Од идната година по скопските улици ќе се возат триесетина нови автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел-возила на ЈСП, без клима и дополнителна опрема. Наесен би требало да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите. Тие ќе бидат нископодни, а планот е две третини од нив да бидат зглобни, а една третина единечни. Деталите за набавката на новите автобуси на прес-конференција вчера ги соопштија градоначалникот Шилегов и директорот на ЈСП, Кристијан Чушков.
– ЈСП Скопје за набавка на нови еко-автобуси донесе одлука за задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од еден отсто, три години грејс-период и седум години отплата, без вклучен грејс-период. За обезбедување на задолжувањето е потребно да се добие државна гаранција – рече вчера Шилегов.