Од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција, реагира Програмскиот колегиум
Програмскиот колегиум на МКЦ реагира дека деновиве Младинскиот културен центар повторно е на мета на партиските игри.
-Вчера во попладневните часови постоечкиот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев кој 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири. Бидејќи, сега веќе екс директорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција – стои во соопштението од Програмскиот колегиум.
Ова се случува и покрај признанието, кое, како што велат од Програмскиот колегиум на МКЦ, дојде како круна на работењето со наградата „13 Ноември” за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, можеби и најголема во историјата на институцијата по повод 50-годишниот јубилеј.
-Годината почна со лоши вести за иднината на МКЦ. Првата е онаа дека буџетот ни е доведен до само 8 отсто од годишниот буџет со кој работевме минатите години, а веднаш потоа и последните случувања во начинот на инсталирање на директор во МКЦ. Овој допис доаѓа како потреба за разјаснување на ситуацијата која се наметна, истовремено и поради сомнежот во законитоста на овие решенија бидејќи со ова, се одбегнува повотрно можноста да јавно се спроведе отворен конкурс за директор, на кој отворено и транспарентно би можеле да се пријават сите квалификувани професионалци од областа на културата – се вели во соопштението на Програмскиот колегиум на МКЦ.
-Точно е дека ме условуваа да вработам двајца за да останам на позицијата – вели Ванчо Богоев.
Тој раскажува дека бил повикан кај секретарот на град Скопје кој побарал да ги вработи Арбен Шакири и сега назначениот в.д. директор.
-Објаснив дека Шаќири нема што да работи во МКЦ. Алексов можеше да пополни позиција која ќе се ослободи зашто вработен оди во пензија. Ми беше укажано што ќе се случи. За неколку дена, еве, нововработениот е назначен за в.д. директор, веќе му врачиле решение – вели Богоев.