Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иницијативата „Зелен Хуман Град“ за утре најави протестен марш против аерозагадувањето во Скопје.

Протестот, како што соопштија од „Зелен Хуман Град“, почнува во 16 часот пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжува пред Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија.

– Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух – велат од „Зелен Хуман Град“.

Организаторите на протестот бараат од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето.