Борбата против корупцијата е битка која е постојана и која нема да заврши кога ќе се приклучите кон ЕУ, туку таа мора да продолжи постојано, порача денеска ирскиот премиер Лео Варадкар на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Скопје.
На средбата со премиерот Ковачевски, тој истакна дека корупцијата ја има насекаде и може да се случи и во Европската Унија и таа не е уникатна за некоја одредена земја, или за некое одредено правосудство.
– Сметам дека треба да се гонат ваквите случаи, затоа што така се праќа порака до луѓето, дека доколку се впуштат во коруптивни дејствија нема да успеат – подвлече Варадкар.
Според него, како членки на ЕУ треба да го препознаат фактот дека корупцијата може да се случи и во нивната држава и во ЕУ.
Варадкар, одговарајќи на новинарски прашања, повторувајќи ја силната поддршка за зачленување на земјава во ЕУ, истакна дека оваа година ќе има нов состав на Европскиот парламент и Европска комисија, и оти би сакал отворањето преговори да се случи во мандатот на следната Комисија и следниот Парламент.
-Сметам дека тоа бара многу работа, тука во Северна Македонија, но ќе бара и соработка и помош и од другите европски држави. Би сакал да видам неколку земји што ќе се приклучат кон ЕУ во мандатот на следниот Парламент и следната Комисија. Сметам дека тоа ќе испрати силна порака до сите земји од регионот, дека преземањето чекори на европскиот пат, ќе бидат наградени. Не можеме секогаш да кажуваме дека нешто треба да се направи за да се приклучите кон ЕУ, а потоа да не се дозволи тоа приклучување. Сметам дека тоа е она што се случи со Украина, затоа треба да се забрзаат чекорите, а затоа е потребно забрзување од двете страни, забрзани реформи во земјава која сака да се приклучи, но и поголема подготвеност на ЕУ да прифати нови земји-членки, особено мали членки кои немаат голем број на население, и мислам дека нема да го попречат буџетот и системот што може да се случи со некое поголемо проширување – рече Варадкар.
Премиерот Ковачевски се согласи со неговиот ирски колега дека борбата против корупцијата е борба која никогаш не престанува.
-Таа секогаш има два елемента, прво е идентификување. И самото тоа што вие го потенцирате дека има корупција, тоа значи дека таа е видлива и откриена. И вториот елемент, е процесуирање од страна на надлежните органи кои се задолжени тоа да биде процесуирано и оние кои се сторители на одредено дело кое е противзаконско, да бидат санкционирани согласно со закони. Корупција има секаде. Корупција има и во Европскиот парламент. Таму беа идентификувани високи функционери кои беа вмешани во местење на доделување на земја домаќин на светско првенство. Тие беа идентификувани и процесуирани. Системот кај нас дозволува независно процесуирање на секој идентификуван сторител на кривично дело и затоа има задолжени институции кои не се во состав на Владата, туку се независни правосудни органи – рече Ковачевски.