Фото: Маја Јаневска-Илиева

Има закани за цела Европа од нуклеарен напад, истакна меѓу другото претседателот на Здружението на Украинци во Македонија, Александар Урбанович, на денешниот протестен марш  во Скопје, организиран под слоганот „против војната и безграничната суровост од страната на Русија кон Украина“. Тој нагласи дека на протестот е дојден за поддршка на Украина.

– Сакам, земјата да се ослободи и да има мир – рече Урбанович.

Марјана Велковска од Здружението на Украинци во Македонија вели дека потребна е помош на сите граѓани кои се во Украина.

– Имам роднини таму, тие се подготвени да останат таму и да се борат за својата држава – изјави Велковска, додавајќи дека им е потребна помош.

Македонци кои го поддржаа протестот посочија дека војната мора да запре, а последиците од неа се чувствуваат секаде па и во земјава.

На плоштадот во Скопје, беа прикажани фотографии од состојбата во Украина, на кои се гледаат загинати лица, срушени згради и загрижувачката состојба во војната.

Предвидено е на плоштад „Македонија“ секојдневно да се собира и хуманитарна помош за Украина, како што соопшти здружението „Лесја Украинка“.

Ова е втор марш во главниот град против војната во Украина, откако Украинците кои живеат во земјава минатата недела одржаа протест пред руската амбасада во Скопје.