пратеници од владејачкото мнозинство, вклучително и од СДСМ, кои се против уставните измени.

Шефот на дипломатијата Османи вчера истакна и дека не се прави бугаризација на државата со тоа што Бугарите ќе се внесат во Преамбулата на Уставот, туку со тоа што со секое доцнење во ЕУ, се поголем број македонски граѓани одат во Бугарија да бараат бугарски пасоши.

– И сега некој ќе ми каже дека со спомнувањето на Бугарите како посебно малцинство во Уставот ќе се бугаризира државата, а не со земање на пасоши со кои сами се пријавувате дека по потекло сте Бугари. Затоа сум кажал дека често се сомневам оти меѓу радикалите од двете држави има некој премолчен договор – ние ќе ја задржиме државата да не напредува, а вие продолжете со својата мисија за бугарски пасоши – рече вчера Османи.

Уверува дека нема да има нови барања од Бугарија. За ниту едно од 35-те поглавја, вели Османи и додава дека Договорот и Протоколот со Бугарија не е услов за отворање и затворање на поглавјата.

– Договорот со Бугарија е само во општиот впечаток за добрососедските односи, но за тоа не се гласа во Европската Унија. Нема да има ниту писмен извештај од страна на Европската комисија во однос на степенот на реализација на Договорот со Бугарија – категоричен е Османи.

Се друго, според него, е пропаганда за да се исплашат граѓаните, додека се изложени на процес на „пасошизација“.

– Најнепатриотски и најштетен чин кон државата е нашиот пасош да биде подреден на бугарскиот пасош. Овој процес на пасошизација е најголемата платформа за бугаризација – оцени Османи.

Потребата од носење на уставните измени го помина првиот собраниски филтер на Комисијата за уставни прашања. Пленарната седница за ова прашање е закажана за 18 август.

Според премиерот Димитар Ковачевски, уставните измени се работа, која можат да ја завршат само македонските политичари, без разлика на која политичка партија припаѓаат. Доколку не се изгласаат, за првпат блокадата за евроинтеграциите нема да дојде однадвор, туку одвнатре.

-Она што е најфрапантно е дека ние за првпат имаме политичар по 32 години независност, кој во јавна изјава вели дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал. На почетокот на оваа недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и треба да го објасни – изјави Ковачевски во петокот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека крајниот рок за гласање е 30 ноември кога завршува скринингот. Ако до тој момент не се промени Уставот, според Пендаровски, стапува во сила самоблокада.

Министрите во Владата од редовите на ДУИ вчера поднесоа писмени условни оставки од функцијата до премиерот Димитар Ковачевски. Од СДСМ го поздравија потегот и порачаа дека на потег е Христијан Мицкоски да покаже државнички капацитет и одговорност. Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму опстојуваат на позицијата за брзи избори.