Службата за општи и заеднички работи денеска информираше дека во изминатите шест месеци преземени се активности за надминување на затекнатата состојба од претходното раководство. Како што стои во соопштението, воведен е механизам за строга контрола на сите службени трошоци со цел да се намалат непродуктивните патувања во насока на одговорно трошење и планирање на јавните средства.
– За кусо време, СОЗР стави крај на недомаќинското работење, ги оптимизираше трошоците за набавка на пијалоци и апетисани за потребите на државните органи, ги покачи цените на угостителските услуги во владините објекти, со што минато станаа привилегиите за избраните функционери, а во завршна фаза е и постапката за ставање крај на лошите практики за злоупотреба на службените возила, преку изготвување на посебен регистар и унифицирање на службените возила – наведуваат од СОЗР.
Според директорот на СОЗР Ивица Томовски, затекнати се запуштени објекти сопственост на државата и се преземаат активности за надминување на состојбите.
– Големо безредие и тотален хаос наследивме со државниот имот од кој 80 отсто имаше нерешени имотно-правни односи, затекнавме запуштени вили сопственост на државата, заборавени репрезентативни објекти. По извршена анализа на состојбите, конкретни чекори презедовме и во таа насока – вели Томовски.
Како што информира СОЗР, направен е анекс на проектот за реконструкција на Палатата АСНОМ, се преземаат мерки за заживување на комплексот „Македонско село“, а во тек е и реконструкцијата на Клубот на пратеници.
– СОЗР во моментов врши анализи на условите за изградба на втора фаза од Жичницата, од црквата „Св.Јован“ во Капиштец до Средно Водно, како и за доградба на зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, објекти кои шест години се во фаза на карабина – велат од СОЗР.