Со пораките „Не сакаме тава, сакаме права“, „Денеска марш, утре штрајк“ и „Држава што не постапува е држава што убива“, попладнево на плоштадот „Филип Втори“ во Скопје започна Маршот за женските права што се одржа по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
Заштита, сигурност, социјална и здравствена правда, како и економска сигурност за жените, се дел од барањата упатени од маршот.
– Да се биде жена во Македонија е да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш дали ќе го преживееме тој ден. Во 2023 година жените и девојките во државата ги мачат прашања кои ја прикажуваат реалната слика со родовата нееднаквост во земјата, изјави Ана Аврамоска-Нушкова проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Маршот заврши во Паркот Жена Борец, пред Собранието, каде присутните ги повторија своите барања до надлежните институции.