Екипите на Град Скопје ја почнаа реконструкцијата на улицата Васил Ѓоргов во Капиштец, на потегот од крстосницата со улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза (улицата Водњанска). На овој потег ќе се извршат целосна реконструкција на коловозот, во должина од околу илјада метри, обнова на оштетените делови од тротоарите, замена на оштетените рабници, како и корекција на крстосницата со улицата Франклин Рузвелт.
Улицата Васил Ѓоргов е тринаесетта реконструкција што ја почнува Град Скопје во оваа градежна сезона, а дел од сообраќајниците што веќе се реконструираат влегуваат во финалната фаза.

– Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Скопје за разбирањето, зашто ова што го прави Град Скопје на крајот на летото и на почетокот на есента е од вистински интерес токму на граѓаните. Метежот ќе заврши, а потоа, за неполн месец, на сите локации каде што работиме ќе добиеме целосно обновена или нова инфраструктура. Скопје нема алтернатива, освен да ја подобри инфраструктурата зашто безбедноста во сообраќајот, а особено безбедноста на пешаците и на велосипедистите, е примарна за секој од нас – рече градоначалникот Петре Шилегов.
За реконструкција на улицата Васил Ѓоргов ќе се вложат околу 20 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи треба да завршат во рок од 45 дена.