Одбележување на Европската зелена недела
По повод одбележувањето на Европската зелена недела, за утре е предвидена манифестацијата „Велородео“, која ќе се одржи во периодот од 11 до 14 часот во Градскиот парк, кај Школка. Настанот ќе биде реализиран од страна на „Екологик“ и е во рамките на проектот за охрабрување на децата и младите да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени, спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка на Шведска. Се предвидуваат возење велосипеди и дружење, како и едуцирање за животната средина и климатските промени. Покрај тоа, предвидени се и повеќе други активности – креативни работилници за цртање за најмалите, 15 експерименти и забавни активности, кои ќе ги опфатат темите за климатските промени, екосистемите, одржливиот развој, биодиверзитетот и загадувањето.
Од „Екологик“ посочуваат дека вежбите, активностите и експериментите ќе бидат адаптирани за деца со попреченост, како и дека креативните работилници, активности и експериментите за искуствено учење, како и игрите ќе бидат водени од познати уметници, едукатори и практичари на животната средина и климатските промени.
Организаторите напоменуваат дека се целосно посветени на координацијата и грижата околу активностите на децата, па затоа препорачуваат и апелираат секое дете да носи заштитен шлем. Доколку се случи некое несакано дејство при активностите, одговорноста е на родителот или старателот.