Многу од овие приказни не успеваат да дојдат до општата јавност, па родителите се оставени сами да се борат со општата дискриминација

Родители ги споделуваат искуствата со дискриминацијата во обид да ја разбудат општествената свест

Приказната за малата Ембла ги освои симпатиите на јавноста под чиј притисок барем на еден ден се прекина дискриминацијата во нејзиното училиште.
Но, останува прашањето дали овој случај ќе ја промени општата свест за инклузивност на сите деца или сѐ ќе остане исто до следниот сличен ваков случај што ќе го актуелизираат медиумите.

Ембла не е единственото дете кое секојдневно се соочува со ваква или слична дискриминација. Многу од овие приказни не успеваат да дојдат до општата јавност, па родителите се оставени сами да се борат со општата дискриминација. Дел од нив преку социјалните мрежи ги споделуваат своите искуства, но и предрасудите со кои се соочуваат во македонското општество. Меѓу нив има и родители кои вложиле свој активизам во уривање на бариерите, признавајќи дека тоа во Македонија е сизифовски процес.

Поразени сме како општество

Мимоза Петреска Гергиева, мајка на девојче со Даунов синдром, на својот фејбук-профил го раскажа своето искуство, но упати и силна порака до сите оние кои имаат предрасуда кон лицата со попреченост.

– Читам за она што и се случувало на малата Ембла и нејзиното семејство од Гостивар. Ги познавам луѓето – прекрасни, одмерени, тивки. Ги запознав случајно и спонтано дојдовме до идејата нивната приказна да биде дел од книгата „Живот вреден за живеење“. Бев фасцинирана од топлината и посветеноста на нејзиниот татко, се сеќавам на очите полни љубов на мајка и. Во меѓувреме изгубивме контакт, понекогаш помислував на нив, се прашував колкава е и каде е сега Ембла – и ги здогледувам грдите наслови во медиумите, дека Ембла не е посакуван ученик во нејзиниот училиште „Башкими“ во Гостивар. Петицијата ја потпишале родителите врз основа на претпоставката дека Ембла е агресивна. Моето чувство е – пораз. Осумнаесет години од мојот живот посветив обидувајќи се да ја менувам свеста на луѓето за нивните пријатели, комшии, соученици, сограѓани со Даунов синдром. Тоа го правев како родител, како претставник на невладини организации, како човек, верувајќи дека сето тоа некој го слуша, есапи, разбира – раскажува Петреска Георгиева.

Таа водела кампања во која учествувала и ќерка и Илина во неколку македонски училишта преку сликовницата „Иван и Илина“ со цел да им го демистифицира ликот на детето со Даунов синдром на другите деца.

– Поминавме прекрасно. Децата беа воодушевени. Родителите исто така. Бев речиси убедена дека тој дел од работата е завршен. И дека флоскулата „подигнување на јавната свест за правата и потребите на луѓето со попреченост“ ќе оди на буниште. Дваесет и први век сме! И ни се случува Гостивар, ни се случуваат родители што пишуваат петиции да се отстрани дете со Даунов синдром од наставата. Како камен да ме тупна по глава. Па каде е одговорноста на училиштето за овој немил епилог, каде е одговорноста на инклузивниот тим во училиштето (психолог, педагог – некој?) кој требало да работи на процесот на инклузија на Ембла? До кога треба да ни се случуваат вакви грди нешта за да разбереме дека работите во коренот се погрешно поставени – вели мајката.

Таа вели дека е начисто со едно, односно дека децата не дискриминираат.

– Тоа го прават, наставниците, училиштето, родителите. И на ваквите случаи им се прогледува низ прсти многу пати. Сум ги имала и јас со мојата ќерка. Што е најстрашно, кога тоа ќе се случи, како родител се колебаш, дали да отпочнеш војна со сите овие луѓе, или во интерес на својот мир и мирот на детето да замолчиш и проголташ. До следното… Каде биле тие што не дискриминраат да застанат на страната на Ембла и нејзините родители? Дали е доволно детето да биде агресивно – за да го избркаме од училиште? Знаете ли колку мамини и татини синови без дијагноза во тој случај ќе летаат од школо? Во време на масовен булинг и мракобесие по нашите училишта – се води хајка против девојче со Даунов синдром?! Кога и типични деца секојдневно се трауматизирани од психичката и физичка тортура што им ја прават нивните соученици. Не ми се верува! Менталното здравје на младите генерации (зборувам за типичните деца) е најстрашното нешто што и се случува на оваа земја во моментов. И наместо сите заедно да работиме во правец на тоа школите да бидат мирно и безбедно место за сите, и кога домовите тоа не се, ние се нафрламе на ученичка со Даунов синдром. Поразена сум како родител и активист. Поразени сме како општество – заклучува Петреска Георгиева во напишаниот статус на нејзиниот фејсбук-профил.

Борбата е тешка, но нема попуштање

Познатиот македонски уметник, сликар, графичар и дизајнер, Зоран Кардула, на својот фејсбук-профил се огласи по случајот на дискриминирано девојче Ембла.
Тој е татко на дете со аутизам.

Фото: Дизајн Зоран Кардула, проект на ЕУ

– Целата оваа случка со Ембла ме врати можеби на најтешкиот период во мојот живот кога поминувавме низ една агонија со прифаќањето на Ерато во школо и борбата со родителите кои не сакаа нивното дете да учи со дете со аутизам. Тешка е таа борба, но нема попуштање. Затоа од искуството наше, сакам само да им пренесам на родителите на Ембла дека вашата ќерка ги има истите права како и секое друго дете, затоа немојте да попуштате на притисоците на родителите кои прво треба да се срамат поради ваквиот чин, второ ги лишуваат сопствените деца да научат повеќе за емпатија и прифаќање на различностите за што еден ден ќе им бидат благодарни, а и надлежните институции да превземат мерки поради ова нивното однесување – порача Кардула.

Уметникот е познат и по неговата книгата „Гуш и бац“, составена од 47 зборови, кои ги изговара неговата ќерка.

Како да се победи стравот?

Бранкица Јованова е мајка на седумгодишниот Максим, дете со Даунов синдром.
Таа ја сподели својата приказна, но и посочи дека нејзиниот син токму денеска слави роденден со своите другарчиња во градинка.

Фото: Приватна архива

– Не плачи за мене мамо, јас сум токму тука покрај тебе. Можеби не ги споделувам моите зборови и мисли гласно, но срцето го споделувам секоја минута. Не плачи за мене мамо, можеби сум различен од другите деца, но ти ми покажуваш секој ден колку различното е убаво. Не плачи за мене мамо, посилен сум отколку сто мислиш, се соочувам со светот и со сите потешкотии во него, знаејки дека си зад мене. Не плачи за мене мамо, можеби немам многу другарчиња, но оние кој ме познаваат, ме сакаат целосно. Не плачи за мене мамо, знам дека се плашиш од непознатите денови, ќе бидам добро, ти ме научи добро. Не плачи за мене мамо, ја гледам убавината во животот што другите не ја гледаат, и никогаш нема да ја дознаат. Не плачи за мене мамо, јас сум тука до тебе, само сакај ме за тоа што сум различен од другите деца, и целиот свет ќе ме сака – напиша Јованова на социјалните мрежи.