Илустрација / Фото: МОН

На матурантката Тијана Силјаноска од гимназијата „Свети Климент Охридски“ од Охрид ѝ било оневозможено да го полага првиот задолжителен испит од државната матура бидејќи таа не била пријавена од страна на матурската комисија на училиштето, велат од Државниот испитен центар (ДИЦ).

Од тука појаснуваат дека согласно законот учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31 декември во годината. Потоа, следи процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15 февруари.

Училишните матурски комисии, како што се објаснува, списоците со кандидати ги проверуваат, а ако имаат направено грешки ги корегираат и потоа со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ.

– Во случајов од страна на комисија на „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска – се наведува во соопштението.

Родителот кажа дека неговата ќерка сакала да се запише на факултет по физиотерапија во Словенија, но без матурата таа е спречена, а вината ја лоцираше кај администрацијата и директорката во гимназијата кои направиле грешка.

Од училиштето потоа кажаа дека жалат за проблемот, а нивна заложба е да излезат во интерес на матурантката и родителите. Од тука објаснуваат дека списоците за верификација на податоците за државна матура биле доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ.

На матурантката ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија, објавија синоќа од гимназијата.