Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје/Фото: Град Скопје

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тврди дека денес распишаниот оглас за 16 линии, на кој очекува да се јават приватните автобуски превозници, е ист со претходниот, на кој не се јави ниту еден приватен превозник, оти бараа да им се исплати заостанатиот долг од 1,5 милиони евра, објавува „Макфакс“.

– Апсолутна причина за блокадите беа дел лични, а дел политички мотиви. Не сакам да навлегувам во оние манипулации кои беа пласирани во јавноста, но таму има тековни побарувања. Вие кога имате склучено договор, за тој договор имате авансно фактурирање, тоа се недостасани обврски. За сето она кое што е тековно побарување од новиот договор, и она од претходниот договор, јавните превозници и ЈСП изнајдоа заеднички начин, продолжуваат понатаму, и тие обврски тековно ќе си бидат исплаќани како што тоа било наназад изминатите триесеттина години – рече градоначалничката.

Таа се надева дека откако ќе завршат двете недели, колку што трае огласот, ЈСП и приватниците ќе продолжат заеднички да го организираат јавниот превоз во Скопје. Арсовска најави дека со заеднички напори ќе се трудат да се обнови застарениот дел од возниот парк и кај приватниците, за што веќе формирале работни тимови кои ќе бараат решенија за сите предизвици.

– На наше големо задоволство, а верувам и на спротивната страна, најдовме заедничка платформа како да продолжиме понатаму. Соработката продолжува и на повеќе останати теми на кои треба да разговараме, особено имајќи предвид дека следи една голема реформа на јавниот превоз. Сакаме да се прилагодиме во целост на оние еко-стандарди што се неопходни за граѓаните да имаат не само квалитетен и брз јавен превоз туку еколошки јавен превоз кој што ќе биде во насока на тоа да имаме почиста и поздрава животна средина – најави Арсовска.

Приватните превозници, поради долг од 1,5 милиони евра, во ноември минатата година, прво престанаа да возат и се пожалија дека поради долгот немаат пари да купат гориво за да продолжат да ги извршуваат обврските, а потоа и го блокираа градот, па поради нив и ЈСП не можеше да сообраќа. Градоначалничката тогаш одбиваше да се сретне со претставници на приватниците, но ги прими на разговор откога избраа нови претставници за преговори.