Ни укинатиот ДУП, ни изјавите на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, дека пат до т.н. Плацеви на Водно нема да се гради, не ги спречиле градежните работи, тврдат граѓани од улицата „Питу Гули“ на Водно, кои до нашата редакција испратија соопштение за нивната реакција и фотографии од активностите на Водно.
Тие тврдат дека освен вербална расправија, вчера на спорната локација дошло и до физичка пресметка.
– Упорната борба на терен и низ институциите не ја спречуваат „Маркеза“ да продолжи да ги тероризира граѓаните на „Питу Гули“ – речиси 2 години. Откако пред 3 недели насилно низ шумата си направија пристап низ државно земјиште, вчера тоа го направија повторно низ дворовите на соседите и се разбира, со узурпација на државно земјиште. За нештата да бидат појасни – до спорната парцела не постои пристап. Фиктивниот пристап кој сака да го изведе „Маркеза“ е во форма на тунел кој не стои ниту во архитектонското решение, ниту во било која одобрена документација. Овој измислен пристап сакаат да го добијат насилно преку скалите на едниот сосед – на кој патем, последниве над 50 години тоа му е единствен пристап до неговиот дом и од друга страна, оградата на друг сосед која заедно со мермерниот плочник постои колку што постои и куќата – 60 години – наведуваат граѓаните од „Питу Гули“ во соопштението до јавноста.
Тие тврдат дека локалните жители веќе два месеца трпат закани, јавувања и вознемирување од оние кои стојат зад оваа градба.