Фото: Влада

Нема отцепување од Алијанса зашто ние сме Алијанса за Албанците, изјави вечерва министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу од редовите на АА пред вечерашниот состанок на делегатите на Централното собрание на партијата кој го свика лидерот Арбен Таравари.

-Нема отцепување на Алијанса за Албанците, бидејќи ние сме Алијансата, другите се ДУИ-сти во Алијанса за Албанците така да тие дали ќе бидат заедно, дали ќе бидат на посебна листа, дали ќе формираат нова политичка партија не знам – рече Алиу.

Во нашиот политички систем, кажа Алиу првпат се случува една политичка партија да влегува и да прави политички процеси во друга политичка партија.

-Тука мислам на ДУИ, којашто делува и прави раскол во Алијанса за Албанците – рече Алиу, додавајќи дека според него вечерва на собранието се присутни над 85 од членовите.

Прашан да го искоментира предлогот за негово разрешување, кажа дека се уште не го видел мејлот и да види кој бара негово разрешување.

– Јас утре ќе бидам во Собрание, ќе држам мој говор, така што ќе видиме – рече Алиу.

За утре е закажана собраниска седница за разрешување на министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, двајцата од Алијанса за Албанците, кои го поддржаа актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари што се залага за предизборна коалиција со Европскиот сојуз за промени.