Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалничката на Скопје рече дека не ја интересира политика и времето ќе покажа дали Градот Скопје ќе трпи заради караниците меѓи неа, ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Арсовска минатата недела го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и секретарот на Градот Ѓоко Велковски оти се сомневала дека го местеле тендерот за пречистителна станица, а потоа оставки од функцијата дадоа неколку директори на јавни претпријатија.

– Довербата дадена е од граѓаните да се чува буџетот. Таа доверба не смее да се изневери. И овие директори кои се именувани, нема да бидат заштитени, ако прават нешто спротивно на довербата на граѓаните – додаде Арсовска.

За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за тајни средби на Арсовска со луѓе од СДСМ, како и дека е нивни играч, таа вели дека верува на судот на граѓаните.

-На судот на граѓаните е да процени кој е во право во овој случај. Јас сум сама и немам проблем да застанам против сите, кога се работи за јавен интерес и кога се работи за заштита на она што го гледаме изминатиот период – вели Арсовска.

Прашана, дали таа е играч на поранешниот премиер Никола Груевски таа рече дека „нема контакт со никого и ниту еден политички лидер, поранешен, сегашен, надвор од професионалното, она што го извршувам од аспект на градоначалник на Град Скопје“.

– Немам мислење – одговори Арсовска на прашањето кое е нејзиното мислење за Груевски.

-Јас не се плашам од никого, а дали тие планираат да преземат нешто или не, тоа е нивна работа. Во моментов можам да кажам дека сѐ уште имам многу повеќе пријатели отколку непријатели – им одговори Арсовска на новинарите кои ја запрашаа дали се плаши за сопствениот живот и дали има многу непријатели.

На прашањето дали има замешано прсти во црната кампања што се води против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку закупените билборди низ Скопје на коишто пишува „кај се крие шпицниот градоначалник?“, Арсовска рече дека нема никаква врска со тоа и дека нема ни амбиции, а ни средства да се занимава со такви нешта.

За вработувањата во јавните претпријатија, потсети дека пред неколку месеци поврзано со случувањата со вработени лица во Комунална хигиена кои не оделе на своите работни места, а биле плаќани за истото побарала од сите јавни претпријатија да дадат извештај дали и во која мера ги почитуваат принципите за коишто Градот Скопје се залага, а резултатите вели ќе ги соопшти јавно и транспарентно и нема да дозволи штети по буџетот на градот.

-Она кое што го видовме во изминатите неколку денови дека се застанува на страната на одбрана на нешто што е неодбранливо, а тоа не се поставува прашањето како некој успеал за толку многу краток временски период без никакви критериуми и без никаков оглас да вработи над стотина лица во само едно од јавните претпријатија. Тоа сега е предмет на ревидирање и верувам дека самото тоа ќе докаже, ќе покаже кои биле целите за овие вработувања, кои биле потребите за ис тите и нормално верувам дека резултатите ќе ви ги презентираме јавно и транспарентно на некоја седница или прес-конференција -, рече Арсовска.

Таа дополни дека откако е градоначалник во град Скопје формално правно нема ниту едно вработување, а преку Агенција за ангажирање има само пополнување на оние работни места за лица кои ќе заминат во пензија или, пак, се префрлени во други институции или, пак, заминале поради лични или други причини.

– Градот Скопје го затекнав во состојба со над 700 вработени и не можам да имам точна и прецизна информација во секој момент за промените, меѓутоа од наша страна ќе ги добиете сите податоци – рече Арсовска во однос на вработувањата со договори.

Во однос на ЈП Водовод и канализација и нејзините тврдења за несовесно постапување за тендерот за пречистителната станица од страна на тпагшниот директор Златко Перински, кој си поднесе оставка, рече дека постапката се одвива кај надлежните органи.

– Треба да им дадеме доверба да си ја завршат својата работа најдобро што можат без никакво влијание врз нивните постапки – посочи Арсовска.

За другите оставки на директори од јавните претпијатија, нагласи дека се уште не се отпочнати процесите на ревизија, а со ревидирање на сето она што се одвивало таму ќе информираат соодветно за секоја од институциите.