Во пожарот кај Пепелиште се зафатени околу триста хектари површина, според проценките на пожарникарите на терен, се чека во гаснењето да се вклучи и хеликоптер, попладнево потврди за МИА, неготинскиот градоначалник Горан Стојанов. Гори трева и нискостеблеста шума.
Претходно, ЦУК информираше дека избувнал пожар кај неготинското село Пепелиште и се шири кон планина Серта, како и дека од Општина Неготино има барање за асистенција од хеликоптер.
– Регионалниот ЦУК Велес информира дека има пожар на отворен простор кај Пепелиште, во почетокот гореле сува трева и нискостеблеста шума. Но, според последните информации од терен, пожарот се проширува кон планината Серта. На терен се присутни екипа од територијалната противпожарна единица Неготино со осум пожарникари и две протипожарни возила и претставници од воениот полигон „Криволак“. Според нивна проценка, постои можност за разгорување на пожарот со тенденција да се прошири во правец на планината Серта – соопштија од Центарот.
Градоначалникот на Неготино доставил до ЦУК барање за асистенција од хеликоптер, за воздухопловна противпожарна поддршка на противпожарните сили што дејствуваат по земја.