Фото: Игор Бансколиев

Поскапувањата станаа секојдневна практика и речиси нема ден некој производ или услуга да не поскапи. Растот на цените никако не запира, ниту пак се гледа крајот на ова ценовно стампедо. Кој е излезот од ваквата состојба и што треба да направи државата за да им помогне на граѓаните

ИНФЛАЦИЈАТА НИКАКО ДА СЕ ЗАУЗДИ

Производителите на млеко и млечни производи најавуваат нови повисоки цени во малопродажбата, што дополнително ќе им го загрози стандардот на граѓаните.
Поскапувањата станаа секојдневна практика и речиси нема ден некој производ или услуга да не поскапи. Растот на цените никако не запира, ниту пак се гледа крајот на ова ценовно стампедо.
Деновиве битолските млекари побараа зголемување на откупната цена на млекото и исплата на неисплатените субвенции за испорачаното млеко на преработувачите во земјата. Доколку не се исполнат барањата за повисоки откупни цени, многумина од помалите сточари ќе бидат принудени да ги затворат фармите, а со тоа да предизвикаат и нова млечна криза во земјата.
Новите повисоки цени за млечните производи дополнително ќе го поттикнат ценовниот притисок врз граѓаните во Македонија, која се соочува со двоцифрена инфлација, која е повисока од земјите од Европската Унија. Во услови на висока инфлација, нашата централна банка, како и другите централни банки, презема мерки за ублажување на инфлациските притисоци, а очекувањата се дека во натамошниот период постепено ќе се стабилизира инфлацијата. Но засега не може да се очекува стабилизирање на цените на основните производи на домашниот пазар. И покрај смирувањето на цените на нафтените деривати, тоа не влијаеше на намалување на општото ниво на цените, а многу производители го задржаа претходното ниво на цените. Наспроти ова, домашните производители и трговци ги оправдуваат повисоките цени со „зголемени трошоци при набавката на суровините“! Но и покрај ова, остануваат сомневањата дали некои од економските субјекти ја користат кризата за остварување повисоки профити на сметка на крајните потрошувачи, кои мораат да плаќаат и повисоки цени.

– Кризата предизвика нарушување на глобалните пазари како резултат на промената на цените на енергентите и прекинатите синџири на снабдување. Тоа неминовно се одрази на висината на инфлацијата и на пораст на цените на основните производи. Кај одредени дејности, освен порастот на производните трошоци, се јави и помала понуда. Тоа дополнително се одразува на инфлаторниот притисок и на нестабилност на цените. Сите земји се обидуваат да го ограничат порастот на цените преку економските политики и преку централните банки, преку монетарната политика. Но можноста за контролирање на цените преку монетарната политика се ограничени, затоа што високите цени се предизвикани од страна на понудата. Фискалната политика има тесен маневарски простор поради високите дефицити во буџетите и зголемениот јавен долг. Во однос на идните месеци, очекувам порастот на цените на производите да продолжи. Моите очекувања се дека ќе има извесно стабилизирање на инфлацијата во вториот квартал на 2023 година – ни изјави професорот по економија Зоран Ивановски.
Бранимир Јовановиќ, економскиот експерт од Виенскиот институт за меѓународна економски студии, вели дека Европа се соочува со најголемата економска криза од Втората светска војна, која се манифестира преку највисокото ниво на инфлација.

– Поради војната во Украина, цените на храната, нафтата и гасот се дигнаа до небо, што донесе најголема инфлација од нафтените шокови во 1970-тите години. Во последните два месеца, храната и нафтата се стабилизираа, но цената на гасот и натаму расте, посебно во Европа. Со прекинот на испораката на руски гас за Европа, рецесијата е неизбежна. Тоа што можат да го направат владите е да ги ублажат краткорочно негативните ефекти и да се обидат да ја контролираат инфлацијата, колку што можат. Затоа се споменува и можноста за ограничување на цената на гасот и на струјата. Западен Балкан можеби не зависи толку од рускиот гас, поради нискиот степен на гасификација, но доколку се затворат европските фабрики, тогаш ќе се затворат и нивните доставувачи од Балканскиот Регион. Овие земји не можат да обезбедат економски пакети помош како Европската Унија, затоа што буџетските приходи им се помали, а и не можат повеќе да се задолжуваат. Социјалните проблеми на Балканот се поголеми – вели Бранимир Јовановиќ.
Сепак, како што забележува тој, инфлацијата во земјите од Западен Балкан е повисока од Европската Унија, а владите не направија доволно за да се ублажи растот на цените.

– Нема никакви мерки за зголемување на платите, а повеќето граѓани се соочуваат со помала куповна моќ. Нема и посебни пакети за помош за социјално загрозените категории граѓани. Основното правило на фискалната политика е дека државата мора да троши кога има криза, за да му помогне на стопанството, а тоа е првата работа што треба да го прават земјите од Западен Балкан смета – Јовановиќ.
Вториот начин, според него, е да е обидат да ја смират инфлацијата преку контрола на цените. За балканските земји е посебно значајно да се контролираат цените на храната, затоа што најголемиот дел од платите на граѓаните се троши на основните егзистенцијални потребни, односно за исхрана. Како трет фактор е и зголемување на минималната плата и платите на вработените во јавниот сектор и пензиите, за да се спречи инфлацијата да им ја намали куповната моќ на граѓаните, а со тоа да се продлабочува и економската криза. М.Ј.


Стравот од ризици ги пумпа цените!

– На високата инфлација, освен економските причини, како што се намалената понуда и прекинот на каналите за снабдување, влијаат и други фактори. Ова се однесува, пред сѐ, на перцепцијата што е присутна кај носителите на економските активности во земјата, за тоа дека во наредниот период ќе продолжат да растат цените на сите производи. Доставувачите на основните производи стравуваат од влошување на состојбите на глобалните пазари и во своите производи вкалкулираат и повисоки цени, за да се заштитат од евентуални ризици. Јас лично сум против економски мерки со кои ќе се ограничуваат цените на производите. Ваквите мерки имаат ограничено дејство и доколку продолжат да се применуваат се јавува опасност од недостиг од производи, што дополнително ќе се одрази и на висината на цените – ни изјави професорот Зоран Ивановски, во врска со прашањето дали високите цени на одредени производи на македонскиот пазар се должат и на неекономските фактори, односно на монополското однесување на одредени трговци и фирми, кои се обидуваат да профитираат во услови на висока инфлација во Македонија.