Фото: Игор Бансколиев

Многумина воопшто не знаат дека Скопје, како и Париз, има свој мост на љубовта. Тоа е мостот кај народот познат како Мостот на револуцијата или мостот „Мајка Тереза“. Мостот во непосредна близина на МАНУ, на својата ограда ги крие ветувањата за вечна љубов на двојките што токму таму, закачувајќи катанци, си се ветиле еден на друг

МОСТ НА ЉУБОВТА ВО ГЛАВНИОТ ГРАД

Скопје не е само град во кој има сообраќаен метеж, аерозагадување и диви депонии. Главниот град има и една друга, поубава страна, која за жал е потисната од гореспоменатите грди епитети што ѝ се препишуваат на метрополата. Скопје исто така е град што за многумина е романтичен. Неговите улици, Водно, кејот и Градскиот парк се само мал дел од немите сведоци на сите убавини што градот срамежливо ги крие, бидејќи никој не ги ни споменува.
Како сите да се фокусирани само на негативните работи, кои, за волја на вистината, одат рака под рака со секоја метропола и голем град како што е Скопје.

СО КАТАНЦИ СИ ВЕТУВААТ ЉУБОВ

Многумина воопшто не знаат дека Скопје, како и Париз, има свој мост на љубовта. Тоа е мостот кај народот познат како Мостот на револуцијата или мостот „Мајка Тереза“. Мостот во непосредна близина на МАНУ, на својата ограда ги крие ветувањата за вечна љубов на двојките што токму таму, закачувајќи катанци, си се ветиле еден на друг.
Иако нема многу, максимум дваесетина катанци, сликата и впечатокот што го оставаат потсетуваат на познатиот Мост на уметноста во Париз, кој беше преполн со катанци закачени од заљубени двојки од целиот свет.
Оваа практика започна некаде пред петнаесет-дваесет години и иако во последно време се искоренува, сепак е убава и позитивна. И за постарите и за помладите скопјани оваа практика е доста симпатична, бидејќи говори за љубов, а токму љубовта е моториката на секое живо битие.
– Симпатично е самото тоа што некој си ветил љубов токму тука. Иако можеби во тоа нема никаква вистина, важен е гестот. Она што јас сум слушнала од постарите, а кое е верување кај народот, со заклучувањето на катанецот, се заклучува љубовта, се запечатува за никогаш да не престане таа врска помеѓу партнерите. Овој мост говори за убавината на Скопје, ја покажува другата страна на градот – вели скопјанката Елица Стојановска.
Оние што имале шанса да го видат мостот над реката Сена во Париз велат дека воопшто нема споредба на двата моста. Тој во Париз претставуваше сериозна опасност за минувачите, бидејќи илјадниците катанци закачени на него ја загрозуваа конструкцијата.
– Нашиот е многу помал, со драстично помал број катанци. Сепак е убаво. Пред десетина години бев во посета на Париз и го имам видено нивниот мост. Тоа беше навистина убаво искуство. Катанец на катанец закачени, на сите нив напишани иницијалите од имињата на вљубените. Убава, интересна глетка – вели Ангела Трајановска.
Мостот на љубовта во Скопје не претставува ризик за безбедноста ниту за минувачите ниту за самиот мост, бидејќи мала е бројката на катанци што се поставени на него.
Градот досега нема реализирано акција за отстранување на катанците, бидејќи досега немало таква потреба.
Оттаму велат дека мостот „Мајка Тереза“ е изграден според утврден проект.
– При димензионирањето на стабилноста на оградата не се земени предвид дополнителни товари. Секоја статичка пресметка има резерви во определување на носивоста на конструкцијата, но во конкретниот случај не може да се каже конкретно колкаво оптоварување може да ја наруши стабилноста на оградата – информираат градските власти.

КАТАНЦИТЕ ОД ПАРИЗ БЕА ТРГНАТИ, НО СЕ ОВЕКОВЕЧИЈА КАКО СПОМЕНИК

Неколку години Мостот на уметноста во Париз ги нема познатите катанци. Отстранети се веќе осум години, бидејќи на него посетителите поставиле неверојатни 700 илјади катанци. Експертите за безбедноста на мостот проценија дека тие катанци тежеле колку 20 слона. Романтичната страна на мостот во 2014 година стана животозагрозувачка, бидејќи дел од оградата падна како последица на тежината со која беше оптоварена. За да се спречи таквата навика и да не се нарушува безбедноста на посетителите, градските власти донесоа одлука дека закачувањето катанци на оградата на мостот ќе биде казнива.
Сепак, не сакајќи да ги фрлат катанците на заљубените двојки што ги закачиле, сите катанци станаа дел од уметничкото дело на артистот Кармен Марискал.
Тој за медиумите тогаш изјави дека не сака катанците на љубовта да завршат на отпад, па сакајќи да ја зачува љубовната симболика, со нив направи мала куќа во срцето на Париз, која ги симболизира љубовта и посветеноста помеѓу двојките. Уметничкото дело го носи името „Дом“.

ОД КАДЕ ПОТЕКНУВА ОВАА ТРАДИЦИЈА?

Закачувањето катанци во знак на вечна љубов е традиција што потекнува од Србија, а не од Париз. Оваа практика доаѓа од Врњачка Бања.
Пред почетокот на Првата светска војна, додека сѐ уште војната не била на повидок, се вљубиле наставничката Нада и српскиот офицер Реља. Толку многу се засакале што си се ветиле еден на друг. Тоа било љубов за која зборувале сите и на која ѝ се восхитувале. Но почнала војната, со сите ужаси што може да ги донесе таа. Офицерот Реља заминува на боиштето во Грција. Заминува, но никогаш не се враќа, затоа што таму се вљубува во Гркинка, по што ја раскинува свршувачката со Нада. Нада, скршена од тага и болка, умира млада.
Бидејќи Нада и Реља своите средби ги остварувале на мост, по смртта на Нада, девојките почнале да закачуваат катанци на кои ги гравирале своите и имињата на свршениците, за да ја заклучат својата љубов и таа никогаш да не заврши како љубовта на несреќната наставничка Нада.

[email protected]