Наместо старите занаетчиски дуќани со традиционалните занаети во Старата скопска чаршија, сега гледаме продавници за бела техника. Старите занаети што порано биле побарувани, сега не се потребни и многу од нив не постојат. За традиционалните занаети, како коваштвото, јажарството, јорганџиството и казанџиството, е намален интересот од едноставни причини – нема заработувачка од нив и нема интерес за пренос на бизнисот на член од потесното семејство. Причините за намалената побарувачка на занаетчиски производи се должат на увозот на индустриски произведени производи и покрај тоа што тие не можат да се споредат со квалитетот и уникатноста на рачната изработка, кое купувачите го занемаруваат.

– Иако работиме со злато и сребро, мислам дека не само кај нас туку секаде има криза. Едвај оди бизнисот. Треба да имаме стандард за да го цениме трудот. Иако златото претставува луксуз и вообичаено е побарано од женската популација, порачки, сепак, има малку и нема голема продажба. Во однос на филигранството, иако имаме малку филигранџии, изминативе години некои занаетчии се насочија во оваа област, со надеж дека ќе биде побарана, но побарувачка речиси нема. Повеќето млади не сакаат да учат занает, а порано чаршијата беше полна со чираци и имаше заинтересираност. Занаетчискиот бизнис е за сите што се талентирани и сакаат да го прават тоа, можеби нема да бидат богати, но ќе имаат доволно – вели златарот и филигранџија Џеладин Асани од Скопската чаршија.

Занаетчиските дејности во минатото биле неопходни за едно општество. Особено во античкиот период занаетчиството било составен дел од општеството, кое овозможувало негово постоење и функционирање. Во тоа време се развивале градежништвото, кујунџиството, воденичарството и други занаети што биле потребни. Занаетите се создавале во согласност со потребите на населението во периодот во кој живееле. Додека, пак, во поновата историја, занаетчиството во Скопската чаршија било од голем придонес и дел од економијата во Македонија во текот на 19 век. Поволната местоположба и можностите што ги нудела Старата скопска чаршија овозможиле развој на повеќе занаети. Затоа биле застапени изработки од кожа, волна, восок, тутун, срма, свилен конец, везени производи од чоја. Кон крајот на 19 век се забележал застој во развојот на занаетчиството како последица на навлегувањето на европскиот капитал и појавата на евтините индустриски производи на пазарот. Затоа почнале да се намалуваат некои од традиционалните занаети и потребата од нив. Овој тренд во поново време и брзиот развој на индустријата направија голем дел од традиционалните занаетчиски дејности од кои егзистирале голем број семејства да исчезнат или да дојдат на работ на изумирање.

– Во ова време не можеме да зборуваме за опстојување на стари занаети, некои занаети не биле барани на пазарот на трудот и од таа причина не успеале. На пример, порано имало занает плетење и везење, со развивање на индустријата сега нема потреба од таков занает. Но во новите производи може да се забележат поранешните техники и мотиви. Имаме создавање на спој помеѓу старото и новото. Не се враќаат старите занаети, но се проткајуваат старите техники во новите производи – вели Снежана Денковска, извршна директорка на Занаетчиската комора – Скопје.

Според податоците на Занаетчиската комора, на територија на градот Скопје има 1.700 занаетчии регистрирани во регистарот на занаетчии. Од Занаетчиската комора-Скопје велат дека моменталната состојба и главните пречки на занаетчиите се недостиг од квалитетна работна сила на пазарот на трудот, нелојална конкуренција и преоптовареност со законски регулативи. За да се врати или одржи занаетчиството како гранка што ќе има удел во економијата во земјава, во 2011 година се изгласа акциски план што предвидува негова реализација од 2012 до 2020 година. Целта беше занаетчиите да добијат позначајно место во економијата во Македонија преку Стратегијата за развој на занаетчиството. Во Македонија првпат беше изработен ваков документ, со кој се предвидуваше занаетчиството да добие поголема конкурентност. Фокусот на стратегијата беше создавање услови за развој на просперитетни, пазарно ориентирани, иновативни занаетчиски бизниси, преку развој на модерни и потрошувачки и индустриски пазари. При крајот на 2018 година од досегашното спроведување на планот, според Занаетчиската комора, не е направено доволно за да се постигне оваа цел и да се овозможи конкурентност на оваа гранка.

– Конкурентноста на занаетчиството не е зголемена, затоа што конкурентноста значи нови пазари, презентација на занаетчиското производство во други држави, би 2 би (B2B) средби, сертифицирање производи за странски пазари. Значајни за конкурентноста се поддршката и развојот на иновациите во бизнисите, а во програмите за иновации што се објавуваат преку Фондот за иновации занаетчиите не можат да аплицираат, затоа што не се предвидени како можни субјекти за аплицирање. Наедно, во рамките на Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за субвенции за занаетчии се одвојува многу мал буџет за поттикнување на конкурентноста, претприемаштвото и иновациите, што важи и за средствата што се релоцираат преку предвидените мерки. Истите тие тешко можат да придонесат до потрајни и видливи резултати иако програмите во основа се остваруваат – вели стручната соработничка Анета Атанасовска од Занаетчиска комора – Скопје.

Оттаму додаваат дека голем број занаетчиски дејности имаат потреба од создавање клима и услови за развој, квалификувана работна сила, создавање квалитетно стручно образование и стручен кадар. Во занаетчискиот сектор овие работи се најпотребни, но исто така за да стане занаетчиството значаен фактор во економијата, треба да се работи на подобрување на имиџот на занаетчиството.