Фото: Министерство за дигитална трансформација

Грант договор со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет – MkSafeNet, потпиша денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и партнерите на проектот.

Министерот Андоновски истакна дека со отпочнувањето на проектот се одбележува нашиот решителен чекор кон создавање побезбеден дигитален простор за сите граѓани на државата, а особено за најмладите.

-Во ерата на рапидна дигитализација, безбедноста на интернет не е луксуз, туку неопходност. Овој проект не е изолиран чекор, туку е дел од пошироката стратегија на Владата за дигитална трансформација на Македонија. Заедно со сеопфатните политички и стратешки документи и регулатива, центарот е камен во мозаикот на нашите заложби за реформи во процесот на вистинска дигитализација, евроинтеграции и претставува конкретен пример за тоа како соработката со ЕУ носи директни придобивки за нашите граѓани – рече Андоновски.

MkSafeNet ќе се реализира во текот на наредните 18 месеци и ќе вклучува студија со акциски план за конкретни обврски на секој од засегнатите чинители, формирање на Центар за подигнување на свесноста од заканите на интернет, телефон за помош (Helpline), Младински панел и Советодавен одбор.

-Визијата на Владата е да создадеме дигитално општество каде што секој граѓанин, без разлика на возраста, потеклото или способностите, ќе може безбедно и ефективно да ги користи придобивките на современите технологии. Тоа е инвестиција во нашата дигитална иднина, клучно за нашиот економски развој и за создавање на квалификувана работна сила за дигиталната ера – рече Андоновски говорејќи за значењето на проектот MkSafeNet.

Дел од средствата за проектот во висина од од 673.354 евра се обезбедени од Програмата Дигитална Европа, која предвидува вкупни 7,5 милијарди евра на ниво на целата Европска унија, а останатиот дел го кофинансира Владата во износ од 10.788.800 денари за 2025 и 2026 година.

На новинарско прашање колку во проектот ќе биде опфатена и борбата со дезинформациите со оглед дека интернетот е едно од местата каде тие се пласираат, министерот Андоновски истакна дека тоа ќе биде една од активностите на проектот, и оти со студијата на изводливост која е првиот елемент од проектот точно ќе се знаат активностите и чинителите кои ќе бидат задолжени и за оваа значајна тема.