Христијан Пендиков зборуваше за нападот врз него во Охрид, во интервју за бугарската телевизија БТВ, пренесува „Макфакс“. Тој се пожали дека се соочува со закани и по речиси еден месец по инцидентот, а тврди оти има информации оти би можел да биде нападнат и во Бугарија.
– Бев во ресторан со моите пријателки. Дојдоа двајца-тројца и почнаа да ме напаѓаат дека сум Бугарин. Само со зборови. Зашто се нареков Бугарин, дека сум предавник. И такви работи. Ја земав јакната и излегов надвор. Одев сам до паркингот да си ја земам колата и да си одам дома. И таму се случи сѐ – кажа Пендиков.
Според него, тепачката траела најмалку 10 минути и додаде дека имало тројца напаѓачи. Пендиков моментно има деноноќна полициска заштита. Тој додаде дека им се заканувале и на неговата мајка, како и на негови роднини.
– Мајка ми постојано добива закани. И пишуваат коментари дека ќе ја убијат, дека сме предавници, дека треба да се иселиме од Македонија, дека не сме за таму. Сонувам дека еден ден ќе можеме да се вратиме во Македонија, да можам безбедно да кажам дека сум Бугарин и дека никој ништо нема да ми направи, не само мене. На сите нас кои живееме во Македонија и сме македонски Бугари – нагласува Пендиков.
Тој вели дека претходно не сакал ниту една од соседните земји на Македонија, односно дека тој не ги поднесувал Бугарите кога бил помлад.